Викингшки дневник бр.02 – Одам на екскурзии
Ова беше 10 дневно крстарење од Форт Лотердејл до Панама Сити. Крстарењето започна рано наутро кога после проверка на системите дали работат отидов на имиграциска проверка во терминалот каде што сите ние кои сме прв пат со Викинг бевме одбиени за И-95, парче хартија кое е неопходно доколку сакаш да излезеш од бродот на американска територија. Со оглед на тоа дека само Форт Лотердејл го имаме како американски порт, мене воопшто не ми беше гајле за ова. Дури и подобро, нема да можам да работам на терминалот, така што ако има проблеми со опремата за чекирање гости, јас нема да морам да излегувам и да ја решавам ситуацијата.
Првиот ден на
море беше сосема вообичаен во поглед на работа. Проверка на системите, играње
баго со гостите... Е сега веселото беше после работа, за прв пат отидов во
теретаната на овој брод. Видов што се има од опрема и на крај заглавив на
статичен велосипед кој доаѓа со програми за вежбање кои траат по пола саат. Е
сеа бидејќи јас немам возено велосипед од одаааамна, после 15 минути решив да
прекинам со вежбањето и да си одам во кабина.
Вториот ден немаше
ништо интересно преку ден, ама затоа беше мошне интересно преку ноќ. Стигнавме
во Козумел околу 9 навечер. Бевме докирани во центарот на Козумел, и веднаш
штом можев излегов надвор и тргнав пешки кон фери станицата, па продолжив
понатаму онака да видам што се има натаму бидејќи само еднаш имам одено после
фери станицата, со семејството на Клаудија во тојотата на мајка ѝ. Одев пешки
додека мислев дека ќе видам нешто интересно по што тргнав назад. Кога бев скоро
до бродот ги видов Селина со Мајара, бразилка од продавниците и Елизабет,
норвежанка од енџин департмент. Им се приклучив без да ги прашам дали може и
отидовме во Wet Wendy’s, мошне
интересен бар на отворено каде што имаше уште двајца момци норвежани од енџин
департмент. Е сега бидејќи веќе беше доцна понеделник бендот заврши со свирење,
меѓутоа келнерката цело време ни носеше пијачки и јадачки, така да беше ОК. Во
еден момент сфативме дека ние сме единствените гости па побаравме сметка и
тргнавме накај Но Нејм Бар. Но Нејм беше веќе затворен па тргнавме назад и
најдовме еден клуб каде што на влезот Лео и Петар од енџин департмент седеа на
маса веднаш до влезот по што сите се качивме горе на кат каде што продолживме
да пиеме. На крај Селина тргна да си оди накај брод бидејќи наредниот ден рано
почнуваше со работа, па тргнав и јас со неа. По пат си купивме кока кола од
продавница што работи 24/7.
Наредниот ден ми
беше малку тешко, малку повеќе. Ама успеав некако да станам, да се истуширам,
да јадам појадок и да се појавам на работа. За среќа се работеше во ред, така
да продолжив до кафематот во кру бар да земам дупло макијато да ми отвори очи.
Пред крај на утринската смена Дејан отиде на екскурзија а јас заминав во кревет
да дремнам малку. Потоа излегов до Мега каде што направив божиќен шопинг. За сикрет
санта купив еден куп фереро роше чоколади. Една метална кутија, една картонска
кутија со панделка како подарок и една кутија лампион. За себе си купив големо
киндер јајце од 100 грама :) Кога се вратив на брод Келвин беше во собата и со
него го поделив киндер јајцето, тој додуша малку проба само, ама искоментира
дека ова е многу убаво чоколадо, слатко, со богат кремав вкус. Му реков, да,
тоа е киндер јајце. Тој ми кажа дека во Кенија киндер јајцата биле многу скапи.
Кога ја виде играчката што ми се падна ми кажа дека можно е за своите синови да
им купи киндер јајца како она што го купив јас.
Четвртиот ден ова крстарење бевме во Белизе. Ова беше мој прв пат да стапнам во оваа земја, и тоа само затоа што Дејан ме стави да одам на екскурзија. Бродовите фрлаат котва овде на 20тина минути возење со чамец од бродот до копното. Мојата тура имаше зборно место на пристаништето. Откако се собравме сите, тргнавме да се качиме во автобус. По патот кој траеше саат време водичот Тереза зборуваше многу за својата земја. Белизе е единствена од централно американските земји каде што службен јазик е англискиот, само затоа што пред 2 века во битката за тоа парче земја англичаните успеале да ги победат шпанците и земјата била наречена Британски Хондурас. Кога прогласиле независност пред 40тина години го одбрале името Белизе. Најчести возила тука се половни возила увезени од САД. И после саат и нешто возење стигнавме до Алтун Ха, стар град на маите. За жал кога стигнавме таму почна да врне. Од целата група имаше само еден гостин што си понесе чадор од бродот и водичот го даде својот чадор на друг гостин. Останатите за жал моравме да купиме пончо од човекот што стоеше на паркингот пред Алтун Ха и ги продаваше по 5 долари. Јас бидејќи сум од шеќер, нормално извадив пари од новчаник и купив едно. На Алтун Ха по паузата за тоалет бевме поделени на две групи од по 18 луѓе каде што локални водичи ни зборуваа за наоѓалиштето, стариот град на маите Алтун Ха. По ова имаше прошетка и на крај враќање назад кон бродот. Кога стигнавме во пристаништето дождот стана пороен и возењето со чамец назад до бродот не беше баш пријатно, ама преживеавме.
Петтиот ден од крстарењето бевме на Роатан, остров кој му припаѓа на Хондурас. Бидејќи веќе имаше 2 брода пред нас моравме со чамец до пристаништето, ама за среќа ова беше пократко и попријатно патување, а и времето ни се погоди. Овде бев на екскурзија во ботаничката градина Карамбола. На паркингот додека чекавме да се собере групата, Џудит, сениор шорекс стаф кажа дека не и се допаѓа како изгледа возачот на автобусот, постар црнец со суканици. Јас и кажав да не се грижи, ова ќе биде автентично креолско искуство и така и бидна бидејќи кога стигнавме до градината тој отиде на погрешно место со автобусот па мораше во рикверц да се враќа и да не однесе на вистинскиот влез. Возењето во автобусот до таму беше скоро пола саат и водич ни беше Моли, млада девојка која живее блиску до пристаништето и работи како водич веќе 4 години. Во градината имавме друг водич која што ни ги покажа битните дрва таму (какао, махагони, манго и други) и ни кажуваше за нив. На крај пробавме локална чоколада и локални овошја, манго и банана. Во слободното време кое што го имавме Моли ни кажа дека зимава ќе оди во Швајцарија и за прв пат во животот да види снег. Јас и другите гости ја убедувавме да проба да скија :) ѝ велевме дека ако знае да вози ролерки нема воопшто да и биде проблем да научи да скија.
Во Костарика
повторно бев ИПМ и не излегов од бродот, ама па затоа кога се отворија
продавниците си купив парфем Мон Блан.
Наредниот ден
бевме повторно во Колон, Панама. Излегов релативно рано, дел од продавниците
уште не беа отворени, прошетав низ пристаништето и единствено интересно што
видов беа asics kayano 30 кои
ќе си ги купам откако ќе земам прва плата. Видов и неколку интересни чизми, ама
си викам, ех да знаев да не фрлам 150 евра за чизми пред да се качам на брод,
тука два интересни пара ќе купев за тие пари, ама... енивејз ништо не купив, се
вратив набрзинка на брод. Малку поинтересна беше вечерта бидејќи имавме бинго
за вработените на кое јас традиционално не добив ништо, дури ни 10 долари. Во
знак на протест отидов до кру бар каде што пиев пиво со Костас и Мери.
Последниот ден од
крстарењето поминавме низ целиот панамски канал и стигнавме во Панама Сити.
Вечерта Џозеф имаше организирано пица од Папа Џонс. Пицата инаку е сосема ОК
како за американска пица и истата беше залеана со неколку лименки пиво со
Дејан, Костас и Мери.
Ова крстарење
имам „специјални“ гости, Волас од Калифорнија. Кога стигаат гостите на бродот
ги пречекуваат неколку вработени. Една девојка облечена во бунад, традиционална
норвешка носија и уште неколку вработени од различни оддели. Волас кога
стигнале на бродот се погодиле кога Мери била на смена доле. Бидејќи госпоѓа
Волас кривела Мери се понудила да и го носи куферчето и тргнала да ги носи до
нивната соба, еден од фенси-шменси апартманите на бродот. За среќа се погодив
јас на истиот кат со нив и ги однесов до нивната соба која Мери претходно не
можеше да ја најде а јас ја знам само затоа што претходното крстарење откажа
телефонот во спалната па морав рачно да го ресертирам на лице место. Како и да
е, Волас воопшто не беа фини кон Мери. Неколку дена подоцна господин Волас го
губи новчаникот на екскурзија. Им кажав на Дејан и Мери дека инстант карма
завршила работа.
И за крај мојата
омилена активност, одење да гледам шоуа. Патем да пишам дека на Џејкоб ова му
беше последно крстарење, порано го завршува договорот и си оди дома. Поради тоа
отидов да го видам шоуто Дуети и беше мошне фино. Имаше секакви комбинации
помеѓу четирите вокалисти. Следно шоу на кое што отидов по препорака на Ден
беше Битлс Сонгбук, уште едно мошне фино шоу. И за крај на последниот ден од
крстарењето Кара имаше соло шоу во театарот. Нејзино прво шоу во кариера и беше
мошне добра. Се гледаше дека имаше трема, една од првите песни која ја испеа
беше Скајфол од Адел во 007 блокот од песни и како што е тешко да се пее песна
од Тоше, исто така е тешко да се пее песна од Адел, меѓутоа сите останати песни
ги испеа одлично. Најинтересно беше кога ја најавуваше песната од Селин Дион,
не онаа песна која што не е за пеење на брод, ќе испее друга песна, All
coming back :) Од трема дрдореше
малку повеќе ама на крај испадна како стенд ап комичар кој прави билд ап и на
крај мава панчлајн и сите во публика се смеат.
Следното
крстарење е повторно 10 дена, ама во обратна насока.
Comments
Post a Comment