Викингшки дневник бр. 21 – Толку многу промени
За почеток првиот
ден од крстарењето. Хулио си замина уште рано наутро. Веќе во девет и пол
требаше да биде на зборното место од каде што тој и уште еден куп други
вработени од бродот заминаа на аеродром и потоа на одмор. И сега, зошто да биде
едноставно кога може да биде комплицирано. Шефот од Базел, Мирсад правеше некои
апдејти на телефоните за чекирање на гости. Е сеа, бидејќи ова беше прво
качување на нови гости со новите сетинзи, испадна дека само еден од дванаесет
телефони работи ко што треба. Ги внесов назад на брод телефоните и ги поништив
апдејтите па некако протуркавме. Бидејќи бев сам, се изнатрчав тој ден.
Вечерта низ
канцеларија помина генералниот менаџер на бродот и ме виде како седам на
столчето за систем администраторот и ме праша дали дошла замената за Хулио.
Кога му кажав дека не дојде, тој само ги крена палците нагоре на двете раце и
кажа – you got this, и
замина.
Прв порт на ова крстарење беше Козумел. Во идеални услови би поминал неколку часови надвор тука, меѓутоа тој ден само набрзинка бев до Ноу Нејм Бар да се напијам едно турско кафе со кока-кола и да испазарам во Мега. Во Ноу Нејм Бар имаше вработени од Марс и од еден од бродовите на Вирџин. Поради ураганот Мелиса смениле рута на крстарење за да го избегнат. Седнав на масата на која веќе беа вокалистите од бродот, Џејсон и тројца офицери од енџин рум. Многу убава атмосфера, ама тој ден немав време за жал.
Потоа следеа
Белизе во кое се исплати да излезеш само ако имаш букирано екскурзија. Во Хондурас
бев ИПМ, па ден на море и Лимон во Коста Рика. Според камерата над бриџ од која
можеме да гледаме на телвизорите на бродот изгледаше суво надвор. На пола пат
од брод до терминал почна да врне. Среќа кафетеријата каде што одам на кафе е
веднаш до терминалот. Додека да завршам со кафето веќе огреа сонце.
Во Колон излегов,
повторно на кратко, за да земам милк-шејк од сладоледџилницата во трговскиот
центар, ама на крај земав се освен тоа :) Прво влегов во спортската продавница
да видам што има интересно. Имаше неколку работи ама си купив само две Фила
маички, две за 25 долари. Потоа во Келвин Клајн каде што долната облека е со
реален 50% попуст и на крај си купив таблет од ПанаФото. Мојот оригинален план
беше да потрошам до 10 долари, на крај завршив со 350 долари.
Во Панама Сити имавме качување на нови гости и вработени. Овој пат ги погодив сетинзите за апјдетот од Мирсад и само еден од дванаесет телефони не работеше, ама поради бавниот роаминг и овие единаесет телефони се мачеа. Друга беља во Панама е што на прием на гости работат млади деца, овај студенти кои работат со скратено работно време. Една група работи до два попладне по што доаѓа целосно нова група. Како и да е, помагав колку можев и на крај се вратив назад на бродот.
И тогаш стигна
Стефан, младо момче од Велес. Шефовите од Базел го барале да е качи на брод
додека тој сеуште бил на меден месец во Египет.
Друг баксуз е што Туркиш Ерлајнс му го откажал оригиналниот лет до
Панама па леташе наредниот ден и од аеродром директ стигна на брод, преморен.
Следниот ден почнавме да работиме заедно, да надоместиме за тие 10 дена што
работев сам на бродот. Овој период правиме и миграција на компјутерите од
Виндоус 10 на Винсоус 11 оперативниот систем. За среќа Стефан е многу подобар и
со знаење и со трудољубивост од Хулио. Интересен факт е што кога тој почнал да
работи за Викинг и на него Систем Менаџер му бил Дејан.
Секако морам да
им се заблагодарам на Дејан и Денис, претходните систем менаџери на Марс кои
сега се на Октантис и Поларис бродовите и сме во горе-доле иста часовна зона.
На сите мои прашања веднаш даваа корисни одговори.
Вториот пат во
Колон потрошив помалку пари. Повторно ме фати дожд, среќа во трговскиот центар
покрај големата има уште неколку спортски продавници па во таа за аутдор
спортови си купив шушкавец јакна. Малку скапичка испадна, седумдесет и пет
долари, ама планирам да ја носам наредните 2-3 години. Со новата јакна скокнав
до супермаркетот каде што си купив основни потрепштини. На одење назад си купив
милк шејк од јагоди. Не ми треба многу за среќа, еден милкшејк може многу да
промени во моето расположение.
Овој пат од Коста
Рика, Белизе и Хондурас излегов надвор во Хондурас. Минатиот пат бевме на
новиот терминал ама бев ИПМ, сега на стариот видов дека ништо се нема сменето.
Си земав ајс капучино, превкусно и си правев раат муабет со Питер, чиф
инжињерот на бродот.
И последниот порт, Козумел. Ден претходно се разболев и размислував воопшто не излезам надвор, ама Клаудија ми спомна за сладолед од Оххо и веднаш ме предомисли. Додека бев со нејзе во Веракруз, во нејзиното маало има Оксо кое работи 24/7 и често знаевме во ниедно време да тргнеме, кога пешки, кога со кола да си купиме сладолед. Излегов во исто време со Татјана, па и направив неколку фотографии по терминалот и потоа таа тргна десно, а јас лево. На местото каде што беше Хутерс конечно е отворен нов спортски бар и се вика Aqui + Ahora (сега и овде) кој што ќе морам да го проверам некој следен пат. На плоштадот имаа декорации по повод денот на мртвите. Во Оксо си купив сладолед и колачиња Ганситос и шише кока-кола на кое пишува сподели кока-кола со Рената. До сега немав видено шише со името на другарка ми Ренка-Манекенка и морав да го купам :)
На враќање назад
се враќав со Петар од енџин рум. Јадниот тој бараше саатџија да му го поправи
саатот. Сите продавници на Козумел се за продажба на саати, не за сервис. Како
и да е, си направивме муабет за тоа кое место е подобро, Козумел или
Македонија. Интересното беше што тој велеше дека Македонија е 100 пати подобра
а јас му викав дека и двете места се подеднакво за никаде, ама овде барем има
магија во воздухот.
Од активности на
бродот после работа, имаше различни работи, јас само бев на спа вечер да се
испотам малку во парната соба. Другите активности ги прескокнав од премореност.
Единствено бев на Халоуин. Едноставно морав, во Монтреал потрошив шеесет долари
на костим, морав да го искористам. Испадна одлична журка иако поради дожд беше
преселена од кру бар во мензата за офицери. Имаше доволно маскирани луѓе, некои
маски беа мошне интересни. Готвачот Талент од Јужна Африка малку претера со тоа
афро-битот ама океј беше музиката генерално.
Овој дневник го
пишувам веднаш по Козумел бидејќи сеуште сум медикал офф а и онака последните
два дена од крстарењето не се случува ништо интересно. Следното крстарење е
стандардното четиринаесет денови од Флорида до Панама и назад.






Comments
Post a Comment