Викингшки дневник бр.23 – Клаудија повторно дојде на Марс

Овие две недели беа полни со настани и интересни средби. После 10 години повторно ја видов Карен. После 5 месеци повторно ја видов Клаудија. Па да почнам со ред.

Прво пристаниште на ова крстарење беше Очо Риос на Јамајка бидејќи Монтиго Беј сеуште е во многу лоша состојба. Деновите пред тоа Жељка ми кажа дека ураганот Мелиса и ја оштетил куќата на Карен и дека и пуштила пари по Маниграм бидејќи тоа бил единствен начин на кој таа можела да и прати помош. Ме замоли да ѝ пишам за да се најдеме и да и помогнам на некој начин. Ѝ кажав на Жељка дека последниот пат кога ѝ пишав на Карен таа ме остави на сиин, ама таа инсистираше да и пишам. Овој пат успеавме да се договориме за да се најдеме. Во меѓувреме и пишав и на Емилија, ама таа беше веќе вратена во Македонија.

Кога стигнавме во Очо Риос имавме и дрил, и дрилот траеше подолго од очекуваното, ама веднаш штом заврши истрчав надвор. Пристаништето има два влеза кои се малку оддалечени еден од друг, едниот за пешаци и другиот за возила. Последниот пат кога Карен била со брод таму влезот за возила бил користен и за пешаци па ме чекаше таму. За среќа еден од таксистите кој се надеваше да ќари да вози некого од бродот и сврте на Карен на телефон и се најдовм на пола пат помеѓу двата влеза.

Од тука продолживме кон првиот бар/ресторан што го најдовме. Карен порача рум со газиран сок, јас порачав Ред Страјп пиво. Поминаа 10 години од нашата последна средба кога по сплет на околности се најдовме на аеродромот во Барселона. И дадов кеш некој долар и мојот стар пауер банк за телефон (нов не успеав да купам бидејќи тие на бродот се продале веќе). Се муабетевме за тоа до каде сме во животот. Многу и е жал за тоа што се случи на Дизни Фентази во 2014та, ама тоа е... Ѝ кажав дека Жељка ме натерала да ѝ пишам, дека оригинално немав намера, а Карен ми кажа дека Жељка се уште има трауми од тоа утро кога не виде како се бакнуваме во ходникот пред нејзината кабина на Дизни Меџик.

И сега зошто Очо Риос и Охрид треба да се збратимат. Имавме порачано две порции ракчиња, едно пиво, два рума и стига сметка 9660 јамајкански долари, или што би рекол гугл 61 долар или курс околу 160 јамајкански за 1 американски долар. Вадам 70 долари и ѝ викам на келнерката, задржи кусур. Таа ми вика чек малку... зеде калкулатор и почна да смета и ми вика 74 долари треба да платам, по 130 го сметале доларот. Дадов уште 5 долари и моја нога веќе не стапнува таму, а следниот пат ќе побарам како точно беше името на местото и ќе пишам опширна рецензија на гугл мапс па нека ми праќаат мејлови со барање да ја тргнам рецензијата.

Како и да е, тргнавме назад кон бродот и седевме пред влезот од пристаништето и се муабетевме се додека не дојде време кога јас морам да се вратам назад на бродот. Следен пат бродот ќе биде во Очо Риос на втори февруари и се надевам ќе ја видам пак.

После Јамајка следи Колон, Панама. Тука излегов и вечерта кога стигнавме, и наредниот ден преку ден. Вечерта првин бев до Супер99 да купам потребштини. Додека чекав ред на каса пред мене имаше една дражасна госпожа, црна, висока ко мене, газот како од рап видео од 90ти. Јас имав сикспек кока-кола пластики од пола литро меѓу другите работи. Ми кажа дека сака да и дадам едно шише, ја боли стомакот... Си викам, ахх да беше другар ми Кришо тука... Не за друго, неговиот шпански е подобар од мојот.

Потоа традиционално си земав милкшејк од сладоледџилницата во трговскиот центар и седнав на масата каде што веќе беше седната Су. Ова беше нејзина последна вечер на бродот пред да замине утре на заслужен одмор, ама милк шејкот е премногу добар да не излезе од бродот. Таа замина пред мене за да го доврши пакувањето куфери. Кога јас тргнав назад кон бродот ги видов Марија и Катерина па свртевме круг низ трговскиот заедно. Се беше затворено освен рестораните кои веќе полека затвораа. Ме прашаа дали има друг пат накај бродот бидејќи кога доаѓале поминале покрај казината и ресторанот до нив и некој ги молеле да седнат со него и тие му кажале дека ќе седнат кога ќе се враќаат назад кон бродот. Јас им реков да намаат гајле, знам пат и поминавме покрај супер маркетот.

Наредниот ден излегов заедно со Лорна од хаускипинг. Млада девојка од Кенија, прв пат на брод. Нејзината најдобра другарка замина на одмор па ме замоли за друштво. Барав подарок за сикрет санта, ама во спортската продавница немаа тоа што ми треба, а ни во Минисо немаше баш тоа што барав. Лорна немаше намера да пазарува па седнавме на еден милкшејк кој нормално дека и се допадна ептен. Подарокот за сикрет санта го најдов во Outdoor Activities продавницата и се вративме назад на брод.

Во Коста Рика бев ИПМ, па мое следно излегување беше во Хондурас. Се шуткав низ продавниците колку да ми мине времето и на крај седнав во барот бидејќи ги видов Џејсон, Ен и Луиза од Спа одделот. Потоа дојдеоа и вокалистите и од масата што беше на плочникот се префрливме на шанкот во базенот а и подлабоко во базенот потоа. Јас немав намера да одам во длабокото, што и не беше баш длабокото, метро и нешто само, ама Ен ме испрска толку многу што си реков заеби, ќе се сушиш Тончи после на брод. Ен ми кажа дека погрешно сум облечен, секој Хондурас е за костими за капење.

И сега она најбитното ова крстарење. Денот Д, Денот кога повторно ќе ја видам Клаудија. Последен пат се видовме на аеродромот во Мексико Сити на почетокот на јули. Оригиналниот план беше да се најдеме на влезот на пристаништето во осум и пол. Јас излегов некоја минута пред тоа и ѝ пишав дека веќе сум надвор. Таа само ми пиша, ауч, извини уште сум во местото каде што сум сместена и ми пушти локација. Овој пат за разлика од февруари најде место што е поблиску до пристаништето. Оригинално требаше да биде заедно со Вања, шоп менаџерката, ама таа отишла кај некоја другарка.

Како и да е, таман кога стигнав до местото Клаудија излезе надвор. Ми кажа дека косата и е хаос, ама јас и реков дека тоа воопшто не е битно, битно е дека сме повторно заедно и тргнавме кон Коразон Контенто. За тоа место пишував подетално во седмото издание на мојот дневник. Кога стигнавме видовме дека е затворено, во недела не работат. Веднаш до вратата имаше знак со работното време и најдоле беше напишано дека во недела и тие одмараат. И бидејќи бевме гладни продолживме по улицата и влеговме во пекарата/традиционален мексикански ресторан Сукре. Порачавме традиционален појадок за Клаудија и јајца Бенедикт за мене. Клаудија ми кажа дека во некоја игра што ја играла го крстила својот карактер Бенедикт :)

Не дека бевме гладни, ама појадокот беше навистина вкусен. Клаудија кажа дека моите јајца биле многу пуфнати и убави на изглед. Размислувавме да земеме и палачинка, ама планот беше да јадеме сладолед од Оксо, а Оксо продавница имаше веднаш до Сукре. Земавме од нашиот омилен капучино сладолед и седнавме на клупа на плоштадот. Гледавме кученца и уживавме во пријатното време. Сладоледот го изедовме по пат ама направивме фотографии со дршките во уста :)

Клаудија сакаше да изгледа елегантно кога ќе стигне на бродот па попат се пресоблече во син фустан. Овој пат направивме многу кратка прошетка низ бродот бидејќи веќе го виде во февруари. На спа рецепцијата ја начекавме Ен и Клаудија ми кажа дека многу ја потсетува на Лиамор, нејзината колешка од Дон. Од тука се упативме кон мојата нова кабина. Цимерот се уште спиеше па тргнавме до бифето на ручек. Бидејќи беше гужва се качивме до кру бар. Многу ѝ се допаднаа новите столчиња со перничиња. Ѝ кажав за готвачката која спие на овие столчиња за време на пауза а Клаудија кажа дека и таа би спиела од што се комфорни.

По саат време се спуштивме назад во бифето и веќе немаше гужва па седнавме да каснеме ручек. Наоколу се погоди Демијан од Аргенитина, вински специјалист на бродот. По ова заминавме во Но Нејм бар на турско кафе каде што та-дааам, повторно го видовме Демијан. На Клаудија многу ѝ се допаднаа шорцевите кои ги носеше тој. Додека шорцевите на Франко од Дон се премногу драматични, овие на Демијан беа суптилно елегантни.

Следна станица, Соријана МЕГА. Мене ми требаше само ќеса за подарокот за сикрет санта и кока-кола, и гансито колачиња, нормално. Клаудија спомна дека сака да купи работи за да си готви јадење додека е во Козумел, ама сепак не купи ништо, кажа дека сака да пазари во Оксо кое што има продавница веднаш до местото каде што беше сместена. Немав многу за пазарење а имавме доволно време и се шуткавме меѓу полици и коментиравме за разни работи. Ахх... со Клаудија и обичните активности се забавни.

Интересна работа за местото каде што беше сместена Клаудија овој пат е што веднаш под телевизорот има ди-џеј контролер. Клаудија нема да го користи, меѓутоа фин момент е. И креветот е многу комфорен, за муабети до бескрај. Клаудија ми ги покажуваше новите стрипови кои ги открила неодамна.

Кога се стемни тргнавме пак кон плоштадот да каснеме маркеситас. Се прават слично на палачинки, ама овие се крути кога ќе се направат и се карактеристични за полуостровот Јукатан кој е веднаш до Козумел. Како и минатиот пат јас зедов маркесита со нутела а Клаудија со сирење и тргнавме назад кон бродот. Исто како и минатиот пат повторно бев последен човек што се врати на бродот. Овој пат во моментот кога влегував на брод од него излегуваше порт агентот.

Од активности на бродот, ќе издвојам вајн тејстинг за кру ноќта помеѓу Белизе и Козумел. Кога се враќав назад на бродот од Колон со Марија и Катерина, во главниот ходник на бродот беше поставена листа за да се пријавуваат луѓе за вајн тејстинг. На Марија и текна дека на моето биро кое е веднаш над огласната табла секогаш има пенкало, се качи и донесе едно за да се пријават и бидејќи тие веќе се пријавија се пријавив и јас. После кога ми текна дека е ноќта пред Козумел и дека имаме и еден час нанапред за да бидеме во иста часовна зона со локалното време си реков што ми текна да се пријавам, ама веќе беше доцна.

Како и да е, испадна многу убава активност. Од пријавените дваесетина луѓе дојдоа два-тринаесет. Некои луѓе беа збунети бидејќи настанот се одржа во италијанскиот ресторан Манфреди. Домаќин на настанот беше Демијан и беше одличен. Многу забавен, многу едукативен, едноставно одличен. Инаку на овој настан кога е за гостите има 5 или 6 различни вина. За нас имаше само три, бело, розе и црвено и тоа од оние вина кои гостите ги добиваат бесплатно. Како и да е, јас, Марија и Катерина си поминавме одлично.

И најсмешен настан беше откривањето дека во Викинг Тудеј видеото, кога круз директорката зборува за баго, се користи снимка од лани на која го има Дејан. Ова го открив сосема случајно додека чекав да го видам настапот на гостин ентертејнерот во театарот. Дејан не сака баго, доаѓаше да игра само кога Џудит ќе го натераше. Кога му кажав на Стефан не му се веруваше, па му пуштив видео и тој се изгази од смеење. Подоцна му го пуштивме видеото и на Дејан и сите заедно се изнасмеавме.

Следното крстарење е десет дена до Панама Сити. Само знам дека повторно ќе се видам со Клаудија. За се останато  можеби ќе пишам по десет дена, а можеби по дваесет... Ќе дознаете после рекламите :)

Comments