Бродски дневник бр 12 (еден месец на брод)
Оригинално објавено на May 24, 2012
Многу новости за 2 дена :)
Прво, не отидов на церемонијата по повод еден месец на Дизни Меџик. Според распоред бев ставен да ги фотографирам Гуфи и Плуто. Утрото беше врнежливо и на почетокот имаше гости што сакаа да се фотографираат со Гуфи (Шиљо) или со Плуто, ама после се разведри и немаше гужва па си играв со нив :) Понекогаш се чудам на иронијата. Не сум по кучињата а тука највеќе се дружам со Гуфи и Плуто :)
Денес беше прв ден без гости откако сум на Меџик. Утрото по утринска распродажба ги испративме гостите и бродот остана само за нас, персоналот. Ама тоа во превод значи две сесии по 3 часа чистење на просториите кои се во владеење на фото одделот. Сепак на крајот награда. Вечера на отворен дек во задниот дел од бродот (кркаш вкусна храна и имаш прекрасна глетка на зајдисонце над океанот) и потоа журка во еден од баровите со бенд и DJ. Тука би сакал да и се заблагодарам на девојката која делеше гратиси за пиење на влез затоа што два пати ми даде по два купона за пиво :) Енивејз, весеље, весеље. Журкање со колешките од фото и од карактер одделот (луѓето кои се маскираат во принцези, Мики, Мини, Гуфи, Плуто, Чип и Дејл.... )
Од малите моменти кои живот значата сакам да ги издвојам тестирањето на звучници денес во барот Rockin' Bar D при што беше искористена Underworld-Born slippy. Морници ме лазеа додека поминував низ барот :) Колегата Мајк во многу нешта потсетува на мојот колега Дејан од ОГБ. Поставуваше некои прашања кои се необични но потребно е мозгање за да разговараш на темата :) Научив нов потег во танцување од колешките Стеф и Ина, морам да им го покажам на АлекСС и ЛидКенди кога ќе се вратам :)))
Comments
Post a Comment