Дневник бр 19
Оригинално објавено на June 23, 2012
Нова кабина :/
Настан на крстарењето е комплетирањето на испитите на ImageU. Сега имам чеклиста која треба да ја потврдам со знаење, само уште да ги начекам менаџериве расположени. Треба да се поплнат 4 страници со потврди дека знам се што е потребно за да бидам унапреден. Чаба, шефот, вика дека од следното крстарење ќе бидам Фотог2 ама нешто сумљив ми се гледа :/
Како и да е, последното крстарење до Канада и првиот ден од крстарењето од Њу Јорк до Бахами ќе го одбележат неколку интересни настани.
Првиот е посета на Сент Џон. Стапнав на канадска почва, јадев сладолед во кафич, и купив интересни слушалки со канадското знаме на нив :)
Вториот е доаѓањето на новиот Марк, Марк Коста од Шпанија. Денес дојде уште еден шпанец, Фед Ле Гранд :)) се шегувам, Федерико. И двајцата се повеќе од година дена во Имиџ и ќе бидат битно засилување на тимот.
И настанот кој ми предизвика најголем стрес, смена на кабината. Сега сум во фото коридорот 5Б. Кабината е фина, Федерико ми е цимер, ваљда ќе биде ОК :) Клои од м’рчндајз пушти една фејк солза затоа што нема веќе да и бидам комшија, и ми порача дека секогаш сум добредојден на коридор журките во 6Б :)
Додуша немаше да биде толкав стрес, ама синоќа останав на работа скоро до 3. Срушивме рекорд во GTP (get the picture, all your digital images on a disc), 106, што во превод значеше еден куп време за режење, и уште повеќе за комплетирање на комплетната документација која оди во пакет со дисковите. Утрово меѓу другото имавме и имигрејшн инспекција. Изгубив едно пола саат и на тоа во Волт Дизни театарот, а потоа бев да помогнам во Шатерс додека колешките што беа на смена утрово поминат низ истата гњаважа. Таман завршив со се дојде време за укрцавање. Овојпат бевме надвор. Времето беше топло и влажно, се чувствуваше дека ќе врне, ќе истури. Енивејз, целите запотени, туркавме некако, додека не почна да дува, грми и врне :/ Бидејќи светлосните услови се менуваа на 5-10 минути а редицата беше долга, фоткав така како што мислев дека е ОК во тој момент без да тестирам на камера. Дисплејот на пентабот ми беше затемнет и немав реална претстава што влага во сензор. Краен резултат 50- 70 изгорени фотки кои малку од малку беа затегнати во лаб со дополнителна постпродукција. И вечерта смена во шатерс. Од што бев преморен фацата ми се фиксираше во фејк насмевка. Малку чудно, но успеав да продадам 2 unlimited GTP пакети :) И имав два госта кои ме прашуваа за Македонија и Грција. Им кажав дека се тоа два сосема различни народи со различен јазик, азбука, култура. Се на се бурно крстарење до Канада, и ветувачко крстарење до Бахами, Флорида и назад до Њу Јорк. Постои голема шанса да излезам за прв пат на улиците на Њу Јорк, ама за тоа, потоа.
Comments
Post a Comment