Бродски дневник бр.35

Оригинално објавено на October 27, 2012 

Збогум Синтија Коу

Малку прескокнувам со пишувањево, ама додуша и ме мрзеше за последното крстарење да пишувам. Единствено што правевме тим активити на една плажа на 10 км од Козумел. Тоа беше и последна тимска активност за Синтија. Иде назад у Пекинг и потоа иде на некој од Кунард бродовите. Мирко, момчето што требаше да дојде на нејзино место ќе дојде дури од следното крстарење што значи дека бевме 1 човек мањак ова крстарење. 

Од интересни работи што фотографирав беше црната позадина. Потоа сам ги испечатив фотките. Имав и евалуација од страна на Рубен. наредното крстарење ќе му биде последно. На негово место ќе биде Стефани. Дел од „Буѓмо“ тимот, само што овојпат наместо шатерс менаџер ќе биде бизнис менаџер. 

Настан за крстарењево беше прославата на Халоуин. Имаше некои навистина интересни маски. Би ги издвоил семејството во кое синот беше Бетмен, бабата Робин, мајката Поизон Ајви и таткото Ридлер. Потоа иде семејството од филмот Брејв, додуша таткото, мајката и еден син, ама сепак беа мошне впечатливи. Имаше и интересни маски кои не знаев што се, ама изгледаа фино :) Карактерите исто така беа маскирани. Мики беше Дракула, Мини - Вештерка, Плуто беше стар еѓипќанин, Гуфи - Мумија, Доналд - Суперхерој со црвена наметка и авијатичарски наочари па се преправаше дека лета додека Дерек му ја вееше наметката трчајќи позади него, и Чип и Дејл беа џандар и затвореник. 

Од весеља да издвојам кабин парти кај Јоланда у кабина до 4 и пол. Наредниот ден закаснив за да ги сликам Мики и Мини, али битно журката беше ТоБ :) 

За сите стари и млади рокерки и рокери го препорачувам Rock of Ages. Мјузикл за рок ен ролот во Лос Анџелес 1987 година :) Квалитет, лимонада, ама мора да се ѕирне филмчево барем еднаш :) 

Гости на патувањето имаше неколку. Откако сме во Тексас навикнав да имаме фини гости, дружељубиви, ама никој посебно не отскокнуваше. Овојпат имаше неколку и ќе почнам со Лајла, 3 годишно девојченце со плава коса и сини очи. Беше заедно со мајка и, татко и, баба и и дедо и. Кога требаше да се слика не гледаше во камера и не се смееше па татко и користеше разни трикови како на пример, гледај, пајак над главата на Тони за да гледа во камера и слични реченици (смени животно), а за да се насмее ја прашуваше како прави змијата и таа с’скаше што на фотки изгледаше како таман насмефка. Следните 3 гости се маж и жена, мажот троа средовечен и претпоставувам богат, а жена му привлечна млада дама. Го купија најголемиот пакет. Она што е интересно е тоа што жената позираше навистина фино :) Догодина ќе дојдат пак на Меџик за медитеранските крстарења. Третиот дел од оваа весела дружина е маж од Саудиска Арабија кој дошол во Хјустон на мастерс (пост-дипломски). Беа на иста маса за вечера и се здружија. Со арапот се муабетевме додека фоткав на црна позадина, па додека чекав да дојдат луѓе за фоткање тепавме муабет. И за крај Џон, 61 годишен вистински американец. Во Шатерс влезе онака насмеан велејќи ааа еве го момчето што многу се смее, Пеги ми рече да земам це-де. Така почнавме муабет. Долги години работел во америјата и видел многу војни. Очите му солзеа додека кажуваше дека учествувал во многу војни и видел многу грди нешта. Се муабетевме долго. На крај го прашав како му се свиѓа крстарењето. Ми рече дека за Дизни има посебно место во неговото срце. Синоќа додека го гледал шоуто му дошол Петар Пан па Џон и Петар се муабетеле долго и на крај го прашал дали и во најлудите сништа би помислил дека еден ден ќе биде тука. Петар Пан рекол не. Џон ми кажа дека кога ќе порасне сака да биде како Петар Пан... ако порасне. 

Comments

Popular Posts