Бродски дневник бр.48
Оригинално објавено на May 11, 2013
На запад ништо ново
Поминаа едно 8 дневно и едно 6 дневно крстарење. На поле на работа, Чаба почнува да ги менува работите по негов мерак. Џеф менува еден куп опрема и Грејс се спрема за свадба. Во второто крстарење продадов 23 рамки за фотки што е мој рекорд сеа за сеа :) Што е уште поинтересно за малку ќе ја победев Жељка која продаде 25. Предизвикот беше голем затоа што во првото крстарење Жељка продаде 63 што е рекорд за бродот. На Каставеј Ки не фоткав плажа, јеееее :) На формал најт го фоткав Капетан Џон.
Од фини активности, во Кејп Канаверал бев со Карен у трговскиот. Купивме по некоја ситница од Букс-а-Милион, неколку зезалици од Спенсерс, меѓу другото ранче за Алек со Соник (еж од една видео игра од мое време), Карен си купи чевли од Пејлесс шуз. Оообоже, напорен е шопингот по чевли со неа. Пејлесс беше трета продавница во која влеговме, во секоја од продавниците поминавме по едно 20тина минути. Енивејз на крај си купи чевлички, најпопрекрасни. Патем продавачката се изгази од смеење додека плаќавме, бидејќи разврзавме муабет за брод и врски на брод и слични работи. Ни кажа дека личиме на среќна двојка :) Е после за одмазда ја однесов у Финишлајн и таму она почна да ме прашува кои патики ми се свиѓаат без да ми каже дека уствари сака да дознае какви патики да купи за Керниф (дечко и од Јамајка). Енивејз, Луис улета у продавницата и и даде многу фино мислење и го спаси денот. Потоа Карен кажа дека ќе ми купи нешто бидејќи ништо не ми купи за роденден. Прва идеја беше едни убави најки кои ги меркав цело време, ама за жал немаше мој број. Потоа планот беше саат или влечки. Имаше убав Џи-Шок, ама ист таков има Еј Џеј, и на крај решив влечки и одбрав Џорданки кои и се свиѓаат и на Карен, за разлика од адидаските кои ги имам од претходно кои Карен не ги бендисува. Како и да е, сеа си иам најпопрекрасни влечки. Вечерта требаше да идеме во Фишлипс, ама јас заспав и некако не ми идеше да станам од спиење. Се разбудив доцна. На Карен многу и се идеше и ми беше лута, ама јбг. Отидовме у теретана и вежбавме малку и се смири.
Наредното крстарење излеговме на Грен Кејман за шејк од јагода и интернет од Бургер Кинг, ама интернетот не врвеше па после кркање скокавме до Старбакс кој беше преполн со морнари па седнавме на тротоар пред Старбакс за да посурфаме. Наредниот ден бевме на пица во Козумел. Кркавме во Пица Хат од пицата која има тенко тесто и крајчето е уствари еден куп лепчиња со сирење во средината и наредени едно до друго по работ. Најдобра пица во мојот живот досега. После тоа скокнавме на шопинг во Мега, неопходни работи, како на пример 20 киндер чоколади, шорцеви за теретана, жилети за бричење, сапун... да не давам со детали, на крај сметката на Карен беше 80 а мојата беше 120 долари. Едвај се довлечкавме до брод.
Од гости на 8 дневниот круз би ја издвоил г-ѓа Кокс со двете ќерки. Едната во рани а другата во доцни тинејџ години. Сите три најпопрекрасни на свет. Патем г-ѓа Кокс има... 39 години. Што би рекол Саленет, госпоџо, свака час.... На истото крстарење беа и Семејството Круз. Таткото Ерик кој го зафркавав дека се вика Том, мајката Анџела, синот Тајлер и ќерката Камрин. Децата имаат околу 10 години а родителите се во доцни 30ти, ама изгледаат мошне фино, и се редовни во сите студија :) Беше забавно да се работи со нив. На крај Анџела ме гушна и кажа дека целиот фото тим е одличен.
На 6 дневниот круз еден од гостите кои го одбележаа крстарењето беше Џеф Џонсон со жената. Таков зевзек ретко се гледа. Цело време се шегуваше со сите околу него. Со жена му беа редовни во студијата и правеа блесави фотки, а во ресторан улетуваше у фотки на други луѓе. На пиратска ноќ се фоткаше со Карен. Фини гости беа и Зимерман. Прв пат ги забележав додека фоткав корал. Таткото од семејството ми улета у студио со чаша мартини и ме праша дали може да направам фотка како тој седи на кутија за позирање и ужива во своето мартини обиколен со тропски риби. На ова крстарење имаше голем број на фини гости со кои многу фино комуницираше целиот фото тим што на крај резултираше со највисок рејтинг досега, 76%.
Сега пред нас е 8 дневно крстарење. Последно од Галвестон. Роберт од продавницата ме частеше Оранџина. На бродот има и гости кои крстареа и порано на Меџик, пријатели на фото тимот, што ветува фин круз. Патем да пишам дека за прв пат во живот фоткав цела ноќ ЛСП исто така познато како белото студио. Претходно Џеф ми даде еден фолдер од порано да ставам во телефон како потсетник. Плус Чаба го прати Еј Џеј да ми дава совети и да ми помага во позирање. На крај испадна мошне фина прва сесија, додека во втората немав никој во студио што го искористив да ги фоткам Карен и Даниела, а потоа Даниела не фоткаше Карен и мене. Утре фоткам принцези после доооооолга пауза, затоа одам сеа да спијам. Лека ноќ и слатки сни на сите.
Comments
Post a Comment