Викингшки дневник бр.28 – Почнав да одам во теретана

Претходните десет дена беа релативно досадни на бродов. Во принцип си купив џорданки кои ги барав долги години и почнав да одам во теретана... Ах, и јадев суши толку големо што се јадеше во три залаци наместо во еден.

На вториот ден во Сан Хуан со Енџин тргнавме кон трговскиот центар Плаза де Америка.  Веднаш на влез имаше некој настан на кој беше изложена МекЛарен Формула 1 тркачка кола, со симулатор покрај неа, хостеси и се по ред. Веднаш позади тоа беше продавницата на Фосил и Енџин влезе за да види саатче, поточно моделот Ракел Мини. Убаво саатче, ама кажа дека ќе се вратиме назад. Потоа влеговме во Федора каде што си купи некаков крем.

Кружејќи наоколу на горниот кат забележав продавница за ретки патики. Прво нешто што ми влезе во око беа бели џорданки 14ки. За жал немаа мој број, видов дека имаат и жолти, меѓутоа повторно, немаа мој број. Еден од момците тргна накај таблетот што им беше до каса а другиот што работеше таму ми кажа следи го колегата. На таблетот стави филтер моја големина и видов џорданки 11ки, скроз црни. Ги пробав и само дадов картичка да ми наплатат.

На излегување од продавницата ѝ ја покажав сметката на Енџин и ѝ кажав дека штом можев јас да купам скапи патики, таа може да си го купи саатчето и така и направивме. Бидејќи таа не сакаше да јаде ништо, се вративме саат време порано од планираното, време што го искористив за попладневна дремка пред да започнам со попладневната смена на работа.

Следниот ден бевме во Сент Томас каде што прво нешто што направивме беше одење во суши ресторанот на пристаништето. Мошне фин ентериер, гоооолем аквариум, пријатна музика, мошне фин ресторан. Заборавив како се викаше сушито кое го нарачавме. Моето беше големо, ама се јадеше во еден залак ако отвориш уста широко. Сушито кое го нарача Енџин беше навистина големо, ко ролат. Едно тркалце го јадеше на три залаци. Заклучивме дека следниот пат кога ќе бидеме во Сент Томас повторно ќе одиме во King China суши ресторанот бидејќи е поефтин и поавтентичен ресторан.

Потоа повторно отидовме во книжарницата каде што Енџин си купи уште две книги. Јас сакав да купам книга со фотографии од National Geographic, ама беше премногу тешка за да ја транспортирам до дома. На враќање назад поминавме низ еден од баровите и имаше вработени од компанијата Чака во портокалови маички а на соседната маса дечко што сам седи исто така во портокалова маичка. Кога се доближивме видовме дека тоа е Викаш кој јадеше крилца и пиеше пиво кое се вика Juicy Booty. Да не комплицираме и ние го порачавме истото пиво кое мене искрено кажано баш ми се допадна. За крај скокнавме до продавница за сувенири на пристаништето каде што сите купивме по нешто ситно и се вративме назад на брод.

Следно мое излегување беше во Сент Луција каде што Џермејн и Франческа ми го донесоа капчето кое го заборавив првиот пат кога бев со нив на пиво. Овој пат само на кратко се помуабетивме во нивната кола и се вратив назад на брод за да фатам попладневна дремка.

Последното мое излегување беше во Сент Мартин каде што бев само до супермаркетот на пристаништето. Видов дека врне па си ја земав јакната што ја купив во Колон за дождливи денови и обув Мартинс. Во супермаркетот видов дека има лименки Гролш, од радост заборавив да купам електролити, ама ќе преживеам до следниот порт со супермаркет. Пивото вечерта го поделив со Никсон. Меган го зафркаваше дека не поднесува алкохол, се начука од две лименки пиво.

Од забавни активности на брод, бев на мојата последна спа ноќ на бродов. Нема закажано друга до крајот на мојот договор. Им викав на Меган и на Енџин да дојдат ама Меган традиционално одби а Енџин кажа дека не сака да дојде па некого да го фати срце кога ќе ја види. Нико за жал почна да работи ноќна смена па не можеше да дојде. На крај испаднав сам во цел спа центар. Пред да заминам дојдоа момците од театарот па скршив два реда муабет со нив.

И за крај, теретана, бев дури три пати. Ќе отидев уште некој пат, ама сплет на околности. Третиот пат удрив малку појако на вежбање а наредниот ден со Викаш менувавме телевизори на бродот и после тоа имав уште поголемо запаление на мускулите.

Следното крстарење ќе биде последно за мене во овој договор кој трае дури седум месеци. Се надевам дека ќе имам енергија да пишам дневник и за тоа крстарење.

Comments