Дневник бр.68

Оригинално објавено на February 1, 2014 

Дремеж и досада

Две недели како немам пишано дневник. Денес имам слободна вечер па ќе пишам ред-два-три пред да одам во Ројал Корт на вечера со Ајк, Маја и Надја. Во врска со поднасловот, углавном ми се дреме последниве 2 недели, слабо ми се работи и слично. Овие две недели нацрт распоредот беше составен од Рубен и секој ден правев нешто различно, еден ден карактери, друг ден шатерс, трет ден студио и така со ред. Поради тоа некако не можев да фатам континуитет со активности ниту пак со гости. Од побитни работи што се сменија у тим е воведувањето на „ѕидот на срамот“ на кој се ставаат најлошите фотки од рестораните каде што фоткаме луѓе за време на вечера. Првиот сет јас бев неславниот шампион поради мојата камера која прави дефокусирани фотографии. Следните сетови фотографираф со студио камера и бројот на мои фотки на ѕидот опадна драстично. Краен резултат е започнување на акција за набавка на нова камера и сеа за сеа не можам да пишам ништо бидејќи B&H ми викаат дека сум им сомнителен. 

Друга активност која ја започнав деновиве е купување на магнети за сестра ми Сања од секое од петте пристаништа на кои застанува мојот брод. Сеа за сеа ми остануваат уште Гренд Кејман и Коста Маја кои ги посетувам наредново крстарење. Најголемо откритие по пристаништава овие две недели ми е гранапот на пристаниште во Ст.Мартин. Имаат еден куп различни производи од Милка, Кедбери, Киндер, Тоблероне, М&М, Нестле, Марс. Потрошив 80$ на чоколади и останати потрепштини. Селина ми вика ствариве што си ги купил ги има и во Волмарт на што и одговорив дека чоколадите кои ги купив се европски и ги нема во Волмарт, а за останатите производи неколку долари плус-минус не ми мењаат, сепак гранапот е многу поблиску отколку фаќање такси за идење у волмарт и... 

Последниве 2 недели бев мошне активен во теретана, што од што сам сакав да идам, што од што идев у теретана додека ми се перат алиштата, што од тоа што бев испровоциран од Тери, ама доста често идев у теретана, што дури почнав замор да чувствувам. Како и да е, напреднав доста, 2 ноќи по ред истрчав 5 км. на трака, и двата пати за нешто под 27 минути. Следен чекор ми е истата должина на дек4, и за две недели со Алан да учествувам на планински предизвик на Ст.Томас. 

Кога сум веќе кај Алан да пишам дека е многу кул менаџер. Сега сфаќам зошто добар дел од тимот додека беше Рубен менаџер викаа дека ќе издржат уште малку и после Алан се враќа. Нема брзање, нема притисоци, работата иде мазно. Една вечер ја фотказ принцезата Ана во лобито, и нормално како популарна принцеза линијата беше доооооооолга и го покри шалтерот на службата за гости. Хотел директорот го викна Алан и тој дојде кај мене и ми шепна да бидам брз и потоа застана во близина глумејќи дека ја држи работата под контрола. Дојде и Рајан, карактер менаџерот но повеќе како забавувач во линијата :) У принцип хотел директорот може да вика што сака, ама кога има популарен карактер во лобито не може ништо да стори :) Другите двајца нови членови на тимот Карлос и Мики се исто фини момци. Мики е малку феминизиран, ама не е страшно. Интересно е што некои од гостите не не разликуваат се додека не застанеме еден до друг :)))) 

За крај магични семејства. Повторно не делев сертификати. Едноставно не успевав да ги запознаам гостите на време. Првото крстарење ќе ги издвојам семејството Њуман. По потекло од Индија, но со американски манири и три фини дечиња. Второто крстарење имаше неколку фини семејства. Прв е Тед од Торонто со семејството. Дедо му Методиј е роден во Битола и после втора светска војна избегал во Њу Јорк а потоа се преселил во Торонто. За жал само 2 пати се сретнавме, еднаш на вечера каде што ми одзема троа време, и потоа во шатерс каде што не ми пречи кога гостите ми земаат од времето :) Потоа да ја издвојам Лиса Кели со мајка и. Лиса работи контрола на квалитет на храна во Епкот паркот во Волт Дизни Ворлд. Се запознавме во доооолгата линија за Ана. Поради грешка во распоредот чекав пола саат додека да дојде Ана, ама Лиса и мајка и беа фино друштво па времето пројде фино. Следни за издвојување ми се Тод и Теодор од Висконсин. Двајца мошне фини и духовити момци. Живеат во мало гратче во кое има многу луѓе дојдени од Источна Европа, меѓу кои и едно семејство од Македонија кои имаат многу добар ресторан, така да јас сум втор Македонец кој го запознаваат и велат дека сум им оставил многу добар впечаток. 

И за крај Џина со двете сестри и мајка им. Престојуваа во 4 соби и сакаа да направат еден фото-бук за сите 4 соби. Јас им реков дека тоа може да го направам за нив само ако една соба плати 349$ а останатите три соби платат по 174$. Во тој случај ќе ги спојам сите соби и ќе изрежам дискови за секоја од собите. Мислам дека Џудит и Селина сакаа да ме убијат поради тоа што не ги прашав за дозвола за да го направам тоа. Деновиве ќе ги прашам за мислење во врска со тоа :)) За време на целата таа операција направив и една-две грешки, ама на грешките се учи, овај нали :) Битниот момент е кога дојде мајка и на Џина. Секоја од сестрите си плаќаше за својата соба а Џина плати за мајка и. Очигледно госпоѓа која нема некој мерак да троши пари и цело време сакаше да дознае колку пари потрошила Џина на фотографии ама не и кажувавме. Јас и реков дека моментот кога дете му дава подарок на својот родител е бесценет. Мајката гунџаше ама сестрите рекоа дека одлично сум го срочил тоа. Потоа уште еднаш дојдоа во шатерс и овојпат и ја раскажв приказната за тоа кога му купив капче на татко ми на кое беше извезено „ТЕКИЈА“. Приказната оди вака некако.... Кога се вратив од мојот прв договор донесов 4 торби со ствари. При отпакување татко ми ме прашуваше колку пари сум потрошил за стварите што сум ги купил, и почнав мајца 10$, мајца 20$, блузон 50$, трењерка 70$, мајца 20$... Татко ми ме праша колку пари сум потрошил на глупости и јас му реков, поим неам :))) И на крај дојде капчето за него, ептен му се допадна. Го прашав дали сака да знае колку пари сум потрошил за капчето и тој ми рече, ајде кажи. Му реков 33$. Ми одговори „Меракот нема цена“. Мајка и на Џина ми рече кога ќе го видам татко ми да му дадам голема гушка.

Comments