Дневник бр.84

Оригинално објавено на October 26, 2014  

Gone baby, gone

Изминативе месец дена не пишав ништо затоа што цело време се случуваше нешто и никако да најдам време да седнам да пишувам. Во меѓувреме се случија еден куп настани, се надевам нема да заборавам да ги наведам побитните и секако најбитното, раскинав со Карен, за озбилно, и дефинитивно. 

Значи изминативе месец дена некако се помалце и помалце комунициравме. Ова со ин порт менинг дополнително ги замрси конците, а највеќе тоа што таа во Јамајка идеше да се види со Керниф, нешто што мене некако не ми иде ама воопшто. Од една страна бара ексклузива, вика дека јас сум љубовта на нејзиниот живот, а од друга страна иде да се види со Керниф. Нејзе највеќе ја повреди тоа што кога имавме дружба помеѓу оддели со луѓето од продавниците, таа седеше со јамајканците на маса а јас седнав на клупа со Масуми од Јапонија, ај што седев со неа дури и го побарав нејзиниот телефон за да направам фотка од мене и Масуми. И секако најбитното, ПМС. Повторно и дојде периодот, во меѓувеме таа не зимаше апчиња што дополнително и ја влоши состојбата. Еден ден во И-95, главниот ходник на брод јас идев со Никол од кру-мес накај кабина а таа одеше од фото лаб накај кру мес со Двејн. Ме фати за половина и сакаше да ме бакне ама јас ја тргнав главата. Е тоа навистина ја разлути и ми се закани дека ќе ме повреди, и мене и Никол. Вечерта пред да фоткаме во ресторан во една од просториите кои ги користиме како склад за опрема почнавме да се караме. Да бидам искрен, ме исплаши, таа делуваше многу уверливо. Отидов да ја пријавам кај Алан на што тој само кажа: Се додека не влијае на работата нема гајле. После фоткање во ресторан имав пауза па отидов да ја пријавам во хјуман рисорсис на бродот. Барбара ме ислуша а потоа го пријави случајот во обезбедување. Е тука веќе почна вистинска истрага по што бев суспендиран од работа на два дена (додека да ја шутнат Карен од брод). Пред да замине од бродот таа ми кажа дека многу ме сака и дека никогаш не би ме повредила, но веќе беше доцна. Бидна циганска работа. 

Наредниот ден го истрчав ридот на Ст.Томас за 15:56, мое најслабо време досега, од стрес, и без никој да трча заедно со мене едноставно се влечев нагоре по ридот. Најтешко ми паѓа кога ќе ми текне низ што се поминавме изминативе година и пол. Некои парови ни за 5 години брак не поминуваат низ толку многу нешта. 

Од останатите настани веќе пишав погоре за дружбата со шопинг департмент, што се случи во ирскиот паб О’Гил. Наредниот круз имавме и дружба со карактер департмент што се слуши во Аутлук барот. Инаку не беше се црно на брод, додуша ова што сеа ќе го пишам се слуши во Коразон Контендо, омилентиот појадок ресторан на фото тимот. Конечно се запознаа Тери и келнерката Елена. Го зафркавав Тери да ја пушти на ЈуТјуб You don't know my name од Алиша Киис, и на крај ја пушти и се насмеа :) 

Во поглед на работа, конечно се вратив во зелени бројки во поглед на фоткање настани на брод :) Дури и се вратив и во топ фотографи на фоткање вечера :) Да не заборавам да пишам дека фоткав 6 укрцавања по ред. Имаше измени во тимот, човек мањак, вишак... па се жртвував малку, малку повеќе. Инаку во тимот ни дојдоа Марија од Аргентина, како трансфер од Дрим и Јунари од Хондурас, нов фотограф. Предхотно работела 10 години во хаускипинг на Ројал Карибиан. Последните години на Оејзис оф д Сиис. Е сеа коа сме кај Оејзис, во Јамајка го видовме бродот близнак, Алур оф д Сиис. Навистина нешто огромно. 

И за крај да пишам интересни семејства :) 

Првото од четирите крстарења главен гостин беше Џули Бурџис од Австралија. Додека и се реновира куќата во Австралија таа мава цртки на нејзината bucket list. 

Второто крстарење главна фамилија ми беа Росоу. Не дознав многу за нив, ама знам дека крстареле на скоро сите круз компании и дека Дизни е најдобра досега. Башка што беа сместени во Рој Дизни апартманот... ми дадоа бакшиш 60$, јееее :) имаше и еден интересен гостин на кој не му го запамтив името. Секоја вечер носеше различен пар џорданки. Последната ноќ од крстарењето ми кажа дека дома има 40тина џорданки. Јас сеа за сеа само 2 пара :))) ама затоа иам еден куп адидаски :)))) 

Третото крстарење главно семејство на цел фото тим беа Јанг. Синтија Јанг со мажот Нил и децата Џон и Адријана. Нил имаше порачано од Кина да изработат специјално за нив, костими како од филмот Фрозен. Нил беше Олаф, малку височок, на крај целиот костим беше 2 метра, Синтија беше Елса на денот на нејзиното крунисување, Џон беше Ханс а Адријана беше Ана во нејзината зимска облека.Привлекоа мнооооогу внимание и имаше еден куп гости кои се сликаа со Нил, овај Олаф :))) На крај им дадовме сертификат за магични моменти на кој се потпиша целиот фото тим. Ист сертификат добија и Вики и Џералд Пејшнс, вторите родители на Стефани Ју. 

И последното крстарење ќе издвојам неколку семејства, и ќе започнам со Макриадис, Николаос, роден на Крит, Кристина, американка и синот Мајлс. Кога бил мал неговите родители се преселиле во Америка и наместо ко неговите браќа и сестри да земе брачен партнер од роден крај, тој земал американка. Падна фина дружба последните 2 дена од крстарењето и дојдовме да заклучок дека македонците и грците можат убаво да живеат заедно без политичари :) Освен нив имаше и две семејства со мнооогу долги презимиња, ама веќе од умор ги заборавив :( 

Толку од мене сеа за сеа. Се надевам нема да должам толку многу до следниот дневник, и дека во мир и спокој ќе го истерам до крај овој мој четврт по ред договор на брод. Во овој тежок период највеќе поддршка имам од Маја која ми се наоѓа како постара сестра :)

Comments

Popular Posts