Бродски дневник бр.201

Прва недела со Парк Вест

Бродскиов дневник го ставам со реден број 201 бидејќи имаше обид за бродски дневник додека бев на Independence of the Seas, ама напишав само две поглавја. Затоа сега со нов почетен број со нова фирма и во нови работни победи.

Како што имам напишано на ФБ, моето ново работно место е Art Associate во Park West Galleries. Или ко што им кажав на некои луѓе, редно е после 10 години работа на бродови да имам некоја фенси-шменси позиција :) Компанијата постои повеќе од 50 години и има галерии на околу 90 бродови.

Патот кон бродот беше ОК. Летав со ЛОТ преку Варшава. И двата авиони беа полни затоа што во понеделник почнуваше учебната година во Данска и луѓето се враќаа назад. Тоа го дознав од бабичката што седеше до мене во вториот авион. Заборавив како се викаше, само запамтив дека е долги години во Данска со сопругот србин и имаат син и ќерка кои се веќе во брак, синот веќе со деца (поради неговите деца и се враќа во Данска). Во Копенхаген стигнав доцна, додека да стигнам во хотел, додека да се истуширам веќе беше 1 и полноќ а требаше наредниот ден да станам рано и да стигнам на бродот пред 10.

Наредниот ден станав околу 6 и нешто за да јадам појадок во хотелот и да фаќам такси накај пристаниште. Таксито беше мерцедес на електричен погон, и интересно беше. Таксистот не пушташе музика така да единствен звук беше од гумите и малку од ветерот. Кога стигнав на пристаниште ме чекаше изненадување, околу 120 вработени се качуваа на бродот тој ден. Медикал департмент беа релативно брзи со антиген тестовите и кру офис потоа исто така со документите за качување на брод така што веќе во 9 наутро бев качен на бродот и почнав со обуки кои траеја до 3 часот. Имаше интересна интеракција со сејфти офицерот на бродот, му го покажав Fire-Aid нејм тагот и ме праша како тоа фајр-гард да стане арт асошиејт, а јас му кажав, како тоа фотограф и арт асошиејт да работи како фајр-гард во одреден дел од кариерата :) После тоа имав средба со аукционерот Рос од Јужна Африка по што отидов доле во атриумот на „погоди ја тежината“ со другиот арт асошиејт Џорџ, исто така од Јужна Африка и галери директорот Едер од Мексико. Едер кога почнувал да работи за Парк Вест аукционер му била другарка ми Кристи од Имиџ. И во тимот го имаме и арт препараторот Багеш од Индија воедно и мој цимер.

Наредниот ден на тренингот за нови вработени ја видов Весна од Велес која дојде да работи на бродот како енвироментал офицер. На колегите во Коузон им реков да не и кажуваат дека доаѓам на бродот за да ја изненадам, и успеа изненадувањето :)

Третиот ден од крстарењето бродот пристигаше во Гдиња, Полска во 13 часот што значеше дека ние имаме аукција од 11 часот во Аква ресторанот. Поради тоа станавме уште пред 6, во 6 веќе бевме на работа каде што ја спремавме аукцијата. Од ненаспаност и нерасонетост си го повредив грбот, ама за среќа ќе ми помине после неколку денови.

Дури четвртиот ден од крстарењето се наспав ко човек. Отидов до кру-офис да си го земам пасошот за да излезам во пристаниште, ама ми кажаа дека дури на петтиот ден ќе ме пуштат надвор. Багеш ми кажа треба првин да ми направат нов антиген тест па дури потоа може да ме пуштат да излезам надвор од бродот и дека ќе морам да чекам уште еден ден.

Петти ден од крстарењето бродот имаше овернајт во Хелсинки, што значи дека цела ноќ е таму, дури наредниот ден попладне заминува. Оригинално бродот требало да има овернајт во Сент Питерсбург, Русија, ама од објективни причини е сменета рутата. Наутро имав обуки некои и додека да завршат не можев да си го земам пасошот. Колегите веќе излегоа од бродот. Јас излегов дури во 4 попладне кога повторно отвора кру-офис. Кога излегов од брод платив 5 евра карта за автобусот што вози од пристаниште до центар и назад, иако имав чувство дека ќе можам да одам до центар и пешки, ама си викам за прв пат ајде вака :) Хелсинки е убав град, финките се многу фини, со блед порцелански тен, сини очи и руси коси, како кукли :) Пиев кафе во Старбакс затоа што тоа е она што секој нормален македонец го прави кога ќе излезе од Македонија, пие кафе во старбакс и ја слика чашата со кафе за која платил 5-8 евра :) Поминав и покрај Хард Рок Кафе, ама не бев гладен и решив следното одење за Хелсинки да јадам таму. Поминав и покрај едно кино, видов дека го даваат Топ Ган Маверик од 9, ама веќе го гледав три пати :) На одење назад кон автобуската станица поминав низ паркот каде што начекав бесплатен концерт на бендот Helsinki-Cotonou Enseble, група од 2 африканци и 6 финци кои свиреа афробит и џез и беа одлични :) Јас секогаш се радувам на концерти, посебно ако е гага и концертот е добар тогаш е ТоБ :)

Другите денови немаше ништо што посебно би го издвоил. Имавме 2 аукции ама тие беа попладне бидејќи бродот наутро беше во пристаништа.

Всушност имаше нешто што може да се издвои, ол-кру парти организирано од ресторан департмент. На таа журка дојдоа и Столе и Благојче (гајр-гардови кои се качија на бродот во Хелсинки заедно со уште Пане и Дејан). До крајот на журката имаше пиво, нешто што досега немав видено на ол-кру парти. Фото департмент имаа донесено позадина со бродот за сликање и кога сакаа да се сликаат дел оддел јас им го земав апаратот и ги сликав. Наредниот ден Рос ми вика ае те видов како ги фотографираш овие од фото, претпоставив дека имаш работено во фото порано :) Инаку утрото имаше дрил на кој се запознав со Нејтан од театарот и му реков дека иако дрес код за забавата е дрес ту импрес јас ќе дојдам со дрес од Трој Поламалу. Негде пред крајот на журката се видовме и пријатно се изненади кога ме виде со дресот.

И сега да пишам ред-два за тимот :) За почеток за шефот, аукционерот Рос. Веќе 10 години е со Парк Вест и ова му е последен договор, многу е чил, на почеток на крузот прави распоред и имаме голема слобода во работата. Има 35 години и бил на многу концерти во Јужна Африка. Една ноќ седнав со него и неговата девојка во пушачкиот дел од кру барот и се размуабетивме, на крај обезбедување не избрка бидејќи барот работи до 2 часот наутро.

Едер од Мексико е галери директор или следен во хиерархијата. Има 37 години. Како што пишав работел со другарка ми Кристи и е исто така многу кул дечко, највеќе совети за работата добивам од него.

Џорџ од Ј.А. а другиот арт асошиејт и има само 22 години, расте мустаќи, тропа глупости цело време и е смешен, посебно у пар со Едер се многу смешни кога работат заедно. Сестра му веќе работи за Парк Вест и е галери директор. На него ова му е прв договор воопшто на брод и го дели сето знаење што го има со мене.

И за крај мојот цимер Багеш од Индија. Работи како арт препаратор односно ја работи амалската работа у фирмата. Ситен по градба ама има голема душа. Пред Парк Вест работел во кујна на некоја од бродските компании.

Во другите оддели веднаш се спријателив со неколку луѓе од повеќето оддели. Почнувајќи со земјаците од казино одделот Диме и Филип. На Филип ова му беше второ крстарење па ме прашуваше некои работи да му кажам како поискусен :) Потоа спа тренерот Никола од Србија кој што ми е прв комшија со кабина. Патриција од сплеш академи од Мексико која ја запознав преку Едер, Потоа Кармен исто од Мексико ама од круз стаф. Владо фото менаџерот од Босна кој поминал долги години во Имиџ на времето и ги знаеше некои од моите менаџери што ми беа во Имиџ и ми кажуваше дешафки од на времето...

На бродов дојдов со три одела, темно сино што го имам уште времето кога работев во Општина Гази Баба, потоа купив едно црно еден број поголемо, кое што изгледа ќе го носам кога другите одела ќе ми бидат на перење и сиво одело. Журката со сивото одело е тоа што слично сиво одело носат и вработените од круз стаф. Амелиа од Аргентина се шегуваше со мене дека сакам да прејдам во нивниот оддел. Кармен ја зафркавав, кој поубаво изгледа во сиво :)

Толку од мене сега за сега, повеќе во следниот дневник :)

Comments

Popular Posts