Бродски дневник бр. 202

Естонија и Литванија за прв пат на кратко, го видов и Амстердам ноќе

Клаипеда, Литванија
Ова крстарење започна со испловување од Стокхолм. Додека имавме Guess the Weight за гостите (погодуваат колку тежи една скулптура, кученце од Ромеро Брито) цело време гледав низ прозор бидејќи малите островчиња изгледаат како разгледница од Равензбург.

Наредниот ден бродот беше во Хелсинки каде што отидов до Хард Рок Кафе за да јадам локал леџандари бургер. Овој пат наместо да давам 5 евра за автобус одев пешки. Хард Рок Кафе беше супер како и секогаш. Имав келнер Виктор кој и самиот црта, и ми го покажа тефтерчето со негови цртежи кои ги прави секогаш кога има малку слободно време. За гурманите кои ме читаат, разликата кај овој локал леџендари бургер е тоа што врз плескавицата ставаат мелено месо од ирвас. Многу вкусен бургер. Кога се вратив назад на бродот и раскажав на Маријана од Србија и таа само кажа, оу не... сега кој ќе му помогне на Дедо Мраз да однесе подароци на децата низ светот, ах Тони, Тони.... На враќање накај брод видов дечко и девојка што промовираа лименки од некоја локална фабрика за пијалоци, у принцип лимонада и лимонада без шеќер, двете газирани, божем да даваат енергија, ама во составот има многу помалку шеќер од обична кока кола, ама кога е гага... :) Возеа Шкода караван целата брендирана и кога го прашав дечкото дали се беспари лименките ми кажа дека првата е бесплатна а втората е пет евра... се шегувам и двете се бесплатни :)

Додека бродот беше во Визби ме мрзеше да чекам тендер бродче за да излезам надвор и седев во соба и гледав Аутпост, серија која што баш ми е мило што ја оставив на компјутерот наместо да ја префрлам на екстерен хард диск, затоа што го заборавив хард дискот дома.

Во Талин, Естонија излегов од љубопитност да видам што е тоа што другарките Рената од Викинг и Чана од Дизни толку ги импресионира. Излегов рано наутро така да многу малку места беа отворени, ама во една продавница видов Пелистерка и едноставно морав да ја купам :) Евро и четириесет центи, ама да се има стаклено шише Пелистерка на брод е бесценето. Талин барем стариот град воопшто не ме импресионираше. Повеќе ме импресионираше тркачкото Масерати во салонот блиску до пристаништето :)

Во Клаипеда, Литванија бродот беше во недела и работеа само рестораните, едвај најдов трафика да си купам шише кока кола за да не дехидрирам по пат.

Во Гдиња, Полска не излегов бидејќи имавме аукција.

Варнемунде, Германија беше пријатно изненадување, излегов и шетав онака сосема рандом, фино мало градче.

Последниот ден од крстарењето стигнавме во Амстердам каде што бродот остана во пристаништето цела ноќ. Излегов да го барам Хард Рок Кафе, ама стигнав доцна, пред затворање така што немав можност да го пробам нивниот локал леџендари бургер. На влезот имаше постер за Меси бургер (со Лионел Меси и фото од бургерот), ама по сплет на околности не ги пробав ни едниот ни другиот, ќе морам да дојдам пак во Амстердам :) Центарот на Амстердам е во принцип еден куп канали, ниски згради, многу велосипеди, редовни трамваи и по некоја кола, и многу ресторани и кофи шопови, толку многу коги шопови што добар дел од центарот на градот мириса на марихуана. Поминав и низ Ред Лајт Дистрикт. Интересни излози, секакви типови на жени во нив, црни бели жолти, ниски, високи, многу силикон... Многу стриптиз клубови каде што сакав да влезам, ама ноу мани, ноу проблемс.

Во останати работи на бродов, Кармен за која пишав во минатиот дневник доби трансфер на Ескејп. Лика од Грузија за која дознав дека му е девојка на мојот колега Едер се врати во Грузија за да извади американска виза. По сплет на околности (немарност на нејзиниот агент) се качила на брод без американска виза што мене ме потсети на времето кога бев нов во Коузон и правев слични грешки. Погоре пишав за Маријана од Србија, работи како дилер во казиното, ниска со кратка коса, работела на други бродови претходно, знае реплики од Зона Замфирова :)

Најинтересните моменти се сепак двете шоуа што успеав да ги видам. Првото всушност ја видов само втората половина од шоуто бидејќи заглавив на работа. Нејтан од театарот имаше соло шоу и беше многу добар, повеќе ми се допадна неговото шоу од шоуто на Џереми Џордан на Дизни Меџик пред 7 години. Првин испеа две мотаун песни а потоа две класични песни. Кога ја испеа Несум Дорма доби громогласен аплауз.

Второто шоу беше Елементс каде што учествуваат целиот каст од театарот, магионичарот и неговата асистентка и парот акробати, машко и женско. Темата на шоуто се четирите елементи, оган, вода, земја и воздух. Наредниот ден во една од пералните се запознав со една од балерините и ѝ кажав дека го гледав шоуто и дека многу ми се допадна. Посебно бев импресиониран што балерините и балетаните цело време танцуваа, првин своите делови, потоа кога магионичарот правеше трикови тие танцуваа покрај него, кога акробатите летаа низ театарот на јажиња тие танцуваа доле под нив, едноставно не застанаа :)

Следното крстарење ќе кружиме околу Велика Британија.

 

Comments

Popular Posts