Бродски дневник бр.89
Оригинално објавено на March 30, 2015
Двајца капетани и еден комодор
Ова крстарење започна со пола слободна ноќ. Додуша започна со утринска продажба со која се затвори претходното крстарење. Потоа скокнав до Мерит Сквер Мол кај што првин кркав цел сендвич во Сабвеј, проскитав по продавниците. Купив саат за Аце и на крај кркав палачинка во палачинкарата и си поправив муабет со Лорен, девојката што работи таму. Назад на брод сортирав фотки малку, направив 2 фотки во Пало. Повеќе правев муабет со еден од серверите за Јапонија отколку што работев цело попладне :) После тоа бев слободен и слободното време го искористив за да се исперам и да разгледам што има по продавниците на бродот. Нормално не купив ништо бидејќи уште немав добиено плата, а и за месец дена би требало да ми се смени попустот од 20 на 35% :)
Следниот ден фоткав 6 сета Дизни Џуниор (Софија Прва, Док МекСтафинс и Џејк Пиратот по два пати) по што имав пристојно долга пауза а вечерта го фотографираф Комодор Том. Најдоброто нешто тука е што имав многу слободно време за фоткање во ресторан и направив лом, двата сета отидов преку 200 фотки :)
Наредниот ден имав појадок во моето омилено место, Коразон Контендо. Со себе го поведов и Аце :) Ја симнав последната епизода од Топ Ги'р, сега уште да најдам време да ја изгледам :))) Вечерта отидов во Оушни'рс Клаб да се фоткам со Капетан Америка :)
Овојпат не излегов во Јамајка,спиев цело време освен кога бев на дрил, но потоа на работа беше ТоБ. Го фоткав Капетан Џек Спероу, најдобриот капетан на 7те мориња :) Наредниот ден беше вообичаен ден на море, принцес гедеринг во утрото, студио со позадина вечерта, и таман кога фатив да ги расклопувам студијата со тимот ми се јави Елен и ми кажа дека треба да одам во Кабанас на посебна фото сесија. Ипадна дека група сервери и бармени од бродот биле на курс за сомелиери и ги добиваа сертификатите. Таму беше и Агус кој овој договор фотка со Фуџи мирорлес камера. Кога завршив ми заврши и работното време. За жал немаше фина храна во кру-мес ама Агус подели нудлс со мене :)
Последниот ден од крстарењето времето беше поприлично лошо и дури по неколку обиди Комодор Том успеа да го укотви бродот на Каставеј Ки. Тоа значеше дека фоткавме карактери во лобито по што имав пристојна пауза :)
Последната ноќ од крстарењето Младен и Мао частеа за заминувањето на Младен на Дрим. Толку многу пиво немав испиено од поприлично одамна. Пријатно изненадување беше што кру-барот работеше до долго. Ние заминавме околу 3 наутро. Нормално наредното утро следи пиење многу вода, ибупруфен и се по ред, ама тоа е :))) Да не заборавам да пишам дека ова беше прво крстарење за Хорхе од Колумбија, а на местото на Младен доаѓа Дилија, неговата девојка од Ирска. Аце на крајот на крстарењето добро го процени Хорхе дека е голема кривина и дека ја злоупотребува позицијата Фотог3 за помалку да работи.
И за крај магични семејства. Не поделив ниту еден сертификат, ама ќе ги наведам Милагрос Сантјаго со ќерката и внукот кои ме памтат од Фентази :) И Фелер од Индијана. Таткото е висок и слаб и многу потсетува на Сашо Трајков, мој поранешен колега од општина. Синовите се 10, 8 и 2 години. Поголемите се палавковци и таткото ги плашеше дека ќе ги прати да работат на нивите на татко ми ако не се смират. Стариот Фелер е фармер па помислата дека и да избегаат на друг крај на светот пак ќе бидат фармери за децата беше застрашувачка. Можете да претпоставите дека главна тема за муабет ни беше земјоделие :)



Comments
Post a Comment