Дневник бр.96

Оригинално објавено на July 17, 2015 

Последно Магично крстарење

Се извинувам што немам пишано со векови, поточно месец и нешто, ама еден куп работи се случија овде. Најбитното е што добив трансфер од Дизни на Ројал Карибиан, но со ред. 

Исто така да спомнам дека ги читав моите први дневници кои ги пишував пред 3 години и сфатив дека сосема сум го променил начинот на пишување, затоа сакав во првичната верзија од овој дневник да пишувам повеќе за тоа како се чувствувам отколку што се се случувало околу мене. 

Моето последно крстарење на Дизни Меџик воопшто не личеше дека ќе биде последно. Имавме тим активити со карактер тимот во Кабанас. Со нас како и на мојата последна ваква средба со карактер тим беше и Џим, сервис екселенс тренерот, најдобриот :) Карактер менаџерот Дру кажа дека му е посебно драго што за ова лето има вака силен тим со еден куп луѓе во двата оддела кои имаат по 2, 3 и повеќе договори на Дизни бродовите, и со пола од нас има работено во минатото. Во меѓувреме Аце се пакуваше за трансфер на Алур оф д Сиис, најголемиот брод на свет. 

Во Стокхолм бев да фоткам екскурзија во Васа музејот. Музеј посветен на бродот Васа кој поминал 333 години под море. Своевремено требало да биде најопасен брод во шведската флота, ама по нешто повеќе од километар пловидба потонал. Во овој музеј требаше да одам со Еје на моето прво одење во Стокхолм, ама Елен не ми даде слободно утро. Како и да е, додека бев таму се закачив на фејсбук за да се чекирам и добив порака од Петар, мојот другар од Смедерево со кого бев заедно на интервјуто за работа за Имиџ и заедно имав обука во Мајами. Ме праша дали доаѓам на Алур на што му одговорив дека не доаѓам јас, туку мојот цимер. Турата беше фијаско, сликнав ептен малку фотки и кога се вратив Елен ми кажа дека треба да зборува со мене. Си реков, оообоже, пак ќе ме гњави затоа што слабо фоткам тури. Откако оставив опрема во фото лаб отидов во мојата соба кај што ме пречека отпусна чеклиста со моето име на неа. Тогаш сфатив дека јас сум тој што си заминува од Дизни Меџик. Не ми се веруваше дека после повеќе од 3 години на Дизни бродови добивам трансфер на друга круз компанија, но одговорот на Имиџ беше дека имаат потреба од искусен фотограф на Алур. Последните 2 дена скоро ич не спиев, имав бизи распоред и плус се пакував. На денот на трансферот имав долга пауза пред мојот лет за Барселона која дополнително ме истошти. Летав со нискобуџетна компанија на која и го заборавив името. На крај некако стигнав во Трип хотелот до аеродромот во Барселона. 

Обично тука пишувам магични семејства, ама ова крстарење некако не се поврзав со никого, а последните два дена не бев ни самиот со себе.

Comments

Popular Posts