Дневник бр.97
Оригинално објавено на July 29, 2015
Ројал Карибиан го претставува Алур оф д Сиис
Првичниот план беше да пишувам заедно за последната недела на Дизни Меџик и досегашниот престој на Алур, ама се изморив пишувајќи за Меџик, па решив ова да оди во посебен пост.
На пристаниште пристигнав нешто по 11 часот и чекав малку подолго додека да ме спроведат во бродот затоа што времето за прием на новите вработени поминало. Како и да е, се запознав со Владан од Србија, менаџер на фото тимот на Алур. Имав кратка тура низ бродот и добив распоред. Ја најдов и собата во која ќе престојувам за време на овој договор. Претходниот фотограф кој бил тука не оставил скоро ништо, ама заспав од премореност. Ројал ги прифати сите мои сертификати така да бев изземен од неколку тренинзи во текот на првата недела. Недела во која имав пеколен распоред, тренинзи наутро, работа навечер, море преку цел ден... Фото тимот на Алур се надевал дека и јас и Аце ќе стигнеме таму затоа што беа три човека мањак. Додека сум уште кај тренинзите да пишам дека тренинг офицер на Алур е Чак од Орландо. Кажав дека сум голем фан на Мини Маус па паѓаа зајадливи коментари од време на време на релација Ројал - ДЦЛ. Енивејз морам да пишам дека баш беа забавни тренинзите со него. И имање на сите тие тренинзи дојде како фино освежување во врска со работата на брод.
Во последно време велам дека совршенството е во деталите, и дека малите нешта значат многу. На Ројал фалат еден куп такви нешта. Како прво хаус кипинг не доаѓа во кабините на фотографите, додуша не доаѓа во ничија кабина освен ако немаш две ленти офицерски чин. Интернетот се плаќа во минути. Има уште нешта, ама овие две ми се најбитни. Друг момент што ми фали од ДЦЛ е тоа што во кру мес нема послужавници, така да одев по неколку пати до храна па до маса, па пак по храна па пак кон маса.. Исто така различно е што има само еден кру мес, нема посебен мес за офицери или за стаф така да сите сме заедно на купче. Да не заборавам да пишам дека проверка на кабини има еднаш на две недели што и не е така лошо :) И полабаво е. Исто така полесно е да резервираш место во гостински ресторан, само се јавуваш на телефонскиот број за резервации во ресторани и идеш да кркаш. Така со Златан и Ријанон бев во Изуми, јапонски ресторан, и во Џони Рокитс, фаст фуд. Криво ми е што поради распоредот немав шанси да ги видам шоута Мама Миа и Блу Планет во Амбер театарот (главниот театар) и Океанска Ариа во Аква театарот. И една работа која ми е драга, има карактери :) Дримворкс карактери, Шрек и Фиона, Мачорот во Чизми, Стоик и Гронкл од Како да тренираш змеј, и Алекс, Глорија, Крал Џулијан, Морт и пингвините од Мадагаскар.
Во врска со крстарења бродот има интеркрузинг или крстарење во крстарење. Домашни портови се Барселона и Чивитавекиа (Рим). Најголем дел од гостите околу 4500 се Барселона до Барселона а помал дел околу 1500 се Чивитавекиа до Чивитавекиа. Тоа прави збунки во нашиот систем затоа што не е направен за интеркрузинг, ама тоа е... Џеф Деј дојде еднаш да прочепка и да проба да го среди, ама замина со уште поголема збрка. Инаку системот кој го имаме е некој хибрид од стариот и новиот систем, што значи користиме Нексус 5 телефони за ровери и ги принтаме сите фотографии кои ги правиме. Морам да пишам дека кула (фолдер) системот на Дизни е многу поубаво решен отколку на Ројал (детали, детали). Да не заборавам да пишам дека Кевин дојде на еден ден тука за да праша како иде развојот на системот затоа што се планира да се имплементира на Дизни бродовите. Јас тој ден бев на утринска продажба во Чивитавекиа, и не знаев кое време ќе дојде па излегов надвор. Ријанон го поздравила од мене, а тој се зачудил од каде јас на Ројал... сепак го возврати поздравот.
Во поглед на гости, ги има буквално од цел свет. Бев изненаден колку многу Норвеани има, потоа ми текна дека кој нормален новежанин би идел на крстарење во Норвешка кога има прекрасно Средоземно море :) Инаку поради големиот број на гости и големината на бродот постои мала шанса еден гости да видиш неколку пати, ама сепак имаше неколку гости кои ги дружев чат-пат. На првото крстарење ги запознав Џејк и Марија, постар црн брачен пар од Њу Орлеанс. Им реков дека тие се втори кои ги запознавам од Њу Орлеанс, прва е принцезата Тијана. Слатко се изнасмеаја и веднаш станавме другарчиња. После тоа да ги спомнам Џејсон и Роуз од Тексас, не запамтив како се вика нивниот син, редовни на Ројал бродовите. У принцип дружба паѓа со гостите кои доаѓаат од или живеат во Америка (евентуално Канада и Австралија), овие европјаниве некако не не мирисаат нас фотографите. Арапите се интересна приказна, некако не се остварува комуникација, ама сепак купуваат фотки, така да не се жалам :) Африканците се ко Јужно Американците, никако не можеш да предвидиш колку фотографии ќе купат. Ме изненади тоа што има доста гости од Зимбабве. Земја за која досега знаев само дека има неколку луѓе во СПА центрите и чат пат во други оддели, и дека има хиперинфлација, и диктатор за претседател.
Пристаништа кои ги посетува Алур се следните: Барселона во Шпанија, порт во кој секогаш работам. Поради големината на бродот се користат два терминали, Б и Ц. На Б идат обичните гости а на Ц идат гостите од апартманите и гостите со голем број крстарења. Следно пристаниште е Палма де Мајорка. Тука бродот кратко се задржува, така да не ми се исплати да излегувам надвор, посебно затоа што истата вечер е формална ноќ. Како и да е, на терминалот има фри шоп во кој еднаш потрошив скоро 50€ на чоколади :) Потоа оди Марсеј, Франција. Овде се плаќа карта за автобусот од пристаниште до град, па некако мрза ме фаќа за излегување. Прво италијанско пристаниште е моето омилено гратче, Ла Специја. Секогаш излегувам овде, јадам кафе и кифла во Ло Сфицио и купувам потрепштини во супермаркет. За жал досега секогаш работев нешто во утрата така да немам појдено до трговскиот центар ниту до тврдината во градот. Следно италијанско пристаниште е Чивитавекиа, каде излегов неколку пати. Прв пат беше со Оливер и Кристи и умрев од досада чекајќи ги додека тие пазареа во кинеска продавница, на крај ги оставив, јадев сендвич, си купив потрепштини од Зелена Желка и се вратив назад на брод. Следниот пат имав цел ден слободен па Алекс ми покажа фин кафич со брз интернет. Идеална шанса за да ја симнам последната епизода од Топ Ги'р. И последно пристанише е Наполи. Тука исто така обично работам и некако ме мрзи да излегувам.
Начинот на работа е поприлично различен отколку на Дизни. Се фотка генгвеј со карактер, различен за секое пристаниште, со прстен за спасување на кое е испишано пристаништето, и фристајл фотограф. Се фотка по барови и наоколу по бродот. На формална ноќ има 13 студија, другите ноќи од 8 до 10. Цените и попустите во фото галеријата се различни. Има посебно студио за црно-бела фотографија. Врти-сучи се навикнувам, иако не ми одговара. Никако да најдам време за теретана. Во бар бев два пати досега :)
Вработените се Ок, како и на секој брод. Има маку повеќе македонци. Се запознав и фина ми е дружбата со Лиле од Велес од детска грижа, Билјана од Битола од баровите, Боге од Струга од казино. Еднаш видов и две девојки од ресторанот на дек 3 (тој што никогаш досега го немам фоткано) и двајца момци кои изгледа се провинцијалци што мразат скопјани.
И за крај мојот тим. Ќе почнам со српската мафија. Главен менаџер е Владан, долгогодишен морнар. Правеше тежок распоред кога бевме со помалку луѓе во тимот, врши притисок, ама има и финансиски успех. Асистент на лаб менаџерот е Филип, мој поранешен цимер од Фентази. Откако се ожени за колумбијка се врати на бродови. Некаде во октомври треба да стане татко. Од фотографи има четворица и сите се високи, ќелави и со брада :) Да почнам со Дејан кој неодамна стана татко на трето дете. Потоа оди Златан од Нови Сад, по татко кумановец. Можете да претпоставите дека е зевзек и боцкало, но и добар другар. Трет е Мирослав, по образование професор по англиски, многу фин дечко. И последен ќе го пишам тој што најдолго го знам, Петар од Смедерево со кого заедно бев на интервјуто во Загреб и на обуката во Мајами. Кога дојдов на брод имаше еден романец, Алекс. Тој стана асистент во црно-белото студио уште во својот прв договор. Сега се четворица, со најава дека за неколку дена на местото на Владан ќе дојде романка, Јоана. Како и да е, ново вработени се Кристина Коњак (дап, Коњак и е презимето) и дечко и Даниел. Потоа следи Каталин, втор договор а веќе продакшн фотограф, и тоа доаѓа од мал брод, ама јбг, чудни се унапредувањата во Имиџ. И за крај Кристијан, поради различен распоред ретко го гледам. Лаб менаџер е Мелиса од Филипини, и таа е долги години по бродови. Имаме и фотогаф од Филипини, и тоа мојот цимер Оливер. Тој е приказна за себе. Четири договори веќе на бродови. Педерче во душа и во сексуална ориентација. Има десет пара патики и чевли на бродов кои сепак чинат помалку од еден пар мои патики. Најинтересен е кога е матадор во Палма де Мајорка. Трет филипинец е Едвин од црно-белото студио. Првите два договори бил на Дизни со Филип пред многу години, од тогаш е во специјалните студија на Ројал. Менаџер на фото галеријата која овде се вика Фокус е Ријанон од Велс, пред некој ден наполни 25 години. Еден од луѓето на кои можеш да се потпреш е Флојд од Јамајка. Ми ги разби стереотипите кои ги имав за јамајканците базирани на Двејн и оној другиот, циганот што беа со мене на Фентази. Работел на Експлорер заедно со Карен. Од Гватемала го имаме Маријано, прв договор, дојде на бродот два-три дена пред мене. Добар дечко, пријателски расположен, се труди, ама коа ќе направи некоја глупост.... Од Јужна Африка имаме тројца фотографи. Кристи за која ова е петти договор и сите биле или на Оејзис или на Алур. Парти енимал со интересна тетоважа Smile на показалецот од десната рака. Има и виолински клуч на тилот. Потоа оди Вилрих, искусен фотограф и вистински професионалец. И за крај Прешен кој по потекло е од Индија, ама неговите се толку многу генерации во Јужна Африка така што тој зборува само англиски. Има девојка од Србија :) Од Аргентина го имаме Алехандро Конта, парти енимал, најчесто стига на брод пред да го затворат пристаништето а навечер е обично во кру бар. Има уште еден аргентинец, Принц Џулијан (Крал Џулијан е веќе зафатено), најнизок дечко во тимот, многу добра личност, дечко на Луси од Кина. Таа е при крај со својот прв договор а следниот договор ќе оди на Дизни Фентази. Од Маурициус го имаме Енди. И тој е долго по бродови, и се пушта на секоја сукња :) Баш е интересен кога фотка барови како ги брка гостинките низ брод за да ги фотографира :) Мене секогаш ми се обраќа со Дизни :) Од Колумбија го имаме Хорхе, ама овој се презива Варгас. Фин дечко, иде со корејка од шор екскуржнс, секоја му чест. И за крај Бернарда, требаше да ја пишам кај аргентинците. Таа живее на југот на Аргентина, еднаш и се обратив со Принцеза Бернарда од Ушуаја. Висока, крупна и со еден куп позитивна енергија во неа. Мајстор за генгвеј.
Не знам дали во оние 45 дена кои ми остануваат до крајот на договорот, и воедно мојата кариера како бродски фотограф ќе пишам уште еден дневник. Овој дневник го пишувам оваа вечер бидејќи добив медикал офф. Ме боли грлото и имав страшна главоболка која сеа е мала главоболка. Контактирав со неколку луѓе на Меџик за да се префрлам во детска грижа на Дизни, ама некако не иде работата. Најверојатно ќе трба да аплицирам преку агенцииве што се по балканот.
Comments
Post a Comment