Бродски дневник бр. 204

Си купив англиска сим картичка, ми стигна првата плата и стапнав во Шкотска.

Првото пристаниште на ова крстарење беше Портланд. Купив по нешто ситно во Асда маркет и потоа отидов да си купам англиска сим картичка во Водафон. Кога излегов од бродот времето беше тмурно и ја носев зимската јакна, во еден момент и врнеше додека одев низ пешачкиот дел од градот, гледав некои од локалците како одат по маички по кратки ракави и си викав океј... Тргнав да си одам накај брод, ама во една кафетерија ги видов Лајош и Киран од Еффи и Лајош ме покани да седнам со нив. Порачав капучино и за нешто под 3 фунти добив огромен филџан полн со вкусно кафе. Лајош кажа дека во Брашов за 2 фунти добиваш дупло помало кафе, му реков дека е исто и во Скопје. Потоа отидов до Мекдоналдс да си купам еден милкшејк и да ја ѕирнам спортската продавница. Мислам дека се викаше Спорт Поинт и внатре имаше опрема од скоро сите спортови, дури имаше и црни чевли за на работа и хтз чевли. Си купив нови ракавици за вежбање, кога ќе ги сефтосам, поим немам.

Потоа следеа две пристаништа во Ирска каде што не можам да излезам бидејќи немам морнарска книшка, така да одморив на брод малку. Во Белфаст сакав да излезам ама имавме аукција така да ништо и од тоа. Аукцијата беше во конференциските сали и горе беше полно, преполно.

Кирквол е интересно местенце со мала пешачка улица, но она што е интересно е дека за прв пат во живот влегов во Лидл :) Оригинално сакав да одам пешки од бродот до гратчето, ама од обезбедување не не пуштаа додека гостите не излезат од брод и не се качат на бесплатниот автобус до гратчето, така да на крај се решив да одам со бус.

Во Инвергордон се докиравме веднаш до центарот на гратчето, ама бидејќи беше недела многу малку места беа отворени. Имаше еден супермаркет отворен и си купив сладолед меѓу другите работи што ги купив. Купив и маршмелоу, ама не беа добри ко оние од Црвенка. Она што е интересно со ова мало градче е што на главната улица имаат 10 мурали нацртани на 10 куќи, ова е еден од нив.

Бидејќи браните во Амстердам се отворени за бродови во краток временски интервал повторно беше откажан Зибруж и наместо тоа ден порано стигнавме во Амстердам. Бидејќи имав STCW тренинг од 1 до 4 попладне и работа од 6 до 9 само на ептен кратко излегов во Амстедам да си купам витамини од аптека. Вечерта на работа се раскашлав ептен и се јавив во медикал центарот дека кашлам и носот ми е затнат. Ме ставија во гостинска кабина без прозор и ми кажаа дека мојот ковид тест е позитивен и ќе останам 6 дена тука.

Додека бев на Индипенденс оф д Сиис правев STCW тренинг меѓутоа никогаш не ми го испечатија сертификатот, така што морам пак да го правам. Добра работа е што има фини луѓе во групата како Наташа и Маријана од Србија и Кори од Мајами. Додека го правевме делот со противпожарна заштита дознав дека татко и на Маријана е пожарникар. Сите што добро ме познаваат знаат дека имам голема почит за сите пожарникари.

Ова крстарење ги направив моите први две продажби. На втората аукција еден од гостите дојде во Стилерс блузон. Претходно го видовме на Томас Кинкејд семинарот така да што верувавме дека ќе купи нешто. Втората продажба беше со Ник и Александра од Далас. Ед и Џорџ викаа дека Ник е моја американска верзија.

Следниот дневник ќе биде уште пократок бидејќи започнува во изолација.

Comments

Popular Posts