Бродски дневник бр. 208

Одам на југ

Конечно тргнавме кон потопли краеви со бродот. Се уште ја имав над куферот зимската јакна ама пред крајот на ова крстарење ја ставив во куфер :)

Прво пристаниште беше А Коруња, или на шпански, и како што повеќето тука ја знаат поради фудбалскиот клуб Ла Коруња. Пред да стигнеме таму имавме цел ден на море од Саутемптон до А Коруња. Бродот се нишаше толку многу што морав да испијам апчиња против морска болест. Тој ден имавме аукција и моравме да ги прередуваме сликите затоа што некои паѓаа од штафелаите на кои беа поставени. Меѓутоа преживеав и после бурата сонце доаѓа. Додуша ме фати и малку дожд, но со ред :) Веднаш штом излегов од брод фатив накај Оринџ да купам шпанска сим картичка. Потоа тргнав накај туристичкиот дел од градот. Застанав во 4 Elementos да видам што патичиња имаат. Имаа More Uptempo во неколку бои, ама бидејќи веќе купив џорданки претходното крстарење решив да излезам без да купам ништо. Потоа седнав во пекара да каснам прописен појадок, тестенини какви што немав јадено откако се качив на брод. По пат го сретнав Боб и тој ми раскажуваше што изгуглал набрзинка за градот и ми се пофали дека уште во првата продавница си купил значки кои ги собира од сите места каде што оди. Кога излегов од бродот ми беше сомнително времето и ја носев зимската јакна. Кога излегов од Оринџ почна сонце да грее па ја ставив во ранец. Додека се муабетев со Боб почна да врне и пак ја облеков и тргнавме пешки накај брод.

Следниот ден бродот беше во Порто, Португалија. Ова ми беше прв пат да одам таму. На терминалот ги видов Живојин и Пиа. Таа зборуваше за најубавата библиотека во свет и дека сака да оди да ја види. Чекајќи такси надвор од терминалот ја видов Мари и таа ми се пожали дека нема ништо интересно во гратчето каде што всушност бевме докирани. Како и да е, јас, Пиа и Живојин фативме такси да не носи до центарот на Порто. Возејќи попат тој ни направи мала тура кажувајќи ни за сите битни знаменитости и ни даде негова визит карта за кога ќе се враќаме да не земе и врати назад до бродот. Бидејќи Пиа беше гладна седнавме во еден ресторан по што фативме да шетаме барајќи ја најубавата библиотека во свет. Попат почна да врне а редицата за влез во библиотеката беше долга и наместо тоа отидовме во слаткарницата блиску и земавме сладолед. Дождот не покажуваше знаци дека ќе намали и се криевме под една стреа. Пиа му се јави на таксистот и бидејќи имавме 15 минути таа и Живоин сакаа да одат во кафетеријата во близина да сркнат едно кафе набрзинка. Јас ги предупредив дека услугата е бавна, ама тие инстираа па влеговме. Таксистот точно во 4 дојде на закажаната локација што пријатно ме изненади. Е сега бидејќи уште врнеше дожд и беше 4 попладне сообраќајот беше тргни-застани. Му кажавме дека мораме пред 5 да бидеме на бродот и тој кажа дека ќе стори се што е во негова моќ да стигнеме назад на време. Стигнавме на брод 10 минути пред 5, а во 5 беше крајно време за враќање на персоналот назад на брод :)

Наредниот ден ми се спиеше премногу, меѓутоа и ветив на Синтија дека ќе пиеме кафе заедно. Се немавме видено 3 години. За разлика од нашите претходни средби кои беа среде лето и пукаше сонце, тој ден времето беше тмурно и на моменти врнежливо. Отидовме во едно ресторанче каде што правеа тазе тарт. Се муабетевме за се она што се случувало од нашето претходно гледање. И кажав дека на 10 ноември пак ќе се вратам со бродот и се договоривме да одиме на ручек. На враќање назад почна да грее сонце :)

Во Кадиз излегов набрзинка за да испазарам во Керфур и попат решив да купам ствари за халоуин. Од Декатлон купив рибарски елек и од книжарница купив темпери и четки, така што ако славиме халоуин на фино место во бродот ќе се маскирам во Папарацо, ако не... ќе видам. Како и да е, ќе пишам во следниот дневник.

Следните портови беа Малага, каде што ме мрзеше да одам пешки, посебно без друштво. Пред 3 години таму одев во Хард Рок Кафе на појадок со Доминика. Сега немав причина за да излезам од брод. Патем почна да ме фаќа умор од многу работа во претходните денови плус шетање по портови. По ова бродот беше во Аликанте каде што повторно немав некоја посебна желба за да излезам. Седев во кру-бар на столче и сурфав на интернет. Истото го направив и во Барселона. Луѓето што ме прашуваа зошто не излегувам им кажував дека можам во секој момент да летам од дома до тука за помалку од 100 евра, така да не ми е нешто предизвик, сум бил многу пати тука. Последно пристаниште беше Сен Тропе кое ем беше со тендер бродчиња и плус имавме аукција вечерта, така што немав желба за да излезам.

Од промени во персоналот, на бродот дојде Пол од Круз Стаф кого го знам од Индепендес оф д Сиис. Кон крајот на крстарењето се најдовме во кру-мес заедно и го прашав како му се свиѓа Норвиџн и што мисли од денешна перспектива за Ројал на што тој кратко одговори: Фак Ројал!

Кога сме кај гостите имаше неколку интересни. Од позитивно интересните да ги пишам Хари и Дела кои живеат во мало градче блиску до Питсбург. На бродот беа заедно со брат му на Хари, Рик и неговата жена Шарлин. Од негативно интересните ќе ја спомнам баба Шила од Лондон. Индијка родена во Лондон која што имаше земено 3 апартмани на бродот за да го смести целото свое семејство. Се фалеше дека за своите 3 внучиња има купено три уникати од Мр. Брејнвош, другарот на Бенкси. Зборуваше дека ќе купи три уникати од Питер Макс. Толку добро го извозе Блејз што на крајот од крстарењето Блејз љуто изјави дека веќе нема да тинтра никого така.

Следното крстарење е од Чивитавекија до Грција и назад кон Барселона. Тоа воедно ќе биде и последно крстарење за Блејз во неговиот договор кој што трае 11 месеци.

Comments

Popular Posts