Бродски дневник бр. 209


Халоуин во г’рчка

Ова беше интересно крстарење од неколку аспекти. Отидовме до грчките острови, славевме халоуин, ова беше последно крстарење за Блејз и продадовме многу слики, но со ред.

Прв порт ни беше Хераклион на Крит. Кога излегов од бродот прво нешто што направив е отидов во Мекдоналдс да јадам пита со јаболко и мекфлари. Она што пријатно ме изненади беа три најпопрекрасни млади дами, црнкињи, аф корс, бидејќи гркињите се онака, мехх... После тоа отидов да прошетам низ градот, низ чаршијата. Попат си купив вода и Лакта чоколада :) Шетајќи низ чаршијата видов продавница за спортска опрема и мислев да не трошам пари, ама додека разгледував еден од продавачите ми кажа дека шишето ќе ми испадне од ранец. Решив да не претерувам, си купив чорапи со Мики Маус и маичка од Лука Дончиќ.

Наредниот ден бевме на Санторини. Блејз ме замоли да му правам фото сесија и рече дека ќе ми плати. Првично не сакав да го фоткам, бидејќи ме ставаше под многу притисок и ми држеше обуки до 1 сабајле, ама кога рече дека ќе плати решив да одам. Тој ден имаше дури 6 бродови околу Санторини, ама бидејќи последни пристигнавме и малку подоцна излегов од бродот, веќе немаше гужва за жичарницата која води од морето до градот Тера. Туристичкиот дел од градот ми се виде многу интересен со тесните улички. Кога излеговме на широката улица ја сретнавме Клаудија, новата Меди-Спа докторка. Блејз ја знаеше од претходниот брод. Иако кабината и е веднаш спроти мојата јас не знаев за нејзе. Попат ги сретнавме и Конор и Џорџ кои се качија со магаре нагоре по ридот. Сите заедно се качивме во такси и заминавме кон Оја, гратчето кое е заштитен знак на Санторини. Ги фоткав колегите, Блејз направи неколку фотографии од мене. Не знаев дека фотографијата му е хоби и дека размислува да купи дслр или мирорлес камера. Шетајќи низ Оја најдовме уште неколку спа девојки и ја оставивме Клаудија со нив откако на неколку од нив им направив фотки на едно ѕидче од каде што имаше убав поглед. На враќање гужвата за жичарницата беше многу долга па фативме пешки по патеката за магариња. Спуштањето беше како на видео игра во која избегнуваш други луѓе и магарешки лепешки. Кога стигнав во кабина прво нешто што направив е ги измив патиките со сапун и четка за заби.

Во Пиреја не излегов бидејќи е предградие на Атина а Атина е најгрда метропола на балканот.

Миконос беше интересно искуство. Како прво дуваше ветер и беше ладно. Излегов со Блејз, Конор и Џорџ, прошетавме низ гратчето и на крај седнавме да јадеме во еден од рестораните. Појадокот беше скап :) Мусака 16 евра, сок од цеден портокал 6 евра... Коктелите беа 15 евра... Мусаката беше мех... толку многу тиквички и посебно модар патлиџан... толку многу модар патлиџан немам изедено цел живот до сега колку што имаше во мусаката. Месо колку за вкус, тук-там.

На Крф не излегов бидејќи ми се спиеше.

Во Наполи имавме дрил кој што беше подолг отколку вообичаеното и сакав да излезам веднаш по дрилот ама не ме пуштија. Додека да дозволат за кру да излеземе надвор се направи дооооолга редица и се вратив назад во кабина. Кога конечно излегов се погоди Клаудија да излегува во исто време. Ми кажа дека сака да проба пица и ја однесов во мало ресторанче позади шопинг улицата. Од широкиот избор на пици на крај решивме да поделиме една Маргарита. До сега неколку пати имам јадено пица во Наполи и секогаш била превкусна. Тој ден пицата беше како и обично, превкусна :) Клаудија беше изненадена од пицата меѓутоа после неколку залци кажа дека тоа е највкусна пица во нејзиниот живот. После тоа таа си купи магнет, јас си купив нови чевли од Геокс. Клаудија мораше да се врати назад на брод па не шетавме многу.

Наредниот ден бевме во Ливорно и се договоривме да идеме заедно на џелато (сладолед). Шатл автобусот не остави пред една сладоледџилница. Немаше многу избор на вкусови па земав кафе и страчатела. Превкусно ко и обично, Клаудија повторно пријатно изненадена од страчателата. Овој пат Клаудија имаше малку повеќе време за шетање па отидовме до марината и назад.

Наредниот ден требаше бродот да застане во Вилефранш, па беше преместено за Кан за на крај да имаме ден на море затоа што имаше бура. Во лифт го видов првиот офицер кој е од Хрватска и му кажав дека до сега го немав видено медитеранот толку да ниша брод на што тој само одговори, зима е, и јадранот има бура во зима. После аукцијата ми беше толку лошо што повраќав па пиев апчиња против морска болест.

И сега за она што е во насловот, Халоуин, голем празник за американците. За жал журката беше во кру-бар кој беше претесен за така битна ноќ. Јас во 5 до 12 го правев мојот костим, Папарацо :) темперите што ги купив од флајинг тајгер беа пола боја пола вода. Морав да одам до гостински тоалет да ја сушам бојата на сушач за раце. Багеш кога го виде елекот на кој имав напишано прес ми кажа дека има многу пенкало, ама му реков дека во темниците во кру-бар нема ич да се познава, и така и испадна :) Од интересни маски ќе почнам со Лусија од фото која што беше гејша. Хана и дел од танчарите и пејачите од театарот беа Круела ДеВил и 5 далматинци. Вокер беше Ахил, Луз беше маскирана во традиционална латиноамериканска маска за ноќта на мртвите. Пол и Лика беа свештеник и ѓаволица... Имаше бесплатен алкохол, и премногу гужва, не останав до крај.

Во поглед на кру, овој пат имам тажна измена. Маријана од казино купила во некое пристаниште колачиња кои биле со канабис. Доволно за да испадне позитивна на тест за дрога и во Атина летна кон дома :(

Од гости имаше неколку интересни гости. Прва ќе ја спомнам Медисон од Калифорнија, врсничка на Џорџ. Девојчето се заљуби у Џорџ и седеше со нас на масата во атриумот скоро секоја вечер. Потоа ќе ги спомнам и Дејв и Синди. Дејв работел како авио-механичар и сега како полупензиониран вози школски автобус. На сред крстарење му беше роденден па Блејз порача торта и му пеевме среќен роденден на една од аукциите. Даде одлично објаснување за тоа како работи млазен мотор кое поради автентичност ќе го напишам на англиски: How does a jet engine works? The front sucks and the rear blows :)

Следното крстарење ни е до Тампа Флорида и имаме нов аукционер, Роберт од Србија.

Comments

Popular Posts