Бродски дневник бр.211
Островите АБЦ
Ова крстарење траеше 14 дена и опфати неколку портови каде што имам одено порано, но повеќето беа нови.
За почеток имавме
ден на море и аукција. Следниот ден бродот беше на Кајманските острови каде што
јас по традиција не излегувам бидејќи треба да фаќам тендер бродче за да
излезам од бродот. Потоа уште еден ден на море и аукција.
И сега островите
од насловот, се работи за Аруба, Бонеир и Курасао. Три острови во холандските
антили кои се многу блиску еден до друг. Бонеир и Курасао се толку блиску што
за да може да се отвори казиното на бродот и продавницата бродот мораше да се
оддалечи од островите :) На еден од островите не можев да излезам бидејќи имав
ИПМ, а другите два ми беа многу слични, така што не се сеќавам што конкретно правев
таму :) По ова следеше Сент Луција каде што за жал бевме во недела и скоро се
беше затворено. Клаудија не беше спремна за на плажа така што кружевме околу
пристаништето и најдовме отворена Доминос пицерија. Се мислевме помеѓу една
голема или две медиум пици и на крај земавме 2 медиум пици. И сега доаѓа
изненадувањето. Прво чинеа 18 или 19 долари кога ќе се конвертира од карипски
на американски долар и пиците бев поголеми од џамбо пицата во Доминос Скопје :)
На крај испадна муабетот: Тимон, јадев како свиња. Пумба, ти си свиња. Охх....
:)
На Сент Китс повторно
излеговме и се шетавме околу пристаништето. Веднаш на пристаништето има неколку
продавници, една од нив Athlete’s Footwear каде што имаше интересни џорданки, ама чинеа од
230 до 250 долари. Ги имаше и моите што ги купив во Ливерпул за 190 фунти. Бидејќи
патувам со авион и имам ограничен багаж решив да не трошам пари :) Најдовме
слаткатница за крофни каде што заблаживме душа, се прошетавме наоколу и се
вративме на брод.
На Антигва бев
ИПМ па следно излегување ми беше во Сент Џон на Девствените острови. Ноќта пред
тоа и викав на Клаудија да одиме пешки до врвот на ридот наместо со жичарница,
ама таа кажа дека сака да оди со жичарница. Кога излеговме од бродот редот за
жичарницата беше предолг и продолживме накај стоковната куќа. Каснавме по
сендвич во МекДоналдс и купивме потрепштини во Кеј-Март. Јас си купив
освежувачи за здив од Листерин, 3 за 7,50 долари. На брод 1 е за таа цена. Си
купив и крпа за на плажа со Стич :) Додека Дон беше докиран во Сент Џон, до нас
беше докиран Енкор на кој подоцна дознавме дека имало ВИП круз со Мајкл Годард
и уште 2 уметници. На жената на Мајкл ѝ било роденден па тој и купил ѓердан од
дијаманти во една од продавниците. Јас и Клаудија поминавме покрај таа продавница
ама бидејќи не трошиме пари на накит. Брачен пар од мојот брод кои го имаат
запознаено Мајкл порано го виделе во продавницата и го прашале: Дали си ти? И
тој онака лежерно, даа, тоа сум јас, Мајкл, типот што црта маслинки :) Кога ми
кажаа за тоа јас бев љубоморен, ама тоа е... повеќе среќа следен пат.
Последно
пристаниште беше Амбер Коув на Доминиканската Република. Оригинално требаше да
одиме во Порто Плата, ама поради некоја причина го сменија портот. Местото е
најпопрекрасно. Во подножјето има продавници и паркинг за автобуси. Повторно
потрошивме по 20 долари на чоколади со Клаудија :) Продавницата за чоколади
беше фина, имаа секакви вкусови и продавачката беше многу фина. Потоа се
качивме по скали на ридчето каде што имаше бар кој оригинално мислев дека е
голема сателитска антена. Поделивме една порција кесадији и пиевме локално пиво
и коктел. Пивцето беше ОК, го сликнав и го ставив во групата Пивопии и добив
еден куп лајкови :) Клаудија кажа дека коктелот бил одличен. Потоа се спуштивме
до базентите каде што ја видовме Ајвори со другарчиња од казино одделот. Се испосликавме
со нејзиниот телефон и се вративме назад на брод за да јадеме вечера во Гарден.
Откако ни ги
укинаа привилегиите за да одам во Гарден морам да се запишам на листа која што
стои пред кру-офис 2 дена однапред. Клаудија за среќа има повисок ранг и може
да оди кога сака. Поради тоа страната каде што јаде кру овој пат беше скоро
целосно празна. Иако таа вечер храната не беше нешто нај-нај си поминавме
убаво, да не кажам романтично :)
Во поглед на
персонал, дојде новата театарска трупа. Купче млади момци и девојки кои се
надевам ќе ги видам во акција пред да заминам на одмор. Од луѓето за кои ова
беше последно крстарење ја спомнав Ајвори. Порано си замина рок бендот.
Едноставно не се вклопуваа во концептот на Дон. Последната вечер Џек правеше
муабет со Ребека во кру-мес и седнав со нив, се муабетевме, и покрај нас помина
Ајвори. Носеше високи штикли и бел мини фустан. Џек и Ребека ја коментираа
додека јас си јадев и молчев. На враќање Ајвори ме виде и кажа Тони доаѓај у
кру-бар, ова ми е последна вечер, мораш да дојдеш. Јас само кажав ОК, а на
Ребека и Џек им кажав дека нејзината желба е моја заповед :) Предвреме си
замина и Нудлс од Сплеш Академи. Девојката се шегуваше дека ќе се фрли од брод
и некој земал и ја пријавил дека навистина ќе се фрла од брод. Ноќта ја
преспала во гостинска кабина и наредниот ден ја однеле на аеродром. Вељко кога
ми кажуваше не ми се веруваше, ама тоа е...
Интересни гости
на крстарењево прво ќе го спомнам Џастин, младо момче кое не е баш најостра
алатка во сетот, ама е фино воспитан. Доаѓаше на сите аукции и после третата
или четвртата дојде на чекаут со мајка му Памела и купија еден Годард и два
Криејта :) Нашата дружба почна кога го видов на Погоди ја тежината во атриумот
кога ми кажа дека ќе оди да се шиша во спа центарот бидејќи изгледа како
дрвосечач. Мари го спастри навистина фино. Кај Мари на шишање отиде и Конор, па
го прашав дали нејзините гради го деконцентрирале, и тој само кажа, по малку :)
И ѕвездите на
крстарењево Барбара и Расти. Скоро цел работен век го поминале во армијата.
Расти меѓу другите мисии бил и 9 месеци на Косово, па ми кажуваше дека убаво си
поминал со косоварите и македонците кога доаѓал во Скопје. Дека пољаците и
украинците имале фино средени касарни додека грците смрделе од далеку и дека на
сите во четата им се гадело кога ќе виделе во распоред дека треба да одат кај
грците. На првата ноќ од крстарењето прашаа кој е Џорџ, бидејќи убаво си
поминале со неговата сестра месец претходно на Прима. Јас им кажав дека Џорџ е
заминат на одмор меѓутоа пред да си оди кажа дека тие доаѓаат на брод и дека се
многу фини луѓе.
Ах... за малку ќе
заборавев дека јас и Конор го држевме семинарот за Макс, Брито и Агам. Оригинално
требаше Роберт да збори за Макс, јас за Брито и Конор за Агам, ама Роберт имаше
тренинг па така само набрзинка јас кажав 2 факти за Макс по што зборував за
Брито. Конор ми кажа дека мојата презентација била добра :)
Следното
крстарење е 11 дена од кои 5 се на море. Како ќе преживеам ќе читате во
следниот дневник.
Comments
Post a Comment