Бродски дневник бр.213
Среќна Нова Година
Новогодишното крстарење испадна многу интересно. Имав две прекрасни излегувања во Сент Томас и во Курасао, цртав Canvas by You и прославивме Нова Година. И да не заборавам да пишам дека продадовме мноооогу уметнички дела.
Ова крстарење бев ИПМ во Сан Хуан и на Грен Кејман, на Аруба имавме дрил и кратко време таму, ама затоа Сент Томас и Курасао беа ТоБ. На Сент Томас излеговме од бродот релативно рано со Клаудија и прво нешто што направивме беше појадок во кинескиот ресторан. Јас земав суши, а таа зеде слатко-кисело пилешко. Моето суши беше повеќе месо отколку ориз што малку ме изненади, нејзиното пилешко беше одлично, вистинско вкусно пилешко, за разлика од она што го јадеме на брод. На излегување од таму ги видовме Конор и Лусил, пушеа цигари и ни кажаа дека нема гужва на жичарницата што оди до врвот на ридот. Претходниот пат кога бевме таму, редицата беше скоро саат долга. Овој пат имаше само едно семејство пред нас во редот. Плус цената за кру беше само 10 долари од човек, така што не размислувавме воопшто и се качивме со жичарница. Претходно јас се шегував со Клаудија за тоа дека побрзо јас ќе се качам пешки отколку таа со жичарница, ама овој пат воопшто не се чекаше за жичарница. Од врвот на ридот има убав поглед на островот. Кога се симнавме сакав да одиме до К-Март, ама првин застанавме во филипинскиот супермаркет каде што немаше ништо интересно. Кога излеговме почна да роси и решивме да си идеме назад накај бродот, по пат толку засили што влеговме во Пејлес Шус и Клаудија си купи патики. Бидејќи е крупна девојка, во Мексико се мачи да си најде чевли и облека, ама за американски стандарди е океј и беше пријатно изненадена што има чевли во броеви поголеми од нејзиниот и има навистина голем избор. На крај си купи црни патики со розови ластици наместо врвки и розово знакче од фирмата што ги прави. После неколку дена ми кажа дека ептен и се погодени, за прв пат во живот купува патики, а јас ја зафркавав што би правела да купеше патики од 100 долари :)))) Кога дождот намли во интензитет се вративме на брод.
На Курасао излеговме релативно доцна бидејќи имавме божиќен ручек во Венишн ресторанот. По пат ги најдовме Доктор Коко и Мари. Доктор Коко сакаше да остане во продавниците блиску до пристаништето а Мари сакаше да оди до Викторијас Сикрет па продолживме со нејзе до продавниците што беа малку оддалечени. Инаку сонцето печаше ептен јако, ама за среќа јас носам крема за сончање во ранец. Во Викторијас Сикрет Клаудија не виде ништо интересно, па излеговме надвор и во соседната продавница видов Пума патики од Формула 1 серијата, имаше од Мерцедес, Ферари, БМВ... Влегов внатре и кога видов дека чинат по 150 долари, си реков неврмајнд, неќам ни да ги пробам. Се вративме во ВС и Мари беше исплашена дека сме ја напуштиле. Додека да заврши со шопингот користевме гага интернет од ВС. Бидејќи таа почнуваше порано со работа, и кажавме како да се врати назад на бродот без да се изгуби а ние продолживме да се шетаме. На враќање застанавме во Старбакс затоа што никогаш немаме доволно од нивното прескапо кафе (а имаме Старбакс на бродот :) ) и решивме да пробаме од кафињата што ги немаме на брод. Клаудија зеде кафе помешано со сируп од јагода. Јас сакав кафе помешано со мелени колачиња, ама немаа па земав со сируп од карамела.
Е сега од настаните што беа поврзани со Божиќ и Нова Година, имаше еден куп настани, ама Багеш го фрли флаерот кога ја чистеше кабината па ќе пишам од сеќавање. Веќе пишав дека имавме божичен ручек во Венишн ресторанот. Имаше голем избор на јадења и се беше вкусно. Имаше и суши и сладолед... Кога бев да земам сладолед пред мене во редот беше Капетан Рони, и кога зеде сладолед се сврте кон мене и ми кажа, не се секирај, оставив и за тебе :) Јас седев на маса со Клаудија, Мари и Коко. Имаше и лотарија, имињата на сите вработени на бродот кои имаат помалку од 3 ленти беа испечатени и ставени во голем барабан. Џејми се мачеше да го изговори името на Коко (традиционално кинеско име, Коко и е прекар) и само кажа награда добива акупунктуристот. Наредниот ден за дневното шоу научи кој и е прекарот :)
Вториот интересен настан беше Canvas by You, активност на NCL бродовите во која гостите добиваат картон за цртање бои и четка и цртаат слика. Има три шаблони, слон, палма и гитара. Овој пат за вработените имаше шаблон слон. Кори беше учителот кој ни кажуваше како да цртаме и беше многу интересен во своите објаснувања. Јас ги понесов со мене и боите и четките што ги купив во Кадиз за халоуин и сфатив дека четките беа добри, ама боите беа за никаде па затоа ги користев боите што беа оставени од гостите и по обичај ми фалеше бела, бела боја никогаш доволна, ама мислам дека пак нацртав интересна слика :) кога ќе дојдам до голем скенер ќе ја скенирам :)
Третиот интересен настан беше пречекот на Нова Година. Ни беше дозволено да се мешаме со гостите. Музика имаше горе на базентот, во лобито и во Блис клубот. Ја натерав Клаудија за пречекот да бидеме горе на базентот, и таму на нејзино изненадување беше скоро целиот нејзин тим. По доаѓањето на Нова Година отидовме во Блис каде што свиреше латино бендот и таму беа луѓето од театарот, Роберт, Рик... После некое време Конор ми пиша да ме праша каде сме, па кога му пишав дојдоа и тој со Лусил. Прва пијачка што ја пиев во 2023 беше Кампари Оринџ :)
Во поглед на работа, во ходникот ја ставивме најголемата слика од Слава Илјаев и неколку гости или ја сликаа со телефон или се сликаа со сликата заедно. Конор кажа дека до крај на крстарењето мора да ја продаде, и успеа во тоа. Млад брачен пар ја купи.
Од гости ќе ги издвојам
семејството Копиџ. Нивните две ќерки имаа виткани црвени коси, една од нив ги
сака сликите на Мајкл Шевал и јас ѝ кажав дека имам нешто специјално за нејзе.
На првиот ден купија комплет од 10 слики за 10.000 долари и како одеа деновите
менуваа слики од сетот за слики кои им се допаѓаа повеќе. Пред да почне втората
аукција му кажав за ова на Роберт и му ја покажав сликата што сакам да им ја
продадам и тој ме праша зошто не сум му кажал порано, јас му одговорив, имаме
уште аукции, не се секирај. На третата аукција му кажав на Багеш да ја донесе
сликата од Шевал со црвенокоса девојка на велосипед. Високата ќерка на Копиџ
семејството ме виде и ми кажа дека видела што сум спремил за нејзе и дека
ставиле стикер дека се заинтересирани. Кога почна аукцијата ја ставив сликата
да оди на сцена и го прашав таткото, подарок за вашата ќерка? Тој само ја
погледна и ја дигна бид-картата во воздух :) Младата госпоѓица Копиџ беше
пресреќна.
Следното
крстарење имаше интересен во негативен контекст почеток, ама за тоа ќе читате
во следниот дневник.
Comments
Post a Comment