Бродски дневник бр. 215

Едно кратко и едно долго крстарење

Одамна немам пишано бидејќи краткото крстарење беше навистина кратко, само 4 дена и само 1 порт во кој јас не излегов, не се сеќавам дали јас или Клаудија бевме IPM.

Првото крстарење беше 4 дена крстарење или како што го викавме the booze cruise (алкохол крстарење), некои од вработените викаа дека личи на spring break cruise :) имаше многу млади луѓе и на Friends of Bill W (анонимни алкохоличари) средбите никој не се појавуваше затоа што сите јавно се покажуваа колку пијат. Оригинално бродот требаше да застане на Ки Вест и на приватниот остров на NCL, ама по сплет на околности застана само на Насау, Бахами. Имавме една аукција на последниот ден и излезе ОК. На ова крстарење ги видов пак Артур и Кери. Овој пат не купија ништо бидејќи градат нова куќа на Флорида и трошат поприлично многу пари на опремување на истата.

Следното крстарење беше за нас регуларно 11 дена крстарење. За прв пат излегов на Ки Вест по доооолго време. Клаудија викаше дека Ки Вест не постои, дека е лага бидејќи секогаш стои во распоредот меѓутоа секогаш капетанот го откажува поради лошо време. Овој пат времето беше одлично и застанавме. И имав ветено дека ќе ја носам на хамбургер со ананас и тргнавме по улицата Дувал да го бараме Хард Рок Кафе. Кога седнавме ни дадоа мени и забележав нешто чудно, немаше локал леџендари бургер. Порачавме други бургери и ја прашав келнерката зошто нема и таа само ми кажа дека за жал немаат. Додека јадевме начекав една од менаџерките, и таа ми кажа дека уште пред ковид престанале да служат локал леџендари, на што јас и одговорив дека во европа уште се служи во секој хард рок ресторан. И кажав дека ја донесов Клаудија специјално за локал леџендари бидејќи таа обожава ананас. Менаџерката само кажа дека во процес се на менување на менито и дека можеби ќе го вратат. Исто така и даде нејзина картичка да ја контактира пред да замине бродот за европа и дека можеби готвачот ќе направи нешто специјално за нејзе. Друга измена во Хард Рок Кафе е што сега имаат и фотограф што ги фотка гостите. За беспари добиваат мал принт а за 20 долари поголем принт во убава рамка, и за дополнителни 15 уште една рамна со друга фотографија во нејзе. Јас и дадов 40 на фотографката и ѝ кажав да задржи кусур бидејќи и јас работев како фотограф на брод и ги поддржувам сите колеги :) На заминување си купив маичка на која пишува Hard Rock Café и Messi.

На Сент Томас имавме многу време за шетање, и почнавме со појадок во кинескиот ресторан. Потоа отидовме до Футлокер каде што и купив на Клаудија адидас чорапчиња, меки, плишани, туфнати. И потоа скокнавме до К-Март каде што купивме ситни потрепштини. Потоа тргнавме накај брод. Клаудија сакаше да шетаме некаде, ама јас бев уморен и ми се спиеше и се натегавме цел пат ама завршивме на брод каде што легнав да одморам малку.

Таа не работеше тој ден скоро воопшто бидејќи имаше Бела Журка организирана од нејзиниот оддел. Јас работев регуларно во атриумот и потоа спремајќи аукција горе во Хонг Конг собата. Е потоа отидов на журката и беше одлично. Кру барот беше убаво декориран со бело балони, имаше флоуресцентни играчки, девојките и момците од СПА одделот точеа вино и отвораа шишиња пиво. Јас фоткав додека луѓето беа уште релативно трезни. Душан, бродкаст техничарот кој работел претходно како фотограф на Карнивал ми го зеде апаратот неколку пати, па ме фотна мене со Клаудија и потоа мене со тимот. Се на се, одлична журка. Уште да не морав да станам рано наредниот ден и ќе беше најдобра журка во договорот, ама што е тука е.

На Аруба излегов само до терминалот да симнам неколку видеа од интернет бидејќи Клаудија беше IPM. Таа не ме пушташе воопшто да излезам од брод, ама и реков дека имам песни за симнување и дека морам до терминалот бидејќи интернетот таму е добар. Виолет Орланди имаше снимено видео за 10 најдобри песни од хорор филмови што многу ѝ се допадна на Клаудија бидејќи е голем фан на хорор жанрот.

На Курасао имавме дрил и кратко време за шетање па воопшто не излеговме. И последно пристаниште за крстарењето беше Грен Кејман каде што први најдовме интересна кафетерија каде што прават убаво кафе и не е Старбакс па потоа отидовме во Вафл Манки на прескапи вафли, кои за среќа се и превкусни :)

И најбитниот настан за ова крстарење беше отпуштањето на Џек. После 2 месеци на брод батката конечно го шутнаа од брод. Официјално затоа што се дружи со гости повеќе отколку што треба, неофицијално поради многу причини. Во Аруба му ја летна накај дома. Тој исчисти голем дел од работите, меѓутоа јас дополнително зачистив за да го избркам од кабина неговиот дух. Реално јас поминувам многу малку време во мојата кабина, ама и тоа малку сакам да биде пријатно. Откако замина од бродот правев муабет со многу од вработените и сите се среќни што тој веќе не е на бродот.

Е сега од тажни вести за заминувања, си заминаа Маријана, Иван и Снеки. Едноставно не можеа да го поднесат средниот менаџмент во нивниот оддел, казино и си купија карти за дома. Дома си замина и Кори, ама после комплетиран договор.

Јас, Конор и Роберт
На брод дојде и замената за Багеш, Роберт од Зимбабве, и сега аукционерот го викам високиот Роберт а препараторот го викам нискиот Роберт, бидејќи некако незгодно ми е да ги викам белиот и црниот. На почеетокот изгледаше ветувачки, ама како што поминува времето некако ми се појавува сомнеж, некако многу е спор.

Следното крстарење ќе биде мое последно за овој договор. Дали ќе пишам дневник, не знам, можеби на аеродромот во Виена, бидејјќи ќе имам многу време таму во чекање меѓу летови. За време на краткото крстарење Клаудија викаше едвај чекам да заврши ова па да се вратам на нормални крстарења, а јас реков едвај чекам да заврши ова крстарење, после ова имам 2 крстарења и си одам дома по што таа почна да плаче. Плачев и јас, не е сеедно.

Comments

Popular Posts