Бродски дневник бр.218

Назад на работа, назад на Дон

Мојот одмор беше краток и не баш сладок, таман кога се оправи времето во Македонија јас се качив на авион за да одам назад на работа. Од работите што беа интересни по пат ќе ја извојам само вендинг машината за топла храна во Ла Кинта хотелот во Тампа. За 1 минута печеше хамбургер, пица и уште неколку јадења кои беа на менито. Едно јадење една минута, не сите одеднаш :) Како за храна од автомат не беше лоша.

Кога стигнав на брод сакав да и чукнам на врата на Клаудија и да ја изненадам, ама од пристаниште ме собраа во училница така што ми остануваш само да и се јавам, и муабетот одеше вака:

- Ало

- Ало?

- Помош, ми треба доктор...

- ШТООО!!!! Каде, како... ААААА....

- Во училницата сум, ќе се видиме подоцна :)

После тоа Клаудија ми кажа дека кога сум и се јавил тогаш само што завршила со шминкање на очите и си викала, не плачи, не плачи... хух... диши...

Остатокот од денот го поминав на работа. Кога завршив со училницата се истуширав и се качив горе на работа за да ја сменам Кристин која што три саати беше на guess the weight затоа што немаше кој да ја замени. Во меѓувреме за среќа на време стигна на брод и Менди, така што вечерта тимот беше комплетиран. Роберт и Роберт беа веќе на бродот некое време.

За Кристин ова е трет договор со Парк Вест, има студирано конзервација на уметнички дела. Доаѓа од Мемфис, Тенеси и е вистинска кантри девојка.

Менди е од Дурбан, Јужна Африка и за нејзе ова е втор договор. Заедно бевме регрутирани од Тај и заедно поминавме низ Парк Вест академијата. Добар дел од времето за сите нејзини прашања давав одговори. Лани требаше да се запознаеме во живо во Понта Дел Гада ама сега ќе работиме заедно.

За Роберт аукционерот ова беше последно крстарење на Дон. Имаше поднесено барање порано да си иде дома, ама наместо тоа му направија трансфер на П’рл а од таму на негово место подоцна ќе дојде Блејз. Тој цело време бараше да има девојки во тимот и конечно доби две добри девојки во тимот и му направија трансфер.

Прв порт каде што отиде бродот беше Козумел и со Клаудија отидовме во Коразон Контендо. За среќа имаше една слободна маса и седнавме веднаш. Кога Клаудија го виде менито само кажа дека сака пола од работите... одеднаш :) Беше пресреќна што после многу месеци конечно јаде појадок каков што јадела дома. После тоа отидовме до Но Нејм Бар на турско кафе и баклава. После тоа ми се жалеше дека и било многу јако, не можела да спие :) За крај набрзинка шопинг во Мега и назад на брод.

Следен порт во кој излеговме беше Роатан во Хондурас. Бевме докирани веднаш до Алур оф д Сиис и на терминалот беше голема гужва. Кога излеговме од терминалот фативме пешки на десно, ама немаше ништо освен сиромаштија па свртевме назад и најдовме еден ресторан што личеше на тврдина, со топови со се :) Јадев октопод и беше одличен.

Следен порт беше Харвест Ки, приватниот остров на НЦЛ во Белизе, ама бидејќи имавме и дрил и аукција не излегов надвор, ама затоа следниот порт во Коста Маја беше ден и пол. Го запознав семејството на Клаудија, татко и Хесус, мајка и Анхелес и сестра и Алондра. Станавме рано посабајлечки да бидеме меѓу првите луѓе што излегоа од брод и веднаш надвор од терминалот ги најдовме Флорес. Прво отидовме до селото каде што јадевме појадок во локално ресторанче со пластични столчиња и баш онака автентично каде што јадат локалците. Потоа отидовме до светилникот и до ресортот веднаш до светилникот каде што пиевме пиво и уживавме во убавото време под сенка :) Татко ѝ и мајка ѝ на Кклаудија не зборуваат англиски, ама Алондра зборува како Софија Вергара што е сосема доволно да се помуабетиме без потреба од Клаудија да преведува цело време. Потоа отидовме до хотелот каде што беа сместени и ми дадоа фудбалски дрес од репрезентацијата на Мексико.

Следното крстарење првото пристаниште беше пак Козумел и Флорес беа таму. Рано посабајлечки татко и на Клаудија  не собра и не однесе во хотелот каде што беа сместени и јадевме појадок. Потоа тргнавме на авантура. Татко и на Клаудија  бараше некоја плажа. Патот од булевар се префрли во обична улица по што се префрли во неасфалтирана улица полна со длабоки дупки. Татко и на Клаудија вози Тојота Сиена, моноволуменец кој што не е баш за такви патишта. На крај стигнавме до мала марина со чамци и бунгалови. Местото би било прекрасно кога патот до таму би бил уреден, ама можеби во иднина. Потоа отидовме до Но Нејм бар да им покажеме каде одат во Козумел луѓето кои што работат на брод :) Овој пат до Дон беше докиран Скарлет Лејди и баш беше лесно да се забележи кој работи на Вирџин а кој работи на Норвиџн. Јас ја носев Kill Gru маичката и една девојка од Вирџин ми кажа дека ја обожава мојата маичка :)

Следните Роатан и Харвест Ки не излегов од брод, одмарав или имав ауцкија. Во Коста Маја со Клаудија отидовме само на кафе со сладолед. Дечкото што работеше на каса кога виде дека Клаудија  е мексиканка кога дојдовме на ред излезе од каса и ни направи највкусно кафе :) На враќање кон брод го гледавме шоуто на летачите. Четири акробати се качуваат на висок столб и врзани со јажиња почнуваат полека да се спуштаат како што се одмотува јажето. Еден од акробатите свиреше на кавалче, друг тропаше на мал тапан а другите само летаа.

Од гости овие две крстарења беа буквално пролетен распуст и вриеше од деца. Некои од нив беа невоспитани и скршија едно столче во конференциските соби. Којзнае што правеле внатре...

Следното крстарење беше 4 дена до Њу Јорк без гости. Во Тампа дома на одмор си замина и Роберт арт препараторот така што ова крстарење бевме само 4 во тим. На ова крстарење чистевме по магацини, се спремавме за крстарењето од Америка до Европа, се журкавме :) Луѓето кои што го одржуваат бродот работеа на генгвејот на среде брод, веднаш над кабината на Клаудија па ова крстарење ја користевме мојата кабина цело време. Конечно ја исчистив кабината, фрлив многу ѓубре кое беше останато бидејќи Конор доби отказ и мораше да се спакува набрзинка надгледуван од обезбедувањето.

Ова крстарење имавме журка во Блис. Оригинално требаше на отворениот дек, ама беше лошо времето. Журката беше 2 во 1. Battle of Bands и Glow Party. Луѓето од игротеката цртаа на лице со флуоресцентни бои :) Следниот ден бевме уморни и никој не отиде на журка во Блис а последниот ден со тимот игравме Level 10, игра со карти која што ја донесе Кристин. Малку беше трики бидејќи останатите од тимот никогаш ја немавме играно играта, ама пак беше забавно. Јас победив, прв ги поминав десетте нивоа, а Кристин беше губитник бидејќи собра највеќе поени од карти. На ова крстарење ми беше и роденден за кој не кажав на никого, ама Кристин рано наутро видела и-мејл со имињата на сите на кои им е роденден. Јас им кажав на колегите дека роденден не е роденден ако јас не купам убави чоколади на луѓето кои ги сакам. И плус ова ми е 40ти роденден, така што ми е онака... мех... Клаудија гуглаше термини кои се римуваат со форти и на крај почна да ме вика спорти-форти :)

Следното крстарење е до Европа. Во тимот се враќа Багеш.

Comments

Popular Posts