Викингшки дневник бр. 01 - Идемо на Марс
А сега да пишам
ред-два-триесет за моето прво крстарење во мојот прв договор со Викинг.
По пат помина се
нормално, летовите беа на време и со минимални турбуленции, или јас во
меѓувреме се навикнав да не ги чувствувам кога се случуваат. Првиот лет беше
Скопје – Истамбул, потоа 2-3 саати во Истамбул на аеродром додека да се качам
на летот за Мајами. Интересно овој пат скоро и да не спиев во авион, целиот
лет, 12 саати го поминав буден. Затоа изгледав 4 и пол филмови. Во Мајами
помина се во ред со пасошка контрола и со багаж, ама па затоа се изначекав
додека да дојде комбето од хотелот. А не беше далеку хотелот, ама два пати
помина полно комбе. Дури после саат време дојде комбе и конечно стигнав во
хотелот. Оригинално требаше да се сретнеме со Хандер кој ми беше цимер на Дизни
Меџик, ама и тој уморен од работа, и јас уморен од летање на крај откажавме.
Првиот ден на
Викинг Марс беше мошне интересен. Се сретнав со Андрес, дечкото кого го
заменувам. Тој сакаше веднаш да ми прави тура низ бродот, ама од кру офис
луѓето му рекоа дека морам прво да имам обука со сејфти офицерот бидејќи за
Викинг сум нов вработен. Е откако заврши таа обука Андрес ми покажа каде ќе ми
биде собата, каде ќе ми биде работата. Каде се магацините и каде се свичевите.
Бидејќи имам страјп (или чин по војничка терминологија) треба некој од
хаускипинг да помине да ми ја среди собата. Во меѓувреме земав униформа. Среќа
што носев мои чевли, бидејќи на бродот немаше мој број од чевлите што се предвидени
за хотел департмент, исто така немаше ни каиш... требаше да си го земам каичот
што ми го купи Клаудија во Белфаст, ама и со тој што го носев бев ок. Потоа го
запознав Дејан, ИТ менаџерот на бродот. Кумановец што е со Викинг уште од
2018та. Првите пет договори бил асистент а сега е веќе менаџер. Првиот ден не
ми кажа многу работи да не ми дојде премногу :) вика дека има време за се и ме
пушти во 8 да одам да спијам. Кога стигнав во собата таа уште не беше наместена
па тој мораше да се јавува на извршниот хаускипер, па во меѓувреме отидов пак
на кру дек да поседам малку.
Наредните два
дена беа денови на море, денови кога учев многу нешта за работата. Бродот го
научив уште на првиот ден, впрочем ова е најмалиот брод на кој што сум работел
досега, само 900 гости и 450 персонал. Меѓутоа работата, она што го работев во
општина и ова што се работи тука, има мнооогу разлики. Имав огнено крштевање со
правењето попис на целата епл опрема на бродот уште на првите неколку денови.
Врти сучи, со многу помош од Дејан некако го комплетиравме. Следниот месец ќе
знам како да го направам подобро.
Прво пристаниште каде што застана бродот беше Фолмут, Јамајка. Спроти нас беше укотвен Норвиџн Епик. Среќна околност е што имаа дрил и што Андреј од моето село го видел мојот брод од спротива и ми пиша дали сум случајно на Марс. Му потврдив и се договоривме да се најдеме после 11 на средина на портот. Прва работа што направив откако излегов надвор е си купив пати со говедско и маунтин дју сок. На Јамајка се јаде пати ко кај нас што се јаде бурек. Таман го завршив моето пати дојдоа Андреј и неговата сопруга Ана која по сплет на околности прв пат ја гледам на другиот крај на свет иако е од Скопје и веќе живее во Миладиновци :) Частеа пати со пилешко, си направивме раат муабет и потоа се разделивме бидејќи тие почнуваа со работа наскоро. Кога сум во Фолмут, традиционално одам во Гифт Палас продавницата за сувенири во која во претходните договори имам оставено многу долари за секакви сувенири од магнети до фудбалски дрес од репрезентацијата на Јамајка. Таму ја видов Селина, ниска норвежанка која работи како кадет на Марс. Беше дојдена за да си купи рибарско капче. Направивме круг низ продавниците на портот за на крај да се вратиме во Гифт Палас по што се вративме назад на бродот.
После толку многу
години, конечно во мојот 10ти договор го видов Панамскиот канал. Мене како за
прв пат ми беше интересно. Другите колеги на бродот беа во стилот, ОК, уште
еднаш тука, ајде нека се докираме веќе еднаш, многу денови на море ни се
собраа. Дејан имаше забелешка дека гостинот предавач овој пат беше пуштен малку
погласно од порано и ние вработените не можевме да си правиме муабет на кру
дек. Вечерта конечно бродот застана во Колон, Панама. На излегување се најдов
со Клајд од рецепција, влеговме во спортската продавница пред да ја затворат,
направивме кругче по трговскиот центар на пристаништето, користевме малку гага
интернет. И на бродот интернетот е бесплатен за вработените, меѓутоа не се
достапни гугл плеј стор и јутјуб. Наредниот ден бродот уште беше тука, меѓутоа
бидејќи уште немам земено плата решив да се вратам во соба и да одморам.
И ме дочека
изненадување... добив цимер... искрено се надевав дека како Андрес цел договор
ќе бидам сам, ама... добив цимер, така да до крајот на договорот ќе ја делам
собата со Келвин од Кенија кој после два договора во пералната на бродот оди на
позицијата хотел админ, односно човекот кој го изготвува и печати Викинг Дејли,
дневниот информатор за активности на бродот и ги печати менијата за
рестораните.
Денот после тоа
бродот беше во Костарика, меѓутоа ИПМ значеше дека ќе се вратам во соба и ќе
одмарам наместо да излезам надвор.
После Костарика
доаѓа Хондурас. Прво нешто што видовме тој ден беше Риц-Карлтон Илма. Брод кој
е ист по димензии со Марс, само што е скоро целиот тегет и има помал број на
гости и персонал и официјално се води како мега-јахта додека Марс се води како
крузер.Вечерта во кру-бар вториот офицер Робин ни раскажуваше што видел на
Илма. Ја посетил бидејќи капетан на тој брод е чичко му. Мојот чичко беше
капетан во ЈНА, така што излегов на кратко во пристаништето, направив една
фотографија од Марс и си се вратив назад.
Во Белизе бродот
користеше чамци за пренесување на гостите до брегот, и затоа не излегов надвор,
ама затоа наредниот ден излегов на мојот омилен остров, Козумел :) Дејан уште
во 11 ми кажа дека можам да одам и со брзање отидов до кабина да се пресоблечам
и да одам надвор. Ме праша дали ќе ми требаат да ми позајми 100 долари, ама му
реков дека имам 50-60 во кеш и имам пари на картичката од НЛБ, така да ќе бидам
ОК. Викинг бродовите обично се докираат во Пунта Лангоста или даунтаун, меѓутоа
овој пат Марс се докираше на другото пристаниште каде што се докираат Ројал и
Карнивал. Веднаш до нас беше докиран Вондер оф д Сиис. Брод кој што навистина е
чудо. Собира 6500 гости и 2200 персонал. Гостите на Марс најчесто прашуваа
колку луѓе има на Вондер :) Како и да е, со брзање се протнав помеѓу
продавниците и фатив такси до Мега. Си купив витамини од ГНЦ и ситнурии од
Мега. За жал немаше Оранџина. Потоа поминав до Но Нејм Бар на едно турско
кафенце и фахитас. Видов дека имам уште многу време додека да почнам со работа
и се упатив пешки до бродот. Една работа што ја научив уште 2019та кога работев
на Индепенденс оф д Сиис е дека пешачењето од едното до другото пристаниште во
Козумел има терапевтска моќ.
И за крај на крстарењето имавме 2 дена на море. Првиот ден Дејан беше организатор на турнирче во фузбал во собата за рекреација. Имаше многу пријавени од кои на крај дојдоа 16 луѓе, таман за турнир. Џозеф, шефот на човечки ресурси одобри гајба лименки пиво, гајба лименки кока кола, гајба вода и парични награди за прво и второ место. Јас играв со Ноел, филипинец од енџин рум и изгубив, очекувано. Дејан играше во пар со Стевчо, ресторан менаџер од Кочани ама за жал во финалето изгубија од Арнолд, асистент столар и заборавив како се викаше неговиот партнер. Како и да е, два саати одлична забава.
Ова крстарење
успеав да отидам на два мјузикли во театарот: 70ти и АББА. Бидејќи бродот е
помал и театарот е помал и соодветно има помалку луѓе во шоута. Тука има бенд
од 4 музичари и 4 вокалисти, двајца момци и две девојки, за да можат да пеат
песни од АББА, аф корс :) Денот после 70ти се видов со Ден и му кажав колку
многу ми се допаднало шоуто. Ден после АББА ги видов Ана и Кара и тие ми се
заблагодарија што дојдов да ги чујам и видам.
Сепак највеселата
активност е натпреварот во Баго помеѓу гостите и офицерите на бродот. Играта е
во принцип фрлање на мали платнени ќеси со песок врз пластични платформи со
дупка и целта е да се фрли ќесата во дупката. Најголем ентузијаст е Џудит од
шорекс, најинтересни прослави после успешно фрлање има нејзината шефица Аријана
:)
И за крај да
пишам уште по нешто за луѓето со кои работам на бродов и сум во контакт а не ги
спомнав досега. Ќе почнам со Костас, бродкаст менаџер од Грција, олд&д’рти како мене, само малку повисок и со
малку повеќе бели влакна во косата од мене. Најкрваво е кога еден од бар
серверите од Индија му дофрла на македонски, а овој му враќа на грчки. Првиот
пат кога го слушнав тоа умрев од смеење. На нив двајцата тоа им е поздравување
наместо како си денес и слично :)
На бродов сме
вкупно 5 македонци и сите сме страјпи-страјпи. Јас 1 страјп, Дејан мојот шеф 2
страјпа, Стевчо што го спомнав претходно 2 страјпа, Александар хед-вејтер 1
страјп, и Михајло СПА менаџер 2 страјпа. Стевчо ми е најинтересен кога зборува,
со нас се поздравува со „абе кај си бе ти“ со пиштав глас :) Александар е тивок
дечко. Михајло е мошне фин битолчанец.
Е кај Михајло во
екипа има доста интересни ликови. За почеток Сањин од Сараево, 22-23 годишен
масер прв пат на брод. После работа во кру бар паѓаат интересни муабети со
него. Кога сме веќе во Босна, морам да го спомнам Адем од Зеница, асистент
џенерал менаџер, голем цар и физички и онака. Го убадуваше Дејан сега за одмор,
бидејќи одморите им се во исто време, да дојде Дејан до Сараево па после заедно
да прават тура низ Босна :)
Од балканот е и
Ненад од Јагодина. Кога се качив на бродов планот ми беше да не откривам
премногу детали за мене, да кажувам малку по малку, една од последните работи
да кажам дека сум работел во Коузон. На вториот ден од крстарењето на пауза се
видов со Ненад кој беше пресреќен што конечно се запознаваме во живо. Јас му
бев агент додека тој работеше на МСЦ, и на другите луѓе што беа на пауза во тој
момент им кажа колку сум бил добар со него додека му бев агент.
И за крај да ја
пишам Мери од Јужна Африка, ниска, млада, бела девојка која што прв пат е на
брод. Обично ни се поклопуваат паузите за цигара. Јас не пушам ама кога Дејан
оди на пауза обично одам и јас. Тој јадниот пропушил на брод па сеа ги
откажува.
Толку сега за
сега, следното крстарење е 10 дена од Форт Лотердејл до Панама Сити.
🙂
ReplyDelete