Викингшки дневник бр. 03 – Католички Божиќ

Уште едно десет дневно крстарење, овој пат од Панама кон САД. На првиот ден оригинално сакав да одам да прошетам по островот каде што е терминалот, ама уште рано сабајлечки излегов до терминалот да им помогнам на Том и Клајд да го спремат терминалот за следното крстарење, и се сварив. 30 степени, гооолема влажност во воздухот... Толку се испотив што на крај решив да останам назад на бродот.

Наредниот ден во Колон бев ИПМ, ама после тоа бевме во Лимон, Костарика каде што за прв пат можев да излезам, и прошетав низ делот од Лимон околу пристаништето. Имаше една црква со убави витражи, останатото беше онака, мехх... сиромаштија.

Во Роатан излегов само на кратко по портот, си купив Ајриш Спринг, 5 долари парче, ама кога нема друго пристаниште каде што можам да го купам по реална цена... Купив и Мини Киндер Буено, голема ќеса за 12 долари, и не ми се допаднаа, премногу се ситни, мене регуларното Буено ми е таман, ама мини ми е мало, па решив да делам со колегите околу мене. Кога му дадов на Џозеф тој ми даде назад нудли, што е мошне фер размена :) Следниот ден бевме во Белизе каде што пак излегов до портот, овој пат за да си купам Листерин лентички за на јазик. Исто беа по 5 долари, купив 2 и испадна дека се залепени сите 24 лентички една со друга. Пола саат се патува со мало бротче од бродот до пристаништето бидејќи морето е плитко, и пола саат назад за лентичките да бидат залепени сите една за друга... се налутив многу, ама тоа е...

Во Козумел бев ИПМ. Како што можете да прочитате ова крстарење немав многу среќа со пристаништата, ама затоа имаше многу интересни активности на бродот.

Да не заборавам да пишам дека гледав три различни шоуа ова крстарење. Првата вечер гледав настап на фолклорно друштво од Панама. Не сум фан на народни танци ама бев љубопитен да ги видам како танцуваат. Како и да е, моето срце јуначко издржа само пола од нивниот настап. На бродот имавме и гостин пијанист кој имаше две шоуа ама успеав само да ја фатам втората половина од неговиот втор настап. Кога влегов во театарот свиреше дует со Лидија, пијанистката на бродот, плава молдавка. За крај ја отсвире Рапсодија во сино од Гершвин. Како можев да го утнам и само толку малку да видам од неговото свирење, не знам.... За крај да пишам дека го гледав кантри шоуто на Викинг Марс вокалистите. Ова и следното крстарење се еден човек помалку бидејќи Џејкоб си отиде а неговата замена ќе дојде дури на 10 јануари. Знам дека е многу напорно да се прават измени и реблокирања но на крај сето тоа изгледаше совршено.

Една од активностите кои дознав дека ги обожавам на брод е цртањето. На вториот ден на море од крстарењето имавме цртање во мензата за офицери. На бродот има хартија за цртање, водени и акрилни бои. Четки... Се што треба е да дојдеш и да црташ :) Јас за инспирација земав една анимација која ја генерирав со вештачка интелигенција и ми стоеше во телефонот. Кога им ја покажав на присутните ми кажаа дека сум премногу амбициозен, ама кога го видоа крајниот резултат кажаа дека се мошне пријатно изнанадени. За време на цртањето паднаа и интересни муабети бидејќи не се црта у тишина :)

И за крај она што е во насловот, славењето на Божиќ и со тоа групни фотографии од вработените на бродот кои што ги правеше Костас со неговиот Canon R7. Паднаа неколку дискусии за тоа кој апарат е подобар, мојот или неговиот. Тој викаше дека неговиот е подобар бидејќи е мирорлес и дека големината нема воопшто врска со квалитетот. Мојот Никон има поголем сензор, поголем објектив од Сигма Арт серијата и јас имам блиц, тој нема. Кога ги стави оригиналните фајлови на сервер само му кажав да си купи поубав објектив, џабе му е R7 кога стаклото му е буџет верзија :)

На почетокот на крстарењето стигна и-мејл дека ќе треба да пееме божиќни песни за гостите, и дека ќе имаме и проба. Се собравме 10 души и го чекавме пијанистот Дејн да дојде и да свири. После 10 минути каснење дојде со трчање во театарот, батката стиснал снуз на телефонот и се успа. Како и да е, пробата помина ОК. Неколку дена подоцна дојде времето за настап, и се собравме 30тина вработени од бродот. Карл, асистент круз директорот кажа дека ќе ги пополнуваме скалите од најгорен ред па надоле и сите се стрчаа да бидат во последните редови :) Јас испаднав некаде во средина од десно. Позади мене беше Џозеф, шефот на човечки ресурси на бродот. На мое пријатно изненадување, го бива за пеење, е сега маката беше што песните кои ги пеевме тој ги пее веќе долго, и од време на време ги менуваше стиховите. Воопшто не ми беше лесно да пеам и да се газам од смеење во исто време.

Другиот интересен настан поврзан со Божиќ беше Сикрет Санта во хотел департмент. Настанот беше во мензата за офицери, имавме грицки солени и благи, имавме сокови, вина, пиво иии... караоке машина :) Јас добив маичка со логото на пивото Корона и Турин чоколадни бонбони со ликер Бејлис во нив. Дејан доби 12 пива Модело Негра и целиот беше како WTF, пола од тие пива ги испивме уште за време на караокето :) Наредниот ден не ми беше арно, ама тоа е... кога се пее многу караоке... :)

Специјален гостин ова крстарење е господин Кериган. На вториот ден од крстарењето се пожали дека телевизорот не му е доволно светол. За да видам дали можам да го направам неговиот телевизор посветол правев експерименти на телевизорот во канцеларијата, и го расипав и потрошив 2 саати додека да најдам начин како да го поправам. Наредниот ден повторно барање од Кериган, го префрлија во нова соба и тука телевизорот не му беше доволно гласен. Додека му го тргав ограничувањето за гласност ми кажа дека ептен му се допаднало шоуто на Карл, асистент круз директорот. Му посакав убав ден и дека се надевам дека следниот пат ќе се видиме за нешто убаво, а не за средување на телевизорот, амаа... се откачи мрежата што ги покрива каблите на неговиот телевизор после неколку дена. Додека ја закачував назад ми раскажа за неговата животна приказна, како бил 42 години во брак со неговата сопруга која една вечер починала во сон. Потоа тој паднал низ скали и докторите му кажале дека ќе остане инвалид до крајот на животот, меѓутоа нашол доктор во Аризона кој му кажал дека може да го крене на нозе. Месец дена по операцијата тој беше на бродот. Користеше бастун, ама се движеше сам низ бродот.

Следното крстарење е повторно 14 дена. Последно крстарење од договорот за Дејан, и за еден куп други луѓе на бродот.

Comments

Popular Posts