Викингшки дневник бр.05 – Смена на шефот
Ова крстарење започна со доаѓање на нов шеф на ИТ тимот, Денис од Суботица. Дејан замина за Куманово на заслужен одмор и првата фотка што ми ја прати откако стигна дома беше поглед од неговиот балкон врз дел од Куманово покриено со снег. Денис се приклучил на Викинг веднаш по короната и тоа директ како Систем Менаџер бидејќи има долгогодишно претходно искуство на неколку бродски компании. Меѓу другото има истерано и еден договор со Парк Вест и тоа на најлошиот Карнивал брод кога бил млад морнар. Пред да дојде му пишав ако може да донесе шише македонско вино за новата асистент шорекс менаџерка, ако има простор во куферот. За жал не донесе вино и Џудит ми кажа дека требало да го пишам нејзиното име, не нејзината титула бидејќи ова е трет пат да биде на ист брод со Денис и секој пат таа е на подобра позиција од претходниот пат. Но да се вратиме на крстарењето.
Два дена на море,
потоа кратко во Јамајка каде што овој пат излегов чисто од љубопитност да видам
што има воошто. Терминалот е голем и празен, изгледа го планирале за големи
работи. Надвор од терминалот има 10тина куќички кои служат како продавнции за
сувенири. За момент помислив да купам нова маичка со Боб Марли, ама се
предомислив и се вратив назад на бродот.
Потоа пак на
море, па влегување во панамскиот канал со малку седење во езерото Гатун,
враќање назад и упатување кон Колон. Стигнавме повторно околу 9 часот навечер и
излегов со луѓето од Спа одделот, ама некои сакаа да одат некаде подалеку, така
да останавме јас и Михајло бидејќи не ни се ризикуваше да патуваме било каде,
наредниот ден бевме рано посабајлечки на работа. На пристаништето во Колон има
две казина. Во првото, поголемо, поубаво пиевме по два џин тоника а потоа во
второто изгубивме 10 долари на апарат и се вративме назад на бродот.
Наредниот ден станав многу рано, дури во 6 и нешто. Јадев појадок и отидов во супермаркетот. Бев прв човек што излезе надвор од пристаништето тоа утро. Испазарив една торба намирници и се вратив на бродот. Луѓето од обезбедување кога ме видоа со полна ќеса ме прашаа кога отвора маркетот, им реков во седум и тие пријатно изненадени ми се заблагодарија за информацијата. На работа видов дека сите системи работат во ред и излегов надвор повторно со Луси. Ѝ имав ветено дека ќе ја носам у МекДоналдс и денес беше денот за тоа. Одејќи накај МекДоналдс поминавме покрај бесцаринската зона полна со продавници кои продаваат сомнителна роба. Некои луѓе на бродот викаа дека не е баш безбедно, ама мене не ми беше толку страшно, дали затоа што носев мартинс, или затоа што имам фаца не ме р’чкај ќе ти фрлам сеа една нуклеарка директ од Русија на сред улица :) Како и да е, МекДоналдс беше супер. После тоа отидовме до супермаркет каде што таа сакаше да купи нешто и ми се жалеше како е ептен тенка со пари, јас ја игнорирав и таа ми се налути.
Наредниот ден бев
во Лимон каде што пак отидов во МекДоналдс, овој пат сам бидејќи Луси ми е
љута. Бидејќи веќе јадев на брод нарачав само пита од јагода и ванила и
милк-шејк од јагода. Шејкот дојде во релативно ок време, околу пет минути, меѓутоа
за питата се изначекав, едно време мислев да станам и да отидам до каса да прашам
што е работата ама ја видов ресторант менаџерката како оди меѓу маси и ѝ
спомнав за питата и таа ми ја донесе. Оставив коментар на гугл мапс за тоа
колку се спори и дека бонус е тоа што во игротеката имаше куп дечишта кои
вриштеа цело време.
Потоа уште еден
ден на море, па Хондурас каде што не излегов бидејќи бев ИПМ. Во Белизе традиционално
не излегувам :) Ама затоа Козумеееел :) Додуша не испадна по планирано. Утрото
требаше со Денис да смениме телевизор во гостинска кабина бидејќи беше ептен
расипан. Оригиналниот план ни беше да го смениме до 10 и после тоа наредните 6
саати да ги поделиме по пола, ама прво гостите доцна излегоа од кабината. Потоа
рамката на која беше закачен телевизорот имаше штраф кој неќеше да се отштрафи па
моравме да ги викнеме столарите на помош. Тие за жал беа на пауза па дојдоа по
20 минути. Во меѓувреме земавме нов телевизор од магацин, ама пак не врви
времето кога чекаш нешто или некого. Како и да е, столарот дојде и ни помогна
да го извадиме расипаниот телевизор и ни помогна и да го ставиме новиот
телевизор на ѕид. Е потоа следеше поврзување на бродскиот ТВ систем кој пак не
идеше како подмачкано. За среќа, моето непријатно искуство со Кериган во едно
од претходните крстарења беше добредојдено и му кажав на Денис каде е грешката
во системот поради која тој се мачи да го поврзе телевизорот. Кога веќе тргна
работата тој ми кажа да палам патиките и да му се јавам кога ќе бидам назад на
брод. На него ова му беше прв Козумел во овој договор и сакав да му оставам
колку што можам повеќе време и затоа само набрзинка испазарив во Мега. Додуша
не беше баш набрзинка бидејќи и имав ветено на Мери да ќе и купам некои работи,
ама за жал ги немаше. Само изгубив време лутајќи низ рафтови. Како капак на се,
кога се враќав назад накај бродот почна да роси. Си викам, не е страшно, плус
го носев фудбалскиот дрес од Мексико, си викам, ќе бидам ОК. И бев ОК се додека
не стигнав меѓу Марс и Гетавеј кога небото се отвори над нас. Кога стигнав во
бродот само набрзинка се пресоблеков и отидов до мензата за да јадам ручек,
потоа распоредував тоа што имав купено.
Е сега за
работите што се случуваа на бродот а изгубив сеќавање кога точно беа бидејќи
ова е долго крстарење.
За прв пат бев во
Спа ценатарот во понеделник кога можеме да одиме на сауна, џакузи и сите добри
работи. Кога стигнав Михајло и Адем беа во сауната па им се придружив. Паднаа
интересни муабети. Најинтересното беше што Михајло даде предлог во камењата
наместо вода да ставиме пиво, викаше дека џмељот од пивото е добар за дишните
патишта. За Адем толку требаше, му се јави на бар менаџерот Омега да донесе
едно од евтините пива. Омега беше малку збунет од ова необично барање, меѓутоа
дојде со лименка пиво пред сауната. Михајло истури малку врз камењата и
навистина, имаше интересен мирис и ефект ставањето пиво.
Друго, Џудит ми
се јави да и префрлам филмови на УСБ и операцијата која што требаше да трае
десетина минути испадна преку саат бидејќи таа почна да ми зборува за тоа со
каков стрес се соочува благодарение на тоа што Хозе, нејзиниот нов колега
забушава на работа. После две корони ѝ реков дека морам да одам бидејќи секој
ден почнувам рано на работа.
Една ноќ додека
барав нешто на екстерниот хард диск најдов фолдер со музички спотови од 80тите
па наваму. Неколку од песните беа откровение за Келвин. Тој вели дека музиката
во 90тите била најдобра досега, и јас целосно се сложувам со него.
И сега да пишам
за она што мислев да го ставам како наслов на дневников, ама сакам да го држам
во позитивен тон. Додуша во секое лошо има и малку добро, но подобро ќе беше да
не се случеше тоа што се случи а тоа е следното. Неколку патници се разболеа од
стомачен вирус. Вирус кој кружи обично преку зима, но не мора да значи, низ
Америка и понекогаш се пренесува и на брод. Е сега бељата е што многу брзо се
шири доколку не се пази. Поради тоа веќе не можеме да одиме во теретана. Едно
време и пералната за персонал беше затворена и почнавме да им помагаме на
колегите од бифето во служење на гостите бидејќи тие веќе не смеат сами да си
зимаат храна, туку треба ние да им даваме. Најчесто бев на секцијата за десерти
до сладоледод, неколку пати бев и во секцијата за суши и салати. Работењето во
бифето направи уште повеќе да ги почитувам и ценам колегите кои работат таму.
Јас со два пати по саат дневно таму се уморував, така да можам да замислам како
им е на нив служејќи појадок, ручек и вечера.
И за крај
магичниот гостин ќе остане анонимен бидејќи не ми текна да го прашам како се
вика. Еден ден ме викнаа од рецепција бидејќи имаат гостин кој не може да го
поврзе својот лаптоп на нашата интернет мрежа. Гостинот ми кажа дека ова му е
бекап лаптоп и дека е малку стар и не бил пален пола година. Додека се обидував
да го поврзам на бродската мрежа видов на десктоп ворд документ со наслов
Македонија. Ми кажа дека во деведесетите бил пратен во Македонија да работи на
подобрување на граничната служба. Речиси саат време се мачев со неговиот лаптоп,
меѓутоа разговорот со него беше мошне пријатен. На почетокот разговорот беше на
бирото на рецепционерот Ирдан, и мене ми беа мошне интересни неговите реакции
на она што го зборуваше гостинот. Тој зборуваше само вистина меѓутоа балканот
во 90тите беше лудо место. Гостинот ми кажа дека вработил некоја новинарка да
му биде асистентка и дека таа сега е во Обединетите Нации. Му кажав дека не ја
познавам бидејќи кога таа му била асистентка јас бев втора година средно :)
Следното
крстарење е повторно по истиот формат, така да се читаме за две недели.
Comments
Post a Comment