Викингшки дневник бр.06 – Клаудија дојде на Марс

Уште едно двонеделно крстарење кое со Денис имаме чувство ко да трае два месеци, не само две недели. Почна со код црвено бидејќи претходното крстарење имавме многу гости со стомачен вирус. Единствено интересно беше што имав средба со едни гости преку ден за нивниот телефон или лаптоп, не се ни сеќавам, ама се сеќавам вечерта кога во бифето ги служев колачиња и тие ме видоа кажаа, чек малку, ти си ај-ти, сеа храна служиш... Кој е следниот чекор? Генерален менаџер да станеш? Само се насмеав и кажав, па да, за генерален менаџер мораш претходно да ги запознаеш сите оддели :)

Интересен настан на почетокот на крстарењето беше можност да се видат неколку планети со голо око одеднаш. Првата ноќ не беше најавено, но капетанот го изгаси светлото на скоро цел брод за да може да се набљудува оваа интересна појава. За жал времето беше облачно, ама затоа наредната вечер небото беше јасно и со Џудит отидовме напред на отворениот дек каде што имаше гости и други вработени. Во темницата беше тешко да се идентификува кој е кој, ама по зборењето ги најдовме Михајло и Тинаше. Арон круз директорот имаше ласер каков што беа популарни во 90тите и со него ни покажуваше која планета каде се наоѓа.

Портовите, те едно па исто... Јамајка до 2 попладне само. Во Колон излегов рано сабајле за да купам работи од супермаркет. Денис кажа дека сака малку подобро да го разгледа трговскиот и му реков дека нема гајле, јас ќе купам тоа што ми треба сабајлечки а тој ќе ја има цела попладневната пауза. Станав уште во 6 и нешто, каснав појадок и пробав да излезам надвор од бродот. Е сеа бидејќи стигнавме во Колон во 5 наутро, бродот уште не беше ослободен од локалните власти, само гостите и персоналот што работи можеа да излезат. Си викам ајде ќе почекам некоја минута... и уште не можев да излезам па се вратив во соба. Во 7:20 ми заѕвони обезбедувањето на телефон да ми кажат дека можам да излезам надвор. На излегување ме виде Адем и ме праша каде одам толку рано? Му реков дека супермаркетот отвора во 7, а тој на шега ми кажа дека не е точно, дека отвора во 9 по босанско време. Испазарив набрзинка се што ми требаше и се вратив веднаш назад. Кога се вратив назад сите големи шефови беа пред бродот и ги испраќаа гостите на екскурзии. Сузан ме праша дали маркетот е затворен, многу брзо сум се вратил. Само се свртев да види дека ранецот ми е полн и таа искоментира, оооо, кабин парти? И реков, не, само чоколадо и сокови. Па тоа и треба за кабин парти, насмеано ми врати.

Во Пуерто Лимон, Костарика излегов за да го пробам кафето во кафетеријата веднаш до терминалот. Одејќи натаму росеше, на враќање врнеше сериозно. Кафето беше одлично бај д веј. Го видов вториот офицер Мартин како седи сам, и го прашав дали може да седнам до него. Се измубаетивме за еден куп теми а дождот не престана, само намалуваше и зголемуваше на моменти. Кога се вратив на бродот се истуширав со топла вода и легнав да одморам.

Во Хондурас бев ИПМ, а во Белизе традиционално не излегувам затоа што ме мрзи да се возам со чамецот од бродот до пристаништето. Барем времето беше убаво за муабетење во кру-бар.

И сега она од насловот. Оригинално не ја очекував Клаудија на бродот толку рано по нејзиното враќање дома од Квин Мери 2, меѓутоа таа виде дека Марс го посетува Козумел два пати во рок од 7 дена и се качи на бус и дојде. Во меѓувреме јас бркав папирологија за да може таа да влезе на бродот како посетител. Мислам дека Жајна ќе ме тепаше за малку од што и додевав со прашања. Кога стигна бродот во Козумел чекав во канцеларија да ја пуштат Клаудија, се качив и до бифето да јадам појадок со Денис, меѓутоа не ми се јадеше, ја чекав Клаудија, изедов само две кришки леб со нутела. Се вративме во канцеларија и Денис ми предложи да одам надвор и да се карам со порт агентот :) Кога излегов надвор ја видот Клаудија како седи пред портите и нервозно чека. Ова беше прв пат да се видиме после 9 месеци откако таа замина од Македонија со авионот на Туркиш. Ми дојде срцето на место. Седевме заедно и се беше во ред. После некое време отидов да прашам дали може да влезе на што добив потврден одговор.

Кога влезе на бродот и дадоа значка посетител и тргнавме со ред. Прво атриумот, па мојата канцеларија, па спа центарот, кру бар, па мојата соба, па барот во предниот дел од бродот каде што ги видовме Робин (гостинот предавач кој зборува за океанскиот жив свет) и жена му. На одење од таму накај бифето не виде Сузан и кажа зошто не кажуваш дека имаме посетител на бродот. Инаку Клаудија носеше долг црвен фустан со светло и темно сини шари и тегет чевли на ниска штикла. Изгледаше ко миљон долари :) После ручекот чекавме Денис да се врати од неговата Старбакс тура за да можеме ние да излеземе.

Ах, не пишав дека ноќта претходно стигна и-мејл од стаф капетанот дека наместо во 5 ќе испловиме во 9:15 навечер. Многу луѓе на бродот кажаа дека ми се поклопиле коцките :) Одејќи накај местото каде што Клаудија престојува влеговме во Старбаксот до фери станицата, оној што Денис го обожава затоа што инернетот е на оптички кабел и е страшно брз, 275/215 според укла спидтест. Почнав да размислувам што да симнам, па ми текна дека откако сум на бродот ништо немам гледано и го оставив телефонот на маса. Климата беше пуштена на максимум и ѝ реков на Клаудија да бегаме од тука, се замрзнав. Таа е сместена во ер-би-ен-би кој повеќе лични на средно голем хостел. На враќање назад накај бродот застанавме на плоштадот да каснеме маркезити. Нешто помеѓу европска палачинка и вафла, може да биде блага или солена. Јас земав со нутела и банана а Клаудија со рендано сирење. 8 и 20 и нешто се разделивме пред истата порта пред која се видовме утрото. Кога стигнав на бродот од обезбедување ми кажаа дека само мене ме чекале. Го забрзав чекорот по скалите и тие ми кажаа да не брзам дека се шегуваат со мене ама кога влегов на бродот Жајна се јави на бриџ да им каже дека сите се на бродот.

Сите кои ја видоа Клаудија ме прашаа кога ќе дојде да работи за Викинг или за Лив Нордик (спа компанијата на Викинг бродовите), а Клаудија ме праша кога одам за Мексико и дали може да биде тоа во август бидејќи сестра и прави свадба тогаш. Јас за жал ќе бидам некаде на Аљаска на Викинг Орион, ако нема измени. Како и да е, Клаудија сака да биде присутна на свадбата на сестра ѝ.

Од помалку битни работи што се случуваа на бродот да пишам дека бев два пати во теретаната на бродов. Партнер за теретана ми е Мери. Првиот пат претеравме со вежби за нозе и наредниот ден цело време муабетот беше кого повеќе го болат нозете. Следниот ден требаше да вежбаме гради, ама бродот премногу се нишаше. Денот после тоа беше ОК и вежбавме малку и ѝ реков дека наредните денови нема да доаѓам во теретаната, ќе ја чувам силата за Клаудија :)

Од забавни активности, Лорен Јеленич имаше одличен настап во театарот. Кога беше нејзиниот прв настап бродот многу се нишаше и го пропуштив, ама вториот го изгледав со уживање. Таа пееше од се по малку, опера, бродвеј, поп... кажуваше интересни приказни во меѓувреме.

И за крај да пишам која беше магичната гостинка ова крстарење. Клаудија не се брои тука бидејќи го посети бродот само на кратко додека бевме во Козумел. Магична гостинка ова крстарење е Ким, братучетка на Џудит која што работи како стјуардеса за Ер Индија. Преку работа имаше ќарено бесплатни карти до Мајами. На бродот беше сместена во кабината на Џудит. Мислам дека сите мажи на бродот ја прашаа Џудит до кога Ким ќе биде на бродот. Кога Џудит ќе им кажеше дека е тука само ова крстарење тие разочарано прашуваа зошто, а Џудит им кажуваше затоа што мора да се врати на работа.

Следи десетдневно крстарење од Форт Лотердејл до Панама Сити, да видиме тоа како ќе биде :)

Comments