Викингшки дневник бр. 07 – Коразон Контенто
Само што заврши 10 дневно крстарење, меѓутоа исполнето со многу активности. Дури и уште пред да испловиме беше мошне интересно на бродот. На бродот имаше поп-ап кру-шоп. За прв пат да видам такво нешто откако се случи ковид. Луѓето од Морнарската куќа во Форт Лотердејл дојдоа со полни куфери со работи кои им се потребни на луѓето кои работат на брод како на пример витамини, ситна електроника, грицки, парфеми, сувенири... Но уште побитно, ни ги донесоа на брод сите порачки што беа направени онлајн во претходниот период. Денис си купи нов гејмерски Леново лаптоп, но уште побитно, јас си купив нов објектив :) Сигма 150-600 со 1,4 екстендер и заштитно предно стакло, манфрото трипод и за подарок ми дадоа мало светло за снимање видео со апарат или телефон. Објективот го тестирав уште наредната вечер со екстендерот а две вечери после тоа, поради облачно време и без екстендер, и мислам дека резултатот е добар :) Подоле во блогов ќе ставам уште една фотографија направена со истиот објектив.
Првиот ден на
море вечерта го запознав Рефет, младо момче од Крушопек, општина Сарај. Го
најдов во мензата за кру на доцната вечера која почнува во 11 часот. Лесно беше
да го познаам, единствено плаво момче меѓу куп филипинци, индонезијци, индијци,
африканци. Се муабетевме и после тоа тргнавме накај неговата кабина за да ми
даде Атлантис кој Николина го имаше пратено за Џудит. Тој го немаше сменето
привремениот клуч од кабина за постојан, ама за среќа имам мастер клуч па отворив.
На него ова му беше прв пат да биде некаде далеку и сам, ни креветот не му беше
наместен. Му реков дека за прв пат, ќе му покажам како може да си го мести
креветот и му го наместив. Наредниот ден го видов на попладневната пауза во кру
бар каде што тој ми кажа дека дал отказ и дека веќе поднел барање од кру офис
да му извадат авионска карта за да се врати дома. Малку тажно што после еден
ден и една утринска смена прекинува неговата бродска кариера, меѓутоа, што е
тука е... Си помислив дека треба да се врати служењето војска за децата да се
научат да живеат одвоено од дома.
И сега најбитниот ден од ова крстарење, одењето на појадок во Коразон Контенто, мал традиционален ресторан кој служи појадок во Козумел. Овој пат за жал се докиравме на терминалот на Карнивал, кој е најдалеку од сите терминали, меѓутоа што е, тука е. Уште во 8 истрчав надвор од брод и земав такси. За тие пет-шестнаесет минути возење од околу 5 километри такситот ми побара 15 долари, му дадов 20 и му реков да задржи кусур. Мислам хелоу, одам да ја видам Клаудијааа :) Таа ме чекала пред ресторанот, меѓутоа не била сигурна од која страна ќе дојдам па влегла пред мене, за среќа беше седната на маса блиску до влезот и веднаш ми се наполни срцето кога ја видов. Тоа е и всушност името на ресторанот, полно срце. Армандо ми кажуваше за историјата на ресторанот како првин биле лоцирани над музејот на кат, ама биле приморани да се преселат и сега се на истата локација. Беше зачуден од каде го знам ресторанот па му кажав дека 2014та фото тимот на Дизни Фентази таму беше инвентар секоја среда, или четврток... :)
Нарачав кесадији
и уште едно јадење кое заборавив сега како се вика, нешто тестенини со месо и
сирење и прелиени со сос од зелен патлиџан, многу кисел сос од зелен патлиџан.
После појадокот тука отидовме да прошетаме наоколу и на прескапо кафе во
Старбакс. Се качивме горе на кат од каде што имаше убав поглед на кејот и на
еден од бродовите на Вирџин. Клаудија ми кажуваше како си поминувала овие
неколку денови додека јас бев до Форт Лотердејл и назад, ми кажувше за
нејзините размислувања и идеи за останување на островот на подолг временски
период. Од тука повторно поминавме покрај продавницата на Карилоха, ама овој
пат си купивме нови чорапчиња. За оние кои не им е познат брендот, Карилоха е
текстил и постелнина изработени од бамбус, малку се скапички, ама се
квалитетни. Овој шопинг мене ме чинеше 52 долари за 4 пара чорапи (четвртиот
божем гратис). Од тука отидовме во сместувањето каде што беше сместена Клаудија
затоа што надвор стануваше жешко.
Назад на Марс
стигнавме во петнаесет до три, и бидејќи сите посетители требаше да го напуштат
брод пред три часот се поздравивме тука. Истрчав веднаш до кру бар за да и
мафнам од таму, меѓутоа бродот Океанија Сирена попречуваше видик. Клаудија ми
кажа дека некој од тој брод ја познал бидејќи таа претходно работеше на Марина
и Ривиера и ѝ кажал дека е среќен што ја гледа и ја прашал кога напраила
трансфер на овој брод на што таа му кажала дека за жал денес е само посетител.
Јас се шегував со нејзе дека станува како мене, луѓе ја препознаваат по
пристаништа.
Во Белизе
традиционално не излегувам надвор од бродот. Во Хондурас излегов за да го пробам
кафето на пристаништето, овој пат ладната верзија. Тука се муабетев со Клајд
кој беше излезен исто ко мене и со Хозе кој завршуваше со неговата работа, ама
бидејќи муабетењето му е побитно од работењето застана да се муабети со нас.
Вечерта имавме кру апрешиејшн динер за вработените на која јас служев печено прасе. Адем кога го виде прасето и ме виде мене ме праша веднаш дали може јас да го служам, а главниот готвач ме праша дали ќе можам да се снајдам. Му реков ехееј колку прасечко имам изедено, ваљда ќе се снајдам да го послужам на колегите од другите оддели. Мојата замена беше Адан кој дојде предвреме, така што можев да отрчам до кабина да го земам апаратот и да ги фотнам колегите. Инаку пред оваа вечера јас и Денис јадевме регуларна вечера во бифето за гости и на него му текна дека специјалната вечера е после ова, ама веќе беше касно, земавме за јадење и го изедовме тоа. Кога се вративме назад во канцеларија Џудит дојде и со нежен глас побара да и правиме друштво додека таа јаде во бифето. Денис и кажа дека е зафатен, јас да одам со неа, така да на посебната вечера за вработените воопшто не каснав. После ова следеше журка во кру бар каде што направив уште неколку фотографии. Некој ѝ имаше порачано на Мери да донесе портер пивце и бидејќи таа донесе неколку шишиња јас ќарив едно. После ова можеше да се иде на спиење.
Наредниот ден утрото во Костарика имаше екскурзија организирана за нас вработените. Гостите мислам дека плаќаа околу 100 долари за таа екскурзија, ние плативме само 30. Првин имавме саат време возење со автобус до националниот пар Кахуита. После мала пауза тргнавме пешки низ паркот до плажата. По пат видовме неколку интересни животни, ракуни шетаа по земјата меѓу дрвјата, слотови дремеа на гранките на високите дрвја. Имаше и мајмуни и змии, чапји и останати птици. Пешачењето беше у принцип, одиме одиме одиме и оп слот, одиме одиме одиме и оп мајмун. На плажата од нас дваесет што бевме на екскурзијата само тројца влегоа да се бањаат, останатите одмаравме под сенка. На враќање назад застанавме во еден ранч каде што пиевме природен сок од локални овошја и каснавме мала чинија со лубеница, банана, портокал и манго. Имаше и пивце/газиран сок после тоа, не беше лошо :)
Последно пристаниште
ова крстарење беше Колон каде што околу 10 излегов со менаџерката за човечки
ресурси Кристијана да и помогнам да си купи нов телефон и по можност да купиме
награди за бингото кое што се планира веднаш штом бродот стигне во Европа. Прва
продавница во која влеговме беше Бат енд Боди воркс каде што на производите
имаше залепено една цена, ама на каса ни кажуваа пониска цена. Оригинално
мислев да купам една до две работи за Николина, ама на крај купив цела
колекција, се надевам дека ќе ѝ се допадне. Потоа отидовме во Панафото каде што
има мал избор на телефони: ајФон, Самсунг, Хонор и Редми. Разгледавме само и
тргнавме накај втората продавница каде што изборот беше горе-доле ист. Третата
продавница за техника уште не беше отворена по што се вративме во Панафото каде
штоа Кристијана си купи ист телефон каков што си купи Дејан некој месец претходно,
само во друг боја. Потоа во терминалот искористивме малку побрз интернет од
бродскиот за да инсталира апликации и да се најави на неколку сервиси кои
испраќаат код за најава по СМС и се вративме назад на бродот.
Последниот ден од
крстарењето беше низ панамскиот канал и стигнавме пред стемнување во Панама
Сити. Тие што не беа ИПМ излегоа надвор. Јас бидејќи бев ИПМ отидов чисто од
љубопитност до кру бар каде што ги видов Сањин и Горан, новиот сомелие. После
тоа дојде и ни се придружи Бредли, па Горан ојде ама дојде новата асистен круз
директорка Аријана, на крај дојде и Рој, новиот продавач на следни крстарења, и
заглавивме до доцна.
Кога веќе ја
спомнав Аријана, да кажам дека ѝ го изгледав шоуто. Има завршено школо за драма
и за стејџ менаџмент и пред Викинг работела на Норвиџн и Американ Крузлајн. Од
вторава компанија носи само хорор прикаски и сега е среќна на Викинг. Нејзиното
пеење не е нешто посебно, меѓутоа прикаските што ги кажува меѓу песните се суво
злато.
По ова следи уште
едно десет дневно крстарење овој пат од Панама до Форт Лотердејл.
Comments
Post a Comment