Викингшки дневник бр.08 – По реката низ Белизе

Последно десетдневно крстарење за сезонава, од Панама Сити до Форт Лотердејл. Отидов на екскурзија за да направам фотографија за натпреварот тука на брод на тема „Природа“.

Ова крстарење започна од Панама Сити. За среќа немаше многу технички проблеми на терминалот. Имаше на бродот со еден од скенерите за гостински картички. Кога конечно го оправив отидов да тестирам на влезот на бродот, меѓутоа гостите веќе скоро сите беа веќе влезени на бродот, освен една група на која ѝ доцнеше летот и додека јас чекав на влезот тие уште летаа накај Панама Сити. Битно падна интересен муабет со момците и девојките од ентертејнмент одделот.

Наредниот ден пловење низ панамскиот канал а денот потоа бевме во Колон. Овој пат излегов за да си купам адидас маичка каква што имаше пејачот Џо. Баш онаква ретро од 90ти тегет со големи ленти на десниот ракав. На терминалот ја видов Жајна, ме праша каде е супермаркетот. Ми кажа дека има многу малку време и затоа е излезена во униформа. Се шегував со неа дека човек од брод во супермаркет во униформа последен пат имав видено во Шкотска. Во супермаркетот имаше еден постар пар кои ги видов кога се обидував да си земам пакет лименки швепс. Ме прашаа дали работам на брод и им кажав да, на Марс. Ги прашав дали и тие се на Марс но ми одговорија дека се на Карнивал, потрошив едно 15-20 минути муабетејќи се со нив, пријатен пар од Дакота, сега живеат во Орландо, ќе ги дружев повеќе ама имав малку време за по надвор тој ден.

Од супермаркетот отидов во спортската продавница. Таму ја видов Шалини од Спа, бараше да си купи патики кои ќе може да ги носи и на работа и евентуално уште еден пар за во теретана. Откако најките или беа неудобни или немаше број за нејзе и препорачав да си купи асикс како мене, ама немаше број. Ја напуштив да ја побарам маичката, и ја најдов, ама и за мене немаше број. Сепак си купив две фила маички, една бела и една тегет, беа на промоција, 2 маички за 25 долари. На крај таа најде едни најки и си купи маички и шорцеви, наполни ќеса со спортска опрема. По ова отидовме да го побараме местото што Денис ми го препорача дека има многу убаво кафе, сладолед, милкшејк... Таму Шалини частеше шејк, и беше одличен. После шејкот во Келвин Клајн... Е после тоа почна да врне, ама ризик јак, мила душа, со брзо одење и поттрчнување стигнавме на бродот пред да затвори мензата за да јадеме ручек.

Наредниот ден бевме во Костарика ама не излегов надвор, потоа ден на море па Хондурас каде што бев ИПМ, ама затоа во Белизе отидов на тура како придружник на гостите. Турата беше возење со чамец по реката. Бидејќи сакам да победам на натпреварот за најдобра фотографија на тема Природа а не бев најсреќен со фотките од националниот парк во Костарика, се пријавив да одам на оваа тура, ми изгледаше најветувачка за мојата цел. Ноќта пред тоа го ставив на апаратот големиот објектив, ја наполнив батеријата на ГоПро-то, за секој случај. Во Белизе првин со помал чамец пловиме од бродот до копното. Потоа се префрливме во два помали чамци со капацитет од дваесетина луѓе и тргнавме накај реката. Првин имаше брзо возење неколку минути додека да стигнеме до делтата каде што реката се влева во океанот. Тука почекавме малку за да видиме дали ќе видиме манатии (морски крави). Успеав да фотнам само едно носе бидејќи овие животни излегуваат од водата на кратко за да вдишат воздух и потоа се враќаат и поминуваат неколку минути во вода пред да го извадат носот надвор за да вдишат нов воздух.

По ова тргнавме нагоре низ реката. Видовме неколку крокодили, чапји, мајмуни, штрк што го поправа гнездото и за мене најинтертесните, игуаните. Имаше портокалови и зелени игуани, водичот ни кажуваше за тоа кои игуани се јадат, кога се ловат и така натаму. На враќање низводно капетанот на чамецот го нагази до даска и беше баш интересно искуство. Некои од гостите силно ги стискаа своите шапки за да не им ги однесе ветерот. Кога бевме во океанот веќе видов две перки од делфини, не успеав да ги фотографирам. Кога се вратив назад на бродот имав сончаница бидејќи од голема возбуда заборавив да понесам или претходно да нанесам крем за сончање, а и онака си викав дека веќе доволно долго сум на карибите, треба веќе да ми е навикната кожата.

Последно пристаниште беше Козумел каде што Денис излезе веднаш после вежбата за евакуација за да симне игри за новиот компјутер што го купи онлај од B&H. Кога тој се врати назад на бродот излегов јас. Инаку додека го пиевме утринското кафе Денис забележа дека на јарболот до фери станицата повторно има големо мексиканско знаме кое што го немаше веќе некое време. Кога излегов надвор направив селфи со знамето, купив голема бела мока од Старбакс каде што го апдејтирав телефонот и лаптопот и се вратив назад на бродот. Интернетот беше толку брз што додека да го прашам Денис дали ги симнал двата филма што му ги побара Џудит филмовите веќе се симнаа и на мојот компјутер. Тој ден во Козумел се задржавме до 9 ама морав да се вратам назад на работа.

До нас беше докиран бродот Дизни Трежр, најновиот Дизни брод. Пишав статус дали има некој од луѓето кои ги знам на тој брод меѓутоа никој не ми пиша. На пристаништето ги гледав гостите од Дизни и ме фати носталгија по времето кога работев со деца и нивните родители. На Викинг повеќе од половина од гостите се на возраст меѓу 70 и 80 години, а останатите се тука некаде, малку постари и малку помлади. Кога се враќав назад си ставив на рацете од пената за дезинфекција на раце која уште ја користат на Дизни од времето кога јав бев таму. Мирисот ме врати 10 години назад во времето.

Вечерта сепак имаше интересна активност, спа вечер за вработените. На почетокот се дружевме јас и Денис, потоа дојдоа Михајло, виолончелистката Јулија и Шалини. Базенот во спа центарот е во принцип едно големо џакузи и веднаш до него помало џакузи. Понатаму од десна страна има парна соба а од левата има снежна соба. После одење од едната во другата соба јас и Михајло заминавме во машката сауна а девојките во женската. Михајло по обичај носеше интересни работи со себе. За почеток за триење сол со ментол, потоа некаква прашина за триење на лицето, заборавив од што беше, а во сауната ја помеша водата со виски. Успеа да ме убеди да влезам во базенчето со мраз ладна вода каде што влегов малку подлабоко од минатиот пат, ама пак излегов бидејќи почнав да чувствувам болка во стапалата од што беше ладна водата.

Следното крстарење е повторно 14 дена. Да помине тоа, и уште едно такво и ќе фаќаме накај Европа. На брод веќе почна да не фаќа замор од источните кариби.

Comments