Викингшки дневник бр.11 – Преку Атлантикот

Овие две недели се префрлавме од Америка кон Европа. Она што највеќе ги интересира сите, дали се нишаше бродот? ДА! Првиот ден на море се нишаше многу, пиев апчиња против морска болест, повраќав додека да почнат да делуваат... беше тешко. Останатите денови додека да стигнеме до Гибралтар беа исполнети со нишање на бродот, ама не беше толку страшно.

На ова крстарење застанавме само два пати, пред да влеземе во отворениот Атлантик поминавме едно попладне на Сент Мартин и кога се доближивме до Африка застанавме на Мадеира.

Мојот оригинален план за Сент Мартин беше да излезам на кратко до Булшанд (Продавница за Крокс и електроника, знам дека описов нема смисла, ама тоа е, тоа можете да купите во оваа продавница. Јас од тука имам купено два објективи за мојот апарат и сум задоволен), потоа да купам чоколада од продавницата за сувенири што повеќе личи на кру-шоп отколку на продавница за сувенири (вистинските сувенири се од спротива). Меѓутоа како што често се случува едно планираш друго денот ти донесува. Бредли, шорекс менаџерот не беше задоволен бидејќи имаше малку пријавени за тур ескорт и прашуваше дали сака некој да оди. Јас реков дека би одел ако има некоја пешачка тура и тој само на кратко кажа дека ќе ме прати во групата број 5. Набрзинка се пресоблеков во ескорт униформа, си ставив крем за сончање на лице (не и на рацете, голема грешка, ама за среќа Денис после ми даде крем од алое вера за изгореници) и излегов на терминалот.

Сите од групата стигнаа предвреме што ретко се случува. Турата со нуркање беше откажана па некои од луѓето од таа тура беа префрлени кај нас, ама сепак тргнавме на време. Кратко возење со бус и веќе бевме на градската плажа од каде што пешки тргнавме кон тврдината Амстердам. Водич беше еден дечко што се вика Џанел, многу висок, малку ружен ама многу забавен за слушање како зборува за својот остров. Полн со интересни приказни, посебно додека раскажуваше како тој и неговото семејство го преживеале ураганот Ирма 2019та година. Кога се симнавме од тврдината имавме овошна салата и за среќа автобус кој што не врати назад кон бродот. Немаше густ сообраќај бидејќи беше недела и ние бевме единствен брод на пристаништето па добар дел од продавниците беа затворени. Возачот на автобусот кажа дека ако имало 4-5 бродови продавниците ќе биле отворени. Џанел кажа дека пред некој ден имало дури девет бродови, шест докирани на пристаништето и три закотвени во близина кои гостите ги префрлале со тендер бродчиња до брегот.

Пред да се вратам назад на бродот, со Џудит отидовме до продавницата каде што купив Милка чоколади, шест бидејќи имаа акција 5+1 гратис и киндер буено семејни пакувања црно и бело. Булшанд за жал беа веќе затвориле, така што само направивме крукче околу терминалот и се вративме назад на брод.

За второто пристаниште на Мадеира се пријавив на време и едвај чекав да одам пак на Кабо Хирао, втората најстрмна карпа во светот, висока 589 метри. Таму бев 2019та и сакав да одам пак. Тогаш тргнав со една од девојките од Некс Круз на Индипенденс пешки до центарот на Фуншал, па со еден автобус до рибарското село, па со друг до Кабо Хирао и повторно назад со дремење по автобуски станици и слично. Овој пат немав време за таква авантура и се пријавив како придружник на тура.

Утрото стигнавме мошне рано, уште во 8 часот беа надвор на пристаништето. Пријатно изненадување беше што бевме докирани веднаш под музејот на Кристијано Роналдо наместо на вообичаеното место за докирање. Она што беше интересно разликата помеѓу автобусите на карипските острови кои се мошне мали, помали и од европските минибусеви и автобусите кои ги имавме ова утро на Мадеира кои беа стандардна големина еднокатни на висока платформа. За жал водичот Марио беше мошне лош. Врсник на гостите кој обично работи тури со германски туристи, англискиот му беше бетер и од оној на Борат. Мислам дека 20 пати кажа дека луѓето што живеат на Мадеира обично се бават со земјоделие и дека се сиромашни. Сум слушнал и порано водич да се пожали за ситуацијата во неогвото место, меѓутоа ова беше патетично.

Прва станица ни беше рибарското село на пола пат  до Кабо Хирао каде што пробавме понча, традиционален пијалок за островот Мадеира. Се прави од рум, мед и некој овошен сок. Пончата што ја пробавме беше со лимон. Мошне пријатно изненадување рано посабајлечки :) Потоа имавме малку време да направиме по некоја фотка. Пред да се вратиме во бус отидовме на местото каде што Винстон Черчил сликал додека бил на Мадеира пред втората светска војна.

Патот до Каби Хирао е мошне стрмен и може да се забележи како вегетацијата се менува од тропска во медитеранска. Колку што водичот беше тапа, толку возачот на автобусот беше добар возејќи не по стрмниот планински пат. Кога ќе бидам богат и славен или барем само богат би сакал да изнајмам кабриолет и да возам по островот. Првото нешто што се забележува кога ќе се стигне горе е мирисот на еукалиптус. После шест дена на море само мирисот на еукалиптус е доволен :) По краткото пешачење стигнавме на платформата каде што направивме по неколку фотки по што заврна и се криевме под стреите на кафетеријата и стреата на продавницата за сувенири. Таму имаше неколку работи што посакав да ги купам, ама ми текна дека веќе немам простор во куферот.

На враќање застанавме во центарот на Фуншал. Како што го разбрав водичот требаше во 11:30 да се најдеме пред скулптурата пред Банко де Португал. На пешачката улица имаше саем на книгата со еден куп куќички во кои се продаваа различни книги. Имаше и две сцени, на едната имаше двајца музичари на хармоника и некаква тамбура а на другата сцена која беше наменета за деца имаше перкусионист и девојка што читаше книга. И нормално во 11:30 немаше ни трага од мојот водич, имаше други водичи кои водеа тури со Викинг гости, ама мојот го немаше, па се спуштив до армискиот музеј каде што беше паркиран автобусот и единствено што видов е како мојот бус заминува... Како и да е, бродот не беше далеку па отидов пешки. Кога стигнав Џудит се шегуваше со мене дека водичот ме оставил сам у среде град. Потоа поминав низ шпалирот од вработени кои беа дел од хепи-клепи. Во некои портови кога голем дел од гостите се враќаат на брод во исто време се редат вработени од двете страни, се пушта музика и им се кажува на гостите добредојде назад. Мене ми звучи без врска, ама доволен број гости кажуваат дека тоа им се допаѓа и ова се случува од време на време. Мене лично радост ми беше кога го видов Сањин со Елза. Го гушнав и му кажав само да не бере гајле, ова е последното хепи-клепи за него и дека наскоро си оди дома.

Овие две недели имаше неколку активности за гостите. Најбитна беше 10 годишнината од постоењето на Викинг Оушн Крузис. На вториот ден на море имавме вежба за евакуација и веднаш после вежбата групна фотка на скалите во атриумот. Сузан замина на одмор така да немаше кој совршено да ги нареди вработените по скалите, ама не е битно, сите беа задоволни од фотката што ја пратив на крај. Имаше малку повеќе работа додека да стигнам до одлична фотка, прво Слаѓана од спа беше со затворени очи, некој имаше оставено црвена торба до еден од столбовите, горе на кат од една страна имаше гости потпрени на оградата... а јас малку зар’ѓан ама направив добар финален продукт.

Вечерта после Сент Мартин имавме вечера во гостинското бифе и журка за вработените во кру бар. На почетокот на вечерата служев печено прасе а потоа го зедов апаратот и фоткав. На журката се задржав мошне кратко бидејќи веќе немам кондиција како пред 12-13 години.

Ова крстарење дури два пати имавме цртање во мензата. Првиот пат не отидов бидејќи бев уморен од нишањето на бродот а вториот пат отидов и имаше многу малку луѓе. Кога стигнав таму беа само двете кинескињи од спа центарот, потоа дојде кинескињата од шоп и на крај една индијка од ресторан.

За крај да пишам дека пред да почне ова крстарење многу луѓе заминаа на одмор или трансфер на друг брод и многу луѓе дојдоа на нивно место. Малку да се освежи атмосферата. Исто така да пишам дека во Форт Лодердејл ми стигнаа протеинските прашоци за пред и после вежбање, така што во следните крстарења може да зачестам во теретана и да го спремам телото за лето 2025то.

Додека сме во средоземното море имаме интересна тура: Барселона – Чивитавекија (Рим) – Венеција – Пиреја (Атина) – Истамбул – Пиреја (Атина) – Венеција – Чивитавекија (Рим) – Барселона со седум дена измеѓу сите овие портови, со голем број на овернајти и по некој дупли овернајт. Со каков интензитет ќе го пишувам и објавувам дневников не можам да ветам ништо :) Ќе се потрудам тоа да биде на 7 дена, но за тоа ќе дознаете после рекламите :)

Comments