Викингшки дневник бр.12 – Пролет во Средоземното море

Стигнавме во Средоземното море, јеее, пролет е, значи малку свежичко... ОК, ајде да пишам како поминаа овие две недели.

За почеток два дена во Барселона. Првиот ден бев ИПМ и затоа Денис излезе надвор и ми кажа како си поминал, што видел. Вечерта ги видов Слаѓана и Шалини и тие ми кажаа тие како си поминале по што направив план што и како би правел. Од бродот излегов на пола интервал меѓу два автобуси што возеа до почетокот на туристичкиот дел од Барселона и затоа решив да одам пешки. Ставив локација Футлокер на гугл мапс и ја оправив. Беше баш пријатно за пешачење. На Ла Рамбла се реновира еден од коловозите за возила и затоа одев по средина по пешачката зона и си правев план каде би застанал на враќање назад.

Во Футлокер немаше ништо што би ме заинтересирало, ама веднаш до него е Хард Рок Кафе кое што малку се сменило од последниот пат кога бев таму пред 8 години ако не грешам. Видов во менито дека има нов сендвич направен по меракот на Лео Меси, овој пат со пилешки стек. Чинеше 20 евра и не беше нешто посебно. Мислам беше вкусен, ама Хард Рок Кафе ме има навикнато на повеќе квалитет и квантитет. На враќање во една од споредните улички си купив чурос. Некако не можев да видам колку е цената, ама ми се јадеше чурос и порачав со прелив бело киндер буено. Малку непријатно се изненадив кога видов дека треба да платам 8 евра за 5 парчиња чурос и малку повеќе прелив од вообичаено, ама кога почнав да го јадам чуросот се си дојде на место. Мислам дека ова беше еден од најдобрите чуроси што ги имам јадено досега во животот. Потоа пешки се вратив до брод да ги изгорам калориите што ги внесов претходно.

Следно пристаниште беше Сете во Франција каде што не излегов затоа што ноќта претходно вежбав во теретана па паузата во Сете ја искористив за спиење. Денис ми кажа дека ништо не пропуштам со тоа што не излегувам надвор таму.

После Сете следи Марсеј, е тука излеговме и двајцата, првин Денис а потоа јас. За другарчињата кои биле во Марсеј со брод, морам да нагласам дека се докиравме во центарот на Марсеј, не на пристаништето горе каде што се прават драј докови. Прво нешто што забележав уште на бродот беше шаторот на циркусот Медрано. Кога бев дете одењето да гледам Медрано беше настан на годината. Од тогаш до сега многу работи се сменија во светот, една од нив и моќта на борците за права на животните. За жал од 2007ма како што прочитав на интермец, Медрано веќе нема животни. Единствената мечка во близина беше скулптура.

Од тука оправив да ја барам улицата каде што Владо Црноземски го отепал кралот Александар, и ја најдов. На една канделабра има знак дека таму загинал кралот Александар и како и да се викаше францускиот министер. Следно на мапс нормално ставив Футлокер :) во поглед на патики пак се разочарав. Изгледа како да имаат само еден магацин за цела Европа и изборот е тоа што е... Како и да е, купив подарок за внук ми Алек и продолжив по улицата, се до автентичен француски ресторан на буквата М, се шегувам, ама немав јадено во МекДоналдс од одамна. Од таму отидов до Керфур да купам некои работи и таман кога тргнав накај брод слушнав музика од некаде... Испадна дека има парада со камиони на кои има диџеи и звучници и иде електронска музика. Аххх ми се наполни душата. Поѕенѕав дваесетина минути и тргнав назад на брод бидејќи рано поаѓавме од Марсеј за жал.

Во Монте Карло не излегов поради ИПМ, а и времето не беше нешто највесело, беше тмурно па и заврна. Следниот ден бевме во Ливорно каде што отидов на кру екскурзија до кулата во Пиза. Времето беше врнежливо цело време, само интензитетот се менуваше. Мојата Стилерс јакна веќе не е водонепропустлива, ама касно дознав за тоа. На времето кога работев на Дизни Меџик мислам дека десет пати бев во Пиза и секој пат времето беше прекрасно. Енивејз... Во бусот беше Шалини. Таа исто така има Никон апарат, малку помал од мојот, ама знае да користи фото апарат. Додека работев на Дизни ниту еднаш не позирав за некој да направи фотка од мене со кулата, се надевав дека сега Шалини ќе направи фотка од мене, ама баш кога стигнавме таму врнеше мошне интензивно. На нејзе и беше прв пат во Пиза и направив неколку фотографии со нејзиниот телефон и отидовме на пица.

Пицеријата беше една од пицериите веднаш до кулата, ја одбравме по случаен избор и седнавме внатре. Она што мене пријатно ме изненади е тоа што внатре имаше стари банкноти од цел свет. Првин забележав динари од СФРЈ, вклучувајќи и една „червена“. Подоцна видов и денари од првото издание, десет денарка и илјадарка. Беа во иста рамка со драхма, малку се налутив ама после видов дека во сите рамки валутите се измешани. Пицата нормално беше превкусна. Се накркавме и тргнавме назад кон автобусот.

Во Чивитавекија не излегов, почна грбот нешто да ме боли, така да најдалеку ми беше идење до медикал центар каде што Дино ми даде апчиња и крема и ми кажа ако не сум подобар за 2-3 дена да дојдам пак. Во Наполи бев и болен и ипм, и нормално не излегов надвор.

На 18 април за прв пат стапнав на Сицилија. Бевме во Месина. Имавме дрил и веднаш по тоа излегов надвор. На мапс видов каде има гужва и тргнав натаму. По пат застанав во суши ресторан да каснам суши. Пишав за МекДоналдс, ама суши немав јадено од уште порано, добро суши мислам дека последен пат имав јадено кога бев со Клаудија во Сушико на 18 мај. Десертите во суши ресторанот не ми се видоа како нешто посебно, па тргнав да видам што има десерти во Мекдоналдс во Италија. Капкејкот со Нутела беше одличен. Од тука погодувате, тргнав кон Футлокер, ама веќе имаше започнато сиеста за жал. За мое изненадување Геокс не правеше пауза за сиеста. Имаа неколку интересни пара чевли од 120-160 евра и два пара кои не беа убави од 100-120 евра. За жал немаа мој број од убавите чевли, само од грдите. И се извинив на продавачката што и одземав од времето и тргнав назад кон бродот.

Следно пристаниште беше Кротоне, мало гратче на патот од Сицилија кон Јадраанското море. Тој ден од бродот излегов во исто време со мојот сосед Џоби. Веднаш до пристаништето има тврдина каде што направивме по неколку фотки, јас набрзинка а Џоби со статив со местење, со се... Го оставив да се фотка а јас продолжив кон центарот на градот. Во супермаркетот што го најдов отворен купив пакување од 6 мали лименки кока-кола од по 150 милилитри, најмали лименки што имам видено досега.

За Велигден бевме во Бари. Веќе ме имаше фатено мрза за одење пешки па се качив во автобусот што одеше до центарот на градот. Си купив кафенце од Старбакс и прошетав наоколу. Бидејќи беше Велигден само кафетерии, пицерии и џелатерии беа отворени. Додека чекав бус за назад си купив средна чашка и во неа сладолед од лешник и сладолед од нутела, и не беше скап, само 3 евра.

Во Шибеник бев ипм а за во Венеција го користевме пристаништето во Фусина. На поиндустриски порт во животот немам отидено. За да се стигне до Венеција треба или да се чека водено такси кое оди на саат време или да се викне обично такси кое вози пола саат и наплаќа 80 евра. Плус од минатата година, одредени денови властите од Венеција наплаќаат влезна такса за влез во стариот град, така да решив да си седам на бродот.

Од активности на бродот, ќе се обидам да сумирам колку можам или колку памтам. Бев еднаш во теретана. Истата вечер подоцна видов дека Мери однела Дувел пивце во кру бар и нормално отидов да се напијам едно. Бране ме замоли да купам неколку за него па ќе ми даде пари, ама тоа остана на муабет и сега имам уште четири шишиња Дувел во соба. Ќе треба да им смислам како да се испијат.

На бродот има нова спа менаџерка и таа ја помести спа вечерта во недела наместо во понеделник. Првиот пат додуша и скроз ја откажа спа вечерта со изговор дека правела попис или нешто слично а вториот пат тотално изумив, па ставив потсетник во телефонот за да не пропуштам три спа ноќи по ред. Сепак добив масажа и тоа бесплатно. На бродот има нова бјути специјалистка Марија од Србија, прв пат на брод. Главното нешто во спа центарот на бродов се масажите и затоа сите освен фризерката мораат да знаат да масираат, најмалку еден тип на масажа. Јас се жртвував за Марија да се учи на мене.

Пред Велигден имаше цртање во мензата за офицери ама само Роби, Хари и Џејд цртаа, јас пиев спрајт си правев маубет.

Леле ќе заборавев да пишам дека имам нов цимер, Арвин од Филипини, хотел админ како Келвин кој замина на заслужен одмор. Заедничко им е што и двајцата се ниски и често се тушираат. Разликата е тоа што додека Келвин поминуваше многу време пиејќи кафе во кру бар, Арвин одмара во кабина и донесе многу повеќе работи од Келвин па правеше прередување на работите во кабина.

Следните две недели одиме за Истамбул преку Атина. Можеби ќе пишам и после Атина... За ова ќе дознаете после рекламите :)

Comments