Викингшки дневник бр.13 Јадране мој
Овие две недели патуваме од Венеција до Истамбул. Овој дневник го пишувам пред да стигнеме во Истамбул бидејќи имам планови за таму :)
После досадната
Фусина (блиску до Венеција) прво пристаниште беше Сплит каде што бев ипм, а
денот после тоа бевме во Дубровник. Денот започна со пречекување на другар ми
Ненад од средно кој што тој ден дојде на бродот како посетител. Му направив
тура низ бродот и тој ми кажа дека му се допаѓа бродот, субтилно елегантен без
премногу блинг-блинг и џиџи-миџи како на другите компании. Колешките од другите
оддели од африка прашуваа дали сме браќа, им велевме не, само другарчиња од
средно и тој сега живее и работи во Дубровник. Каснавме ручек, се помуабетивме
во кру барот и тој замина дома бидејќи наредниот ден имаше чудна смена на
работа.
Во меѓувреме Денис беше на екскурзијата за вработени, гејм оф тронс. Веднаш штом тој се врати јас отидов до супермаркетот на пристаништето. Уште на влез посакав пола маркет да го купам. После четири и пол месеци западно од атлантикот конечно доаѓам во супермаркет каде што сите производи ми се познати. Прва работа што купив беа мини кроасанчиња севен дејс, па плазма бисквити, маршмелоу... На полицата за ајвар имаше неколку хрватски ајвари, еден српски и еден македонски. Нормално дека го купив македонскиот :) Конечно купив и црвено македонско вино за Џудит, имаше Т’га и Александар од Бовин. Јас не се разбирам од црвени вина, ама Т’гата беше 6 евра а Александар 12 така да купив Александар :)
Наредниот ден
бевме во Котор каде што конечно после долго време јадев бурек со јогурт. Само
оние кои долго време не биле во можност да јадат бурек ќе ми ја разберат
радоста кога си купив бурек со сирење и јогурт и седнав на тротоар бидејќи во
близина немаше клупа или столче. Корите беа средно мрсни, ама урда имаше
изобилие. После бурекот отидов да го побарам музејот за мачки кој ми го препорача
Клаудија. Не е лош, интересен мал музеј посветен на мачките. По ова тргнав да
го видам паркот и покрај брегот ме нападнаа еден куп тур оператори кои продаваа
возење со чамец до пештерите. Не може човек да се откачи од нив.
На Крф бевме докирани заедно со Викинг Стар и уште рано посабајлечки со Денис им отидовме на гости на ај-ти колегите на тој брод. Менаџер е Александар од Македонија а асистент е Брендин од Кенија. Денис го препознаа неколку луѓе, мене ме препозна само Дорарта од Албанија. Од Стар сите се префрливме на Марс за ручек и уште малку дружба во кру-бар. Алекс бил на Марс пред година дена и се поздрави со еден куп луѓе :)
Во Катаколон бев
ипм. Ова крстарење заврши во Атина за добар дел од гостите што значеше дека
нови ќе ни дојдат. Истиот ден се качуваа и гости на еден од Риџент бродовите.
Од прва се прашувавме со Денис како може убавите девојки да бидат на шалтерите
на Риџент а грдите кај нас, ама после видовме дека се тоа вработени од бродот.
Имаше еден дечко што работеше на Дон во театарот додека јас бев таму, ама
заборавив како се вика, а и чисто се сомневав дека тој се сеќава на мене, ама
затоа со колегите од ај-ти си направивме раат муабет додека чекавме да почне качувањето
на гостите на брод. За попладневните паузи решивме првиот ден да излезам јас а
вториот ден Денис и кога видовме дека се оди ОК, веднаш истрчав надвор. По препорака
на Денис тргнав накај Микел кафе на главната улица во Пиреја. Попат видов и
Космо Спорт продавница, ама акцентот им беше ставен на патики за трчање така
што не купив ништо. Накај Микел видов Гудис, една од моите омилени сендвичари.
Бургер и кока кола, после тоа кафенце... малку пешачење наоколу и назад на
брод.
Мислев дека толку
од Пиреја за мене, ама универзумот имал други планови за мене. Спа менаџерката
Ану испланирала вечера со нејзините колешки Калинка и Шалинка од нејзиниот
оддел и Стевчо и Бобан од ресторан одделот и за да бидеме 3 на 3 Шалини ме
покани мене. Јас и спа девојките излеговме порано додека Стевчо и Бобан уште работеа.
Се двоумевме помеѓу индиски ресторан и грчки и им реков ајде ќе фрлам паричка
па што испадне таму идеме, и испадна индиски ресторан. Тргнавме со такси и
таксистот ни кажуваше за грчкиот збор со сеопфатно значење – малака. Баш фино
се изнасмеавме по пат. Ресторанот се викаше Кебаб и Кари (баш прикладно, нели)
и имаше мошне позитивни рецензии на гугл мапс. Храната беше одлична. Една од
девојките кажа дека била тука порано со некој претходен брод и дека било
одлично. Стевчо и Бобан дојдоа, се поздравија и отидоа на скара. Назад се
враќавме пешки и беше баш пријатно за пешачење, таман да согориме некоја од
калориите кои ги внесовме.
Во Хераклион на
Крит излегов за малку да се прошетам и кога излегов надвор од бродот видов
огромен паркинг и решив да ги прашам луѓето од шорекс како да излезам. Тие ми
рекоа дека десно од мене е шатл бусот, и си викам штом ми викаат, ќе се качам
во шатл бус па ќе пешачам накај назад. Во бусот ги видов Вања и Гевин и седнав
до нив. Гевин ми раскажуваше за времето кога работел како фотограф на некој
ресорт и случките таму. Бидејќи имам роаминг пакет на мојот телефон на гугл
мапс најдовме еден барберски салон и го оставивме Гевин таму и со Вања
продолживаме да бараме супермаркет за да си купи убаво млеко од бадеми бидејќи
тоа на брод не и се допаѓало. Во супермаркетот ми кажа дека и е малку тешко
бидејќи не познава скоро ниту еден од брендовите на рафтовите. Јас и кажав дека
мене ми е супер бијдеќи ги знам скоро сите производи тука (освен кое млеко од
бадем е подобро бидејќи пијам млеко од крави и од кози).
На враќање назад
ја замолив Вања да застанеме во некоја продавница за патики. Знам дека има
неколку ама не памтам како се викаше продавницата каде што пред 2 години си
купив маичка од Дончиќ. Најдовме три продавници, првата беше со досадни патики,
втората беше малку поразлична но сепак ништо што би ме изненадило и третата
беше Космо Спорт. Е сега за разлика од Космо Спорт во Пиреја, тука оваа акцент
имаше на кошарка па покрај патиките на Јанис имаш и Лука, Тејтум, Зајон, Ентмен,
Харден... И најбитно од се имаше Најки Флајтпозит. Најки Фоумпозит ми беа на
листата на патики кои морам да ги купам, ама Флајтпозит се премногу слични и ќе
завршат работа, и си ги купив. Малку повеќе време чекав девојката што работеше
таму да најде мој број во магацин, ама после 10тина минути ги донесе патиките,
ги пробав, ги платив и тргнав со Вања назад. Додека чекав на каса Гевин и прати
порака (ви-фи од берберницата) дека завршил со шишање и сите заедно со бус се
вративме назад. Овој пат тема на муабет беше лизгалишта и лизгање на мраз :)
И конечно, после 12 години чекање, повторно во Кушадаси. Кај и да си, Кушадаси да си :) Овој пат излегов со Калинка и Шалинка. Во еден од рестораните на пристаништето пиевме кафе и јадевме традиционален турски појадок. Келнерката Гамзе ја наполни масата со секакви тестенини, сирења, намази, пржени јајца и суџуци... јас зедов и тост покрај ова. Целово ова јадење, плус турско кафе, капучино и турски чај севкупно испадна 40 евра што пријатно не изненади како за туристичко место. Од тука продолживме по чаршијата за Шалини да си купи куфер. Барањето куфер се претвори во класичен женски шопинг на фалц роба. Во еден момент им кажав дека морам назад на брод за да може Денис да излезе надвор и киднав.
Во поглед на
забавни активности во театарот немаше ништо посебно. Во Дубровник со Денис
отидовме во театарот да гледаме локална група која свири и пее традиционална
далматинска музика. Моето срце јуначко издржа четири песни и заминавме. Имаше и
еден комичар англичанец, ама не беше нешто посебно.
Од активности на
бродот надвор од работно време, зачестив во теретана, дури 3 пати во рок од
недела дена. Морам да спремам бич боди самер 2025 :)
Comments
Post a Comment