Викингшки дневник бр.14 – Од Истамбул до Венеција
Кога стигнавме во
Истамбул веќе бев сериозно настинат така да прва цел на мојот пат од
пристаништето до Таксим беше да купам тајлолхот и витамин це во некоја аптека. Тоа
и го најдов во една од тесните улички кои водеа накај Таксим. Следно што сакав
да направам е да си купам чурос од Мр. Чурос, ама веќе не постои за жал. Во
Најки продавницата овој пат немаше ништо интересно или имаше ама беше огин и
пламен скапо. Во адидас имаше интересни тренерки ама не ми се трошеа пари
некако. Од Таксим назад фатив по уличка по која досега немав пешачено и испадна
дека е полна со уметнички галерии, ама морав да се вратам назад на брод за да
може Денис да излезе. Следниот ден бев ИПМ а третиот ден уште болничок излегов
само до Старбакс по кафе. После Истамбул бевме во Чанак Кале каде повторно не
излегов бидејќи нема ништо блиску до пристаништето.
Ама затоа во
Кушадаси излегов сам и баш убаво се прошетав. За почеток си земав големо кафе
во Старбаксот кој е на страна од пристаништето бидејќи во тој на пристаништето
се чека многу ред бидејќи доаѓа персонал од три брода кои беа докирани таму тој
ден. Откако земав тирамису лате продолжив покрај брегот да видам што се има по
патот. На враќање назад гледав какви коли возат турците таму и видов некои
интересни олд тајмери како Тофаш од 90тите со Кадилак значка на капакот за
гориво, класична Буба и Шкода Фаворит. При враќањето назад на пристаништето купив
нудли за Џудит бидејќи пред некој ден остана гладна, имаше премногу работа и
заборави да оди до мензата кога е отворена. Си купив и мало шишенце Џони Вокер
по препорака на Николина бидејќи ми кажа дека виски најдобро лечи настинка :)
Кога бродот беше
во Родос бев ИПМ, ама затоа во Хераклион на Крит падна добар шопинг. Прво
разгледав што има во двете Космо Спорт продавници и дури и бев пишманет од
пазарување. Мислејќи што да јадам на крај земав сладолед. Малку беше скап ама
беше вкусен. Додека го јадев сладоледот наидов на ИнтерСпорт продавница. Таму
ги имаа работите што сакав да ги купам, ама немаа броеви и на крај само купив
голмански ракавици за Марко, синот на братучед ми Мирче. Решив да им дадам уште
една шанса на Космо Спорт и овој пат еден од момците што работат таму ме
пречека со насмевка и ми кажа дека патиките што ги барам ги имаат во броевите
кои ми требаат само што едните се на прв кат а другите се во подрум.
Најинтересно е што на крај платив на касата на приземје.
Во Пиреа бродот
беше два дена. Првиот ден Денис излезе надвор а вториот ден излегов јас надвор.
Малку подоле од нас беше докиран Мајн Шиф 5, брод на кој што сега работи Аиза,
филипинка, масерка што работеше на Дон. Се договоривме да се најдеме во Манила
Гарден, филипински ресторан блиску до пристаништето. Лесно го најдов местото и седнав
внатре да ја чекам. За кратко таа дојде со уште пет колеги и колешки од
нејзиниот брод. Нарачаа различни јадења. Супата ми беше премногу лута, ама
останатите работи беа океј и беа вкусни. Порачаа и две големи шишиња вода и
келнерката донесе Загори вода. Ми беше малку смешко бидејќи истата вода ја има
и во маркетите во Македонија. После ручекот тргнавме да прошетаме малку до
ЏејДи Спорт и до Зара. Во ЏејДи исто како во Истамбул, имаше интересни но скапи
работи и не купивме ништо, ама затоа во Зара сите купија по нешто, освен јас
бидејќи не сум почитувач на брза мода. На враќање назад нејзината дружина дргна
по споредни улички и ѝ кажав на Аиза дека морам да се вратам назад на брод,
почнувам со работа еден час порано од нејзе. Се поздравивме со надеж дека нема
да чекаме долго до нашата следна средба.
На Катаколон бев
ИПМ а на Крф времето беше многу лошо а и почнав со месечниот попис така што
повторно не излегов.
Ама затоа после г’рчка следи Котор, Црна Гора :) сакав да се качам до тврдината ама на интеренет временската прогноза не беше воопшто ветувачка. Сепак кога се качивме со Денис во кру бар да пиеме кафе видовме дека времето е баш пријатно сончево и дека шансите да врне се многу мали и веднаш после кафето излегов надвор. Веднаш над Котор стари град има рампа и се наплаќа 15 евра за да се качиш нагоре до тврдината. Прашав дали има попуст за локални туристи, ама изгледа не го погодив акцентот и ми наплатија цела карта. На третина од качувањето има црквичка и тука ме фати првата криза, ама веќе платив карта, така што немаше простор за откажување. Не знам колку скали има до тврдината, ама многу се. Правев кратки паузи за да направам фотка две од горе како се гледа бродот и Котор. Сепак успеав да се качам до врвот за помалку од саат. Таму ги најдов Гевин и Агњешка. Гевин имаше поставено трипод за телефонот со гимбл и се шегував со него дека е influencer in the wild. Тој ми кажа дека кога бил на тврдината прв пат пред десетина години не се плаќало за качување меѓутоа и патеката не била средена и дека немало луѓе кои продаваат ладни сокови и пиво (имаше на две места, горе на тврдината и на пола пат). На враќање назад спуштањето одеше брзо меѓутоа и напорно. Кај црквичката ја сретнав Вања која ми се пожали дека Гевин заминал без нејзе нагоре. Додека ја слушав ми трепереа сите мускули на нозете, ама немав избор, морав порано или подоцна да се спуштам.
Следниот ден бевме во Дубровник. Овој пат прв од бродот излезе Денис, ама бидејќи беше недела Супер Конзум беше затворен и тој се врати веднаш. По него јас тргнав кон Дубровник стари град за да купам худи од Хард Рок Кафе за внука ми Јована. Нозете уште ме болеа, ама ова ми беше една од последните шанси да го најдам тоа што сакав да ѝ го купам. Од пристаништето кон бродот има две улици и јас за беља ја одбрав пострмната опција. Стари град беше мошне полн а уште е мај, добро е што не доаѓаме тука во сред сезона. Како и да е, влегов во Хард Рок Шоп и видов дека имаат многу слаб избор, ни Ш од Шакира, само една Меси маичка... Ама на мое големо задоволство изложбата на Дали уште е тука. Овој пат картата е малку поефтина, осум евра во споредба со десет евра колку што платив пред две години. Ама затоа на излегување си купив маичка со Дали која чинеше 35 евра. И кога сум веќе во Стари град си викам ајде да прошетам малку. Сакав да купам бурек ама редицата во Холи Бурек беше долга па затоа си купив сладолед. Веднаш откако излегов од слаткарницата што продава сладолед видов слаткарница што продава чурос. Е тука падна дилема, милкшејк или чурос и на крај земав милкшејк и вода и се вратив назад на бродот.
Во Сплит бев
повторно ИПМ и заборавив да ја прашам Вања да се смениме на време. Поради тоа
Денис излезе надвор а јас отидов на ручек во гостинското бифе. Таму видов
гостин што носеше дрес од Тони Кукоч кога играше за Југопластика. Го прашав
дали знае чив дрес носи а тој гордо ми кажа дека знае бидејќи е од Чикаго.
Дресот не беше нешто квалитетен, ама сепак е Тони Кукоч дрес.
И последното пристаниште за овој дневник, Фусина, блиску до Венеција. Стигнавме околу пладне а првиот шатл брод до Венеција беше во два и пол. Кога стигнавме во Венеција прва цел ми беше да стигнам до Хард Рок кафе без да употребувам телефон за навигација. Не успеав, бев на дваесетина метри од Хард Рок Кафе. Стоев пред продавницата на Арменежилдо Зења а Хард Рок беше позади. Е сега тука конечно го најдов худито што сакав да ѝ го купам на Јована, ама немаше мала величина, почнуваа од медиум, па затоа ѝ купив маичка. Се мислев дали да јадам, ама ми текна дека имам пробано се од менито што сакав да пробам, па решив да тргнам по патот преку каналите.
Бидејќи сум
повторно во италијански град решив да побарам Геокс продавница која беше мошне
лесна за наоѓање. Тука видов чевли кои ептен ми се допаднаа, ама повторно
немаше мој број. За среќа продавачката донесе чевли кои беа многу слични на
првите и кои беа и 30 евра поефтини. Сакаше да ми продаде и крема за чевли,
сунѓерче и микро фибер крпа за полирање. Кутијата со кремата ми изгледаше
интересно, црна, пластична и само со бели букви Геокс на неа па ја купив. Купив
и сунѓерче бидејќи тоа што го имам на брод веќе се распаѓа. Купив и чорапи,
средна должина 2 пара за 20 евра, кратки 3 пара за 20 евра. Продавачката
нормално сакаше да ми продаде и долги ама и реков доста е за денес.
Во меѓувреме Кетрин,
девојката што работи во мензата за офицери ми пиша порака да купам торта
бидејќи му е роденден на дечко ѝ Алвин. Ѝ реков дека тенки се шансите да најдам
торта, ама ќе се обидам. Одејќи накај мостот Риалто видов продавница на Шпар и
си реков дека сепак имам шанси да најдам нешто интересно за Алвин. Внатре имаше
два типа на мали торти, една со ф’стаци и другата во стил на тирамису. Ја
одбрав втората. Задоволен дека купив се што планирав тргнав назад кон шатл
бротчето.
Кетрин ми кажа
дека ќе ми даде пари за тортата, ама и реков дека чинеше само шест евра и дека
за Алвин со мерак би потрошил и повеќе. Роденденот испадна мала журка во
кабина. Малку пивце, Дувел што го имав купено за Бране на кое и рокот му беше
малку истечен, ама ништо страшно, битно се испи, не се истури. Малку виски и
назад на спиење бидејќи наредниот ден сите почнувавме со работа наутро.
Овие две недели имаше неколку интересни активности на бродот. Ноќта после Родос требаше да има ол кру парти која што поради лошото време беше преселена од кру бар во мензата за офицери. Темата беше грчка ноќ и оригинално не планирав да одам, ама Моника ми кажа дека таа вечер и е роденден па решив да се појавам со мојот апарат. На почетокот скоро и да немаше никој. Седев на маса со Ејми и дечко ѝ, Џудит и Денис. Денис за прв пат се појави на журка и што е најинтересно откако тие си отидоа дојдоа многу луѓе и журката испадна баш журка :)
Ноќта после
Катаколон Том организираше гејмс најт за хотел департмент бидејќи Ангки наскоро
си одеше на одмор. Стигнав прв и фатив да играм игрици на телефон додека луѓето
од енџин департмент играа шах и свиреа гитара. И почнаа да доаѓаат колегите од
хотел департмент еден по еден и донесоа Џенга. Луѓето од енџин почнаа да
заминуваат освен Владо кого го замоливме да ни ја даде неговара икс-точка
(четири во ред). Интересно е што истата игра ја донесе и Мелоди па така
икс-точка се играше на две маси. На првата обично јас, Маркос и Ирдан
(професионалците) а на другата беа Мелоди, Ангки, Рози... Јас се потоа се префрлив
на масата кај девојките.
Вечерта после тоа
Кристијана имаше закажано вино и сирење за активност, ама Биби го смени тоа со
ол кру журка бидејќи претходната беше префрлена внатре поради лошо време.
И сега најбитната
промена на бродот што се случи овие две недели. Кристијана замина на одмор а на
нејзино место дојде Биби. Сосема различни менаџери за човечки ресурси.
Кристијана е интроверт и ставаше акцент на операциите на бродот а Биби е
екстроверт и става акцент на забавните активности. Првата спа ноќ скоро и да
немаше луѓе бидејќи никој не знаеше дека воопшто ќе има спа ноќ. Втората спа
ноќ беше мошне попосетена бидејќи Биби прописно ја изрекламира. Патем, јас Биби
ја запознав уште пред да почне да работи на Викинг. Таа дојде во Скопје за да
извади STCW сертификати.
Третиот или четвртиот ден откако дојде на бродот ја прашав дали се сеќава на
мена и ѝ кажав дека работев во Коузон по што таа само ми кажа, па што не кажеш
уште од одма?! После тоа на Денис му кажуваше колку убаво си поминала тогаш во
Скопје.
Последна
активност која што ќе ја спомнам е славењето на 17 мај, денот на норвешката
независност. По тој повод направив неколку фотографии во атриумот. Офицерите од
бриџ и енџин носеа униформи додека офицерите од хотел департмент носеа норвешки
џемпери. Новата асистент круз директорка Кортни, Џејд од театарот, Коко и Калин
од спа центарот, како и Адријан од енџин носеа бунад (традиционална норвешка
носија). Овој пат имаше малку повеќе планирање во фото сесијата, помалку гости
на бродот и мислев дека ќе завршам работа без да има потреба од фотошоп,
меѓутоа круз директорот Арон го заборави својот телефон на пијаното и никој не
го забележа тоа. Стејџ менаџерот Шам виде кога ги ставив фотките на сервер, па
морав вечерта да го бришам телефонот во фотошоп.
Следните две
недели ќе ми бидат последни на Викинг Марс за овој договор. Дали и колку ќе
имам енергија да напишам уште еден дневник, не можам да ветам. Кога работев за
Имиџ последнатото поглавје секогаш ми остануваше ненапишано, дали ќе биде така
и сега ќе дознаете после рекламите :)
Comments
Post a Comment