Викингшки дневник бр.15 – Догледање Викинг Марс

Во овој дневник ќе пишувам за последните две недели на Марс и како си поминав. На средина на овој период Денис замина на одмор а на негово место дојде Хулио. Во исто време на одмор замина и Џудит после повеќе од 7 месеци договор полн со турбуленции. Но да почнеме со ред.

Во Шибеник повторно не излегов поради ИПМ, ама затоа во Бари направив километража. Оригинално сакав да одам до еден музеј кој за жал не беше отворен тој ден па отидов првин до фонтаната на Нептун. Од бродот се гледаат две цркви на два рида па првин отидов до едната да видам што видик има од таму па потоа до другата. Потоа се вратив назад на брод.

Наредниот ден требаше да идеме во Кротоне ама поради лошо време продолживме кон Месина каде што останавме преку ноќта. Што правев тие два дена веќе заборавив, ама на испловување од Месина кон Наполи поминавме покрај Стромболи, остров со активен вулкан. Како уште луѓе живеат таму, не знам... ама беше интересно да се види активен вулкан.

Во Наполи не излегов поради ИПМ ама затоа Чивитавекија беше трчаница. Уште од рано сабајле излегов да оставам два пакети во УПС локација. Гугл мапс викаше дека има пола саат пешки од пристаниште до таму. Денис ми препорача да одам со шатл. Е сеа бељата беше што шатлот сега не застанува каде што застануваше порано туку на една голема автобуска станица пола саат од УПС локацијата. Како и да е, изгледа беше пишано да пешачам малку повеќе. Местото уствари беше продавница за кафе која патем работи со УПС. Жената што работеше таму не збореше англиски, нормално, ама златен гугл транслејт ми помогна малку од малку да се разберам со неа. На враќање назад веќе стана жешко и ептен се испотив, така да после тоа се задржав во терминалот под клима. Во меѓувреме стигна Хулио од Перу, замената за Денис. Попладнето Денис и Џудит заминаа на заслужен одмор, ги испратив до комбето кое ги однесе на аеродром.

Во Ливорно на пладне со Зоран од Куманово излеговме на по едно пивце. Веднаш до пристаништето има трговски центар каде што влегов во Џеј Ди Спортс да видам што има. Зоран викаше дека таму се е многу скапо. Му викам, нема и ефтино и убаво, ретко тоа. После трговскиот влеговме во Прајмарк каде што има еден куп ефтини работи и тој си купи маичка за сувенир. Е сеа за плаќање додека да се оправи Зоки со жените што работат таму а не зборат ич англиски... Си реков моја нога тука веќе НЕ. Од Прајмарк седнавме во еден локален кафич на пиво. Местото беше моторџиско, на него не му беше баш пријатно, ама што е тука е :) Од тука продолживме до аптека да си купам аспирин. На поминување натаму Зоран виде кафич каде што претходно пиел пиво и ми кажа дека на враќање ќе пиеме едно пиво таму бидејќи е многу добро место, и испадна супер. Пред да заминеме до нас седеа малку постар брачен пар и сопругот имаше Дизни алка. Ги прашав дали се на Дизни Фентази бродот на што сопругата кажа да. И разврзавме муабет, испадна дека работи за Фотопас, па и покажав фотки од времето кога јас работев за Имиџ и кога конечно тргнавме назад кон брод на мене и Зоран ни даде на подарок приврзоци.

Вечерта немав планирано да излегувам, ама Катерина ме замоли да излезам со неа до продавница за да купела нешто за неа и дечко и. На гугл мапс имаше една продавница отворена, ама не најде ништо таму, па продолживме кон плоштадот на републиката бидејќи таму има две продавници што работат 24/7. Многу е различен народот што таму може да се најде преку ден и преку ноќ. Преку ноќ неколку луѓе ме прашаа каква дрога би сакал да купам, ама морав да ги разочарам. Следниот ден не излегов надвор.

Во Монако бев ИПМ. Во Марсеј не ми се излегуваше, ме фати мрза. Во Сете нема што да се види, барем за мене :) а првиот ден во Барселона сменив ИПМ со Шоба за таа да може да излезе надвор. Вториот ден со Хулио излеговме до терминал да видиме дали се работи ко што треба и потоа се вратив назад за да се спакувам и за да го напуштам бродот. Видов дека Вељко мојата замена стигна на брод и дека ја доби кабината на дек 4 напред, онаа која што по правило би требало да биде за ИТ асистентот а во мојата стара кабина го ставија Нимеш.

Патот од брод до аеродром заслужува посебен пасус бидејќи возачот возеше како таксистот од францускиот филм Такси. На крај и бакшиш му дадов.

Од активности што се случија на бродот, ноќта после Шибеник имавме кру апрешиејшн динер на која служев сладолед па фотографирав. После тоа имаше и журка во кру бар на која Алвин пушташе музика. Кога бродот беше во Монако им правев фото сесија на девојките и дечкото од Спа одделот и беше баш забавно, барем мене ми беше, а и тие беа задоволни. Имаше и едно караоке пред да се симнам од бродот, не ми текнува кој ден.

И за крај за луѓето кои заминаа пред мене на одмор ова крстарење. Најзначајни беа Денис и Џудит. Денис ми беше шеф четири месеци и имавме баш добра соработка и на работа и после работа. Го натерав да си купи кондури од Геокс и ми кажа дека е многу среќен со нив :) На негово место дојде Хулио со кого повеќе ќе се дружам кога ќе се вратам на Марс во јули. Џудит беше на бродот уште пред да дојдам јас таму, првин како сениор шорекс а потоа и како асистент шорекс менаџер. Многу мрдната во позитивна смисла девојка. Пиевме пиво кога на еден од нас ни беше тешко, пиевме пиво и кога и двајцата бевме среќни.

Го спомнав Зоран, два месеци помлад од мене, после 5-6 договори реши да даде отказ, веќе не му се работеше во ресторан. Се договоривме во јули да дојде кај мене на гости и да идеме пред коперација да пиеме пиво. Трансфер доби Бобан, асистент ресторан менаџер што живее блиску до зоолошката градина во Скопје. Кога одев да јадам во гостинското бифе ме прашуваше, абе ти работиш ли нешто, добар живот живееш. Јас само му викав, брат, дојди у мој департмент слободно, моментално имаме недостаток на ИТ асистенти. На него веднаш му текнуваше колку пати ме викал на помош и после тоа само кажа, океј е брат, ќе служам храна. И за крај ќе ја спомнам Преш’с од Зимбабве, другарка на Катерина. Инаку ако се суди по надворешниот изглед Преш’с навистина беше Преш’с, најубава девојка на бродот. Е сеа што имаше некои бубачки во главата и што поради некои проблеми почна да пие повеќе отколку што треба, тоа е друга приказна. Како и да е, поради тоа што дошла пијана на работа и направија алко тест и по 2-3 дена ја пратија дома.


Толку сега за сега. Дневник број 16 ќе го пишам во август најверојатно. Овој дневник го пишувам во автобус на патот од Мексико Сити кон Веракруз.



Comments