Викингшки дневник бр.17 – Последни кругови околу Исланд

Во овој дневник ќе пишувам за двете последни крстарења околу Исланд и за прославите на независноста на Индија и Индонезија.

Ова крстарење започна со моето единствено шетање до Рејкјавик и назад оваа година. Од пристаништето до центарот на Рејкјавик тргнав со бус за да заштедам на време а и на нозе, сепак се работи за речиси четири километри растојание. Автобусот не остави пред Харпа културниот центар од каде што имав само една цел а тоа е посета на музејот посветен на исландската панк музика. Овој пат беше многу лесно да се најде бидејќи над скалите кои водат надоле кон музејот имаше голем блутут звучник на кој свиреше локална панк музика. На влезот седи стар панкер со избелена долга коса и наплаќа 2000 круни влез или околу 860 денари според конверторот за валути на Гугл. Музејот е толку мал што ако има повеќе од шест луѓе внатре веќе е гужва. Има една релативно голема просторија два на три метри со слушалки што висат од таванот и на секоја од тие свири различна музика. Другиот дел од музејот е мало ходниче кое води до три тоалети кои што се излепени со исечоци од весници со статии во кои се пишува за панк бендовите од Исланд. Јас очекував малку поголем музеј, меѓутоа тоа е панкот.

Потоа решив да прошетам по уличките низ центарот. Мислев да влезам во Хард Рок Кафе, ама веќе не се служи локал леџандари бургер а и веќе јадев пред да излезам од бродот. Времето беше убаво, сончево, и улиците изгледаа поубаво во споредба со претходната моја посета на Исланд пред 2 години. Мислев да влезам во Леми, ама си викам, Тончи, стар си веќе за сам да пиеш по барови среде пладне :) и ја оправив назад накај бродот пешки. Покрај брегот видов неколку интересни скулптури.

Тој ден до нас беше докиран бродот П&О Аркадија на кој главен готвач е Виктор Настевски од Скопје. Бидејќи веќе имавме планирани активности, јас до панк музејот, тој до сината лагуна, се видовме кога тој се врати од таму околу 8 навечер. За жал околу пристаништето нема ништо за седнување па седевме на терминалот и се муабетевме. Секогаш се радувам кога запознавам македонци кои се долго време во круз индустријата.

Следниот ден и двајцата бевме зафатени со многу работа и не ни излеговме надвор од брод. Мое следно излегување беше во Исафјордур затоа што немав претходно излезено. Бев до супермаркетот и назад, времето не беше баш пријателски расположено, беше ладно и росеше. Ако е ова лето, тогаш зимата во Македонија е тропски рај :) Утрото имавме и вежба за евакуација и за среќа капетан Ричард не не држеше долго на отворениот дел од бродот.

Оваа недела за прв пат излегов во Дјупивогур. Порано не излегував бидејќи се оди до таму со тендер бротче, ама бидејќи се ближиме до крај на сезоната решив да излезам и да видам што има тука. Нема многу, мало рибарско гратче, помало од Миладиновци мое. Она што пријатно ме изненади е што во еден од рестораните има Коста Кафе. И не беше страшно скапо, 800 круни или 350 денари по нашки што би му дошло во ист ценовен ранг со Старбакс а многу поквалитетно и пред се кафе.

Потоа цела недела не излегов од брод, овај речиси не излегов. Во Сејдисфјордур бев до терминалот да користам брз интернет, ама интернетот беше само малку побрз од оној на брод па само си купив приврзок за клучеви и се вратив назад.

Ама за следното мое одење во Дјупивордур има да напишам цел параграф. Отидов на екскурзија која што се вика Долина на водопадите со 4х4. Бевме мала група, само дванаесет луѓе, со мене тринаесет, така што на некој начин бев тринаесеттиот воин (филмот со Антонио Бандерас...) :)  За турава возилата беа Нисан Навара, Рам 1500 и Тојота Лендкрузер. Јас седев во третиот ред во нисанот на главниот шофер и воедно водич Боги. Хуморот на Боги беше сув и саркастичен, го обожавам. Прв коментар му беше за тоа што американците користат келвини за мерење на температура. Зошто тие користат број 39 за нешто што би требало да биде нула? :) Турата беше прекрасна. Застанавме кај неколку водопади и до остатоците од нешто што било фарма до пред осумдесет години. По ливадата овци пасеа трева, сакав да ги фотографирам ама ми бегаа па се вратив назад во џипот да го земам мојот голем објектив па нека бегаат колку сакаат.

Последниот ден од последното крстарење бевме на островот Хајме. Неколку пати наместо да застанеме околу островот поради лошо време моравме да продолжиме кон Рејкјавик, меѓутоа претходото крстарење застанавме тука и Хулио излезе надвор а овој пат јас излегов надвор. На гугл мапс видов дека има околу саат пешки од местото каде што не истовараше тендер бродчето до местото каде што обично престојуваат птиците пафини. Попат поминав покрај фудбалскиот стадион и помошните терени на кои момчиња и девојчиња тренираа фудбал. Потоа од другата страна имаше терен за голф кој беше полн со луѓе кои играа голф и на крај стигнав до делот од стровот каде што живеат многу птици, пафини, галеби, соколи и останати.

Одејќи по работ видов неколку пафини ама не бев задоволен со фотографиите. На крај стигнав до еден голем камен и решив да се враќам назад. Овој пат сонцето беше позади мене и имаше многу повеќе птици. Дури успеав да направам фотографии од пафин кој што седеше до работ и не бегаше од мене (за разлика од двата претходни пафини кои ги најдов и ми киднаа кога им се доближив). 160 фотографии од пафини подоцна тргнав назад накај пристаништето ама овој пат низ градот, да видам како живеат локалците. Попат застанав во Бонус маркетот да купам колачиња.

Пред крајот на секое крстарење има шоу за збогум во театарот на кое на и пред сцената се појавуваат по неколку вработени и менаџери од сите оддели. Ние го викаме „д манки шоу“ затоа што се кезиме на сцена како мајмуни :) Ние од ИТ успешно го избегнуваме ова шоу меѓутоа еднаш бев фатен и немав начин како да киднам и учествував и јас во ова. Со Џин-џин одевме пешки од бифето накај канцеларија и ме виде Улрике, главната менаџерка на бродот и немаше бегање. Реално, не болеше, малку беше досадно, можам да замислам како им е на оние кои секоја недела се дел од ова шоу.

Од убави активности за персоналот, како и секоја Сејдисфјордур вечер (недела навечер ко што викате вие што сте на копно цело време) бев во спа центарот.

И сега за двете главни вечери што се случија во последното крстарење околу Исланд.  Вечерта после Исафјордур се славеше годишнина од независноста на Индија. Во мензата за офицери имаше голема торта со знамето на Индија на неа, по ѕидовите имаше залепено индиски знамиња, на плафонот имаше закачено балони во истите бои. Главната причина зашто јас присуствував на овој настан беше тоа што Џули, шефицата на рецепција ме замоли ја да фотографирам нејзе и нејзиниот тим бидејќи неколку од нив носеа сари. Нимеш и Рошни беа на одмор во исто време кога и јас и на враќање назад на бродот донесоа сари за Џули, Ангки и Мелоди. По пеењето на индиската химна имаше журка на која не останав долго. Дел од времето поминав со Дино кој ми кажа дека е дојден специјално за да ги гледа колегите и колешки од Индија како танцуваат во Боливуд стил.

Вечерта после Дјупивогур се славеше 85тата годишнина од независноста на Индонезија. Е ова беше гооолем настан. Имаше индонезиска храна во мензата за вработени а во мензата за офицери имаше суши и индонезиска храна. Во мензата за вработени имаше мала церемонија на која Ририс од рецепција држеше говор по што се обратија и капетан Ричард и главната менаџерка Улрике. По вечерата имаше журка во кру-бар. Интересно, не ми беше нешто посебно ладно. За секој случај носев јакна, ама имаше многу луѓе, убава енергија, бенд кој свиреше во живо, забавни игри со разни награди за победниците и традиционален индонезиски танц. Ангки ми кажа дека цел месец два до три пати неделно вежбале во театарот од 11 навечер до 2 наутро.

Овие две недели многу луѓе заминаа на одмори или на трансфери на други бродови и на нивните места дојдоа други луѓе. Мојот цимер Алвин замина на одмор и на негово место дојде еден индиец со премногу долго име. Работел во пералната на бродот па сега тера прв договор како ентертејнмент техничар.  Оригинално се надевав дека Серхио ќе го стави во кабина со друг ентертејнмент техничар и јас ќе бидам сам во кабина, ама немам таква среќа. Од Македонија дојде Елена, младо девојче во Бар одделот. Испадна дека нејзините родители се само малку постари од мене. Правевме муабет што ќе биде за осми септември тука на бродот а јас и викам, што да биде само јас и ти сме македонци тука. Масерот Ненад се врати во Србија после пола договор затоа што нема американска виза. Го гледав како бара по интернет даски за падел бординг и се прашував зошто бара вакви работи, па ми текна дека кај нас уште е лето. Мелоди замина трансфер на друг брод. Многу ми е лута што не и донесов маичка од Македонија. Ѝ реков дека у најлош случај ќе и дојдам во Јужна Африка и таму ќе и донесам маичка.

Следното крстарење е две недели од Рејкјавик до Њу Јорк. Две недели е веќе нормална должина на крстарење за Викинг брод, една недела е кратко.

 

Comments