Викингшки дневник бр.20 – Догледање Канада
Десетина дена
пред да стигнеме во Њу Јорк купив карти
за да го видам музејот Интерпид и тоа во 11 часот наутро (картите се продаваат
во термини на секои 30 минути). Меѓутоа беше евидентно дека во Њу Јорк ќе
стигнеме околу пладне, плус додека да се поврзе бродот на пристаништето, додека
локалните власти да одобрат излез од бродот, ќе треба да почекам малку. Како и
да е, уште додека бевме во реката Хадсон скоро сите и гости и персонал излегоа
на отворените делови од бродот да ги видат зградите на Менхетен и Статуата на слободата.
Јас нормално излегов со мојот апарат и со двата објективи и направив 191
фотографија. Мислам дека ја фатив Статуата на слободата од секој агол. Имаше
интересни фотки и од персоналот кои подоцна им ги пратив по Воцап.
Кога веќе
стигнавме излегов веднаш штом можев и на влезот на Интерпид кажав на
вработените на каса дека купив онлајн карти за во 11 часот, меѓутоа не можев да
стигнам и тие само ми ги апдејтираа картите за 13 часот. Прво нешто што видов
беше дополнителната тура на суперсоничниот патнички авион Конкорд. Бевме мала
група само шест луѓе и водичот кој ги работи турите на Конкорд имаше време на
сите да ни посвети внимание, да ни покаже интересни фотографии, да ни каже
интересни факти за авионот и да одговори прашање – две. Како дете ги гледав
Конкорд авионите на телевизор, читав за нив по списанија и енциклопедии. Пред
тринаесет години кога бев во Њу Јорк со Дизни Меџик по сплет на околности
никогаш не го посетив Интерпид, и сега конечно влегов во авионот.
Овој авион летал од Лондон до Њу Јорк за четири часа. Бидејќи разликата во временски зони е пет часа, луѓето стигале во Њу Јорк порано отколку што полетале од Лондон. Бизнисмените можеле да полетаат од Лондон за Њу Јорк, таму да потпишат важни договори и да се вратат назад во Лондон пред да завршат вестите доцна во вечерта. Повратниот билет чинел во денешни пари околу 20.000 долари. На почетокот на 21век веќе не бил исплатлив да се користи бидејќи авионите веќе биле стари и амортизирани.
Од тука се
префрлив на Интерпид, носач на авиони кој бил користен во втората светска војна
а сега е музеј на кој се изложени, погодувате, стари авиони и хеликоптери. Дури
има и реплика
на вселенската капсула Аурора 7. Внатре во бродот може да се видат авиони кои
биле во активна служба на Интерпид додека бил во активна употреба а на отворениот
дек има изложено голем број на авиони вклучувајќи и МИГ-21, Мираж и голем број
на авиони кои ги користела американската воена авијација. На Интерпид има и
посебен дел за Спејс Шатл, ама тоа беше со доплата како и Конкорд искуството и
плус време... човек може да помине цел ден во овој музеј ако посвети внимание
на секој еден експонат. На заминување се поминува низ продавницата каде што има
разни сувенири. Имаше преубав Топ Ган блузон, ама само XXL величината беше останата, па си купив
маичка за вежбање со долги ракави со логото на музејот и чаша за една драга
личност во Македонија која верувам ќе се израдува.
Вечерта пак
излегов во Њу Јорк. Пијанистката Татјана ми кажа дека сака да го види Њу Јорк
ноќе, ама и е страв сама да шета, па ако сакам да и правам друштво. Нормално
дека прифатив. Е сега на поаѓање ми каснаше. Бевме договорени за во 9 таа се
појави нешто пред 10 на терминалот. Среќа со Луиза од Спа центарот си правев
муабет додека да дојде Татјана. Ми кажа дека имала драма со цимерката па затоа
ми касни. Јас бев лут, ама ајде, кој касни, касни – порасни... Прва станица ни
беше мини маркет каде што купив Монстер за Шеј. Тој не може да излезе од бродот
бидејќи е нов на компанијата. Потоа продолживме до Тајмс Сквер. Од толку многу
екрани, јасно се гледа исто ко и преку ден. Башка гужва, повеќе гужва има
навечер отколку преку ден. Од тука отидовме до централната железничка станица
која што ја имам видено во многу филмови, сега ја видов и во живо. Потоа преку
петтата авенија до педесеттата улица и назад кон брод.
Стигнавме назад
на брод околу 1 часот наутро. Ова испадна како цртаниот филм „По патот со
облаците“. По пат видов многу нешта, и убави и грди. Видов Ролс Ројс кабриолет,
неколку егзотични супер автомобили. Продавница за Стејнвеј пијана. Огромни
продавници на адидас и најк (среќа беа веќе затворени).
Наредниот ден
имавме смена на гости и паузата ја искористив да дремнам малку за да вечерта
повторно излезам. Овој пат до кино. Ми се исполни желбата да одам повторно во
американско кино (претходно бев во кино во Порт Канаверал 2012та). Двата големи
синџири на кино сали Регал и АМЦ имаат големи кина едно спроти друго и читајќи
рецензии на гугл мапс решив да одам во Регал. Го гледав Demon Slayer –
Infinity Castle. Круз директорката
која што дојде на местото на Арон, Патриша ми кажа дека филмот е одличен и дека
треба да се гледа во кино за целосно да се доживее замокот. Картата чинеше 23
долари мислам и уште 22 долари за пуканки и мала (по американски стандарди)
чаша пепси. На дечкото што ми го даде сокот му реков ова во европски кина е
екстра голема чаша :) Како и да е, филмот е одличен.
Во Бостон не
излегов бидејќи сум во втор договор на Викинг. Иронијата е што во Масачусетс на
власт се демократите кои прибираат и ќоро и сакато од цел свет пред се
нелегални имигранти, а за префинети дами и господа од бродовите поставуваат
високи услови.
Во Халифакс мојот
омилен бев само до супермаркет и назад. Попат друштво ми правеше филипинец од бродот
Норвиџн Аква. Од работите што ги купив ќе го издвојам семејното пакување суши.
Кутија со 25 тркалца внатре и етикета на која пишува за три лица. Ја гледав
етикетата и си викав во себе, е да бе, јас лабаво јадам 16 парчиња во
Мореманија, сега ќе му се мислам за 25 тука во Канада. Ги изедов сите за ручек
и залив со лименка Оранџина. И после ми беше тешко цел ден... Ама тоа е, памет
за друг пат.
Во Гаспе бев ИПМ а во Сагани Хулио излезе да земе држач за телевизор кој го имаше порачано онлајн по барање на генералниот менаџер Фанг. И така мое следно излегување од бродот беше во Квебек. Овој пат бевме докирани малку подалеку од туристичкиот дел од градот меѓутоа имаше еден дечко од Индонезија со кого пешачевме заедно до хотелот замок на врв на ридот. Потоа фатив заобиколно со цел да направам некоја интересна фотографија за фото натпреварот на брод.
На спуштање
влегов пак во туристичкиот дел од Квебек и прва продавница во која влегов беше
продавница за спортски дресови, капи и останати сувенири. Внатре дресови од
сите спортови популарни во Америка и Канада од сегашни и поранешни спортисти. Музика
од доцни 80ти и рани 90ти, Пола Абдул, Њу Кидс Он Д Блок... Сакав да купам дрес
од Винс Картер ама немаше мој број. Мој број имаше од братучед му Трејси
МекГрејди, ама од него веќе имам патики и на крај купив дрес од Ти Џеј Вот од
Питсбург Стилерс. По пат назад го сретнав Џејсон, асистент круз директорот кој
беше тргнал да купува пуканки за него и за неколку луѓе и сандали за некој
негов другар кој е ИПМ. Откако тој купи се што му требаше и нешто стави кај мене
во ранец, нешто кај него во торба, тргнавме кон бродот и ни заврна дожд, и на
едно место гугл мапс не прати во погрешна улица, меѓутоа се е весело по патот
со облаците.
Во Монтреал
повторно бевме три дена, ама јас излегов само првиот ден. Вториот ден бев ИПМ
така што само работев на терминалот а третиот ден ме мрзеше да излегувам. Како
и да е, првиот ден излегувањето беше еднаш ама вреднаш. Прво нешто што направив,
седнав во ресторанче за палачинки каде што порачав капучино и палачинка со
јаболки и прелив од карамел. Филџанот со кафе беше гооолем и кафето беше
вкусно, палачинката уште поголема. Малку ми стана досадно додека ја чекав
палачинката, ама кога стигна вредеше за сите пари. Од тука сит тргнав да купам
костим за Халоуин, бидејќи тоа е голем празник на бродот. Каков костим купив ќе
читате во следниот дневник. Потоа барав паметна вага и масажер. Влегов во Бест
Бај, влегов во една огромна спортска продавница на 3 ката и на крај вага најдов
во Декатлон. Најдов и масажер, ама ми беше сомнителен па купив само вага.
Следниот Квебек
Хулио излезе да шета, така што јас останав на брод, ама па затоа во Сагани
отидов на картинг организиран од Силвија менаџерката за човечки ресурси. Дваесет
луѓе плативме по 20 долари во кеш а остатокот од цената го покри фондот за активности
за персонал. Десет луѓе беа од каускипинг а другите бевме јас, пејачите од
театарот, Џејсон, хотел админот Нарси, Аријана и двајца момци од енџин рум.
Местото беше забавен комплекс со патека за картинг, ласер-таг арена, флипери...
И пред него имаше паркиран Доџ Чаленџер каков што би возел Доминик Торето од
Брзи и Бесни.
Откако се опремивме со кациги и ни беа објаснети правилата, првин возевме 3 круга квалификации на кои прв беше Алекс од театарот, втора беше Аријана, а јас бев четврти. Во првата трка во првиот круг на една остра кривина се извртев 180 степени по што морав да чекам сите да ме поминат па да исправам. Следните 2-3 круга претекнав неколку луѓе па пак се извртев... На крај завршив на 12то место. Втората трка имав ветувачки почеток и успеав да се пробијам неколку места напред ама некаде на средина на трката имаше група од 5-6 картинзи и некој ме истурка надвор од патеката. Додека да дојде еден од вработените и да ме врати назад на патеката изгубив драгоцено време и на крај завршив на 10то место од 15 луѓе кои ја завршија втората трка. Се на се одлично искуство иако беше малку повеќе гужва.
Во Шарлот Таун на
островот Принц Едвард бев ИПМ и мое следно излегување беше во Сент Џон, Њу
Брунзвик. Бијдеќи последен пат бев тука пред 13 години поим немав што да
правам, па решив да одам до супермаркетот Giant Tiger. На мое пријатно изненадување имаше мошне ефтин
текстил. Си купив долен дел пижами за само 11 канадски долари. Имаше многу
маички од рок и метал бендови од 80тите. Купив електролити и тргнав назад.
Одејќи накај супермаркетот поминав низ две паркчиња едно до друго, во едното
имаше гробишта а во другото ја имаше најинтересната скулптура која ја имам
видено последниве неколку години. Скулптура на дабари, преслатки животни за
гледање.
Она што ме зачуди е тоа што Сент Џон е мал град, околу 50 илјади жители и има неколку мали трговски центри во кои пола од дуќаните не работат. Ама затоа на пристаништето има комплекс од контејнери во кои има од се по малку, сувенири, кафе, храна, облека... бидејќи ова беше последно пристаниште во Канада решив да го заршам со јадење на традиционално канадско јадење, путин.
Во Портланд, Мејн
оригинално требаше да се видам со Витни, ама таа беше замината некаде па
излегов сам да прошетам со мојот фото апарат со надеж дека ќе направам некоја
опасно добра есенска фотографија. Лево од пристаништето немаше ништо посебно,
плус дека недела многу места беа затворени. Земав само кафе од Старбакс. Десно
од пристаништето имаше три други бродови, Силвер Шедоу, Либерти оф д Сиис и Виктори 2. Виктори 2 е бродот на кој
Денис, мојот претходен менаџер го имал својот најлош договор во својата долго
годишна кариера. Пред пристаништето каде што беа бродовите на Ројал и Силвер
имаше туристички воз. Да знаев, немаше да одам лево, ќе одев десно и ќе
направев едно крукче на возот кое трае 40 минути, вака немав веќе време бидејќи
и Хулио сакаше да излезе надвор. Понатаму имаше фин парк кој благодарение на
убавото време беше исполнет со луѓе.
Последниот порт
од ова крстарење беше откажан поради лошо време, па така свртевме кон Форт
Лотердејл. Веќе наредниот ден времето се
оправи и беше пријатно да се седи во кру бар. Марија од Белорусија направи 2-3
фотографии од мене. Една ставив на стори и добив многу лајкови :)
Од останати
активности за персоналот би издвоил гиро вечера ноќта после Квебек каде што
вработените од рецепција и шорекс спремаа гиро за останатите вработени на
бродот. Далеку од оригинално гиро, ама вкусно.
Ноќта после
Шарлот Таун имавме вечера за канцелариските хрчки, главно јадење лобстер ролс и
за музика караоке. Караоке машината е расипана и мора на секои 2-3 песни да се
ресетира од штекер, ама убаво си поминавме.
Од двете спа ноќи
на првата не отидов, а на втората беше толку многу гужва што се туширав кога се
вратив назад во кабина.
Од првото од овие
две крстарења, она од Њу Јорк до Монтреал имаше две магични семејства. Додуша
првин беше поединец, Стив Роудс. На Фејсбук ми излегуваше во луѓе кои можеби ги
познаваш и дваесетина заеднички пријатели. Работел долги години во софтверска
фирма која соработувала со Епл а сега е травел агент и често крстари на Викинг.
Дојде на брод со најновиот ајФон макс и правеше убави фотографии од пејачите во
театарот и од останатите вработени на бродот. Многу фин човек, сите вработени
на бродот го сакаат.
Втори се Богл од
Оклахома. Тие беа и претходно на Марс на почетокот на годината за време на
оскарите. Дејв имаше проблеми со неговиот лаптоп и првиот ден вртев-сучев и
немав нешто напредок и му кажав дека следниот ден ќе дојдам со шефот кој што е
Епл ентузијаст па ваљда ќе оправиме ситуација. Додека Хулио чепкаше по неговиот
лаптоп на гугл мапс му покажав каде се наоѓа Миладиновци, му викам мало село е
ова, околу 1000 жители, а тој ми вика, моето гратче има само 900, и сите ми се
блиски или далечни роднини. Некој негов пра пра пра дедо започнал фарма таму и
имал 12 деца, тие имале по 12 деца, и така натаму... и вика од гратчево до оваа
река целиот тој простор е мој имот, одгледувам говеда. Јас само кажав браво. Кога
и раскажав за ова на Аријана таа само кажа, машала, Кралот Лав: Симба, се што
гледаш пред тебе еден ден ќе биде твое :)
За крај настани
во театарот. Ги гледав шоута на Џејсон и на Патриша. Џејсон пееше некои песни
од 80ти плус некои класици, само една-две песни препознав од порано. Патриша од
друга страна е ѕверка, пее растура, свири клавир, виолина, гитара... Изборот на
песни и беше во главно класичен рок ен рол од хипи ерата, одличен период и музички
стил.
Гостин забавувач
беше Марк Девињ, дечко од Канада кој што стигнал до големото финале на Војс
Канада. Првото шоу му беше соло шоу и не можам да се сетам на темата а второто
шоу беше со бендот од бродот и темата беше One Hit Wonders. Полна сала и на двете шоуа.
И најбитниот настан во театарот беше Бинго за персоналот. После дебаклот со малата Аријана повторно имавме бинго. За да оди побрзо бингото имаше помалку лотарија награди, неколку звучници, неколку слушалки, два самсунг телефони, еден ајфон и главната награда Плеј Стејшн 5, кое за жал не ми се падна. Мислам традиционално на Бинго не добивам ништо. Ама за среќа шоуто беше одлично. Џовен, менаџерот на пералната беше облечен како жена и имаше две точки заедно со колегите и колешките од хаус кипинг. На некои од вработените на бродот не им се допадна. Мене ми беше Одличен! Наредниот ден со Шеј правев муабет и му реков не е работата само да се облечеш ко жена, финтата е да имаш добар настап а Џовен беше Одличен.
Следното крстарење
е 10 дена од Форт Лотердејл до Панама Сити. На ова крстарење ќе бидам One
Man Show бидејќи Хулио заминува на
одмор а неговата замена Стефан ќе дојде дури наредното крстарење. Како ќе
преживеам ќе читате во следниот дневник.
Comments
Post a Comment