Викингшки дневник Бр.22 – Семафор забава
Конечно имавме стандардно крстарење, две недели по карибите, од Флорида до Панама и назад. Имаше неколку интересни моменти, па да почнам со ред.
Прво пристаниште
беше Очо Риос на Јамајка. Монтиго Беј беше поприлично погоден од ураганот
Мелиса, меѓутоа по некоја случајност Очо Риос беше поштеден. Тој ден имавме и
вежба за евакуација па немавме многу време за излегување надвор. На Јамајка во
спасувачка мисиија беше другарка ми Емилија со која сум другар уште од
детството. За жал не успеавме да се искоординираме и да се видиме во живо на
другиот крај на светот. Дечко од Миладиновци и девојка од Мршевци на пауза од
работа на Јамајка. Премногу добро да би било вистинито.
Од Јамајка заминавме за Панама каде што поминуваме низ дел од панамскиот канал. Овој пат поради густ сообраќај многу кратко се задржавме во езерото Гатун и тргнавме кон Колон каде што пристигнавме во раните вечерни саати. За разлика од минатата сезона, овој пат продавниците во трговскиот центар на пристаништето затвораат во 7 саат. За среќа супер маркетот е отворен до 9 навечер па си купив електролити, чоколадо и гумички во разни бои за клучеви. Веќе нема да морам да се мислам кој клуч беше за сервер соба а кој беше за магацин.
По пазарлукот тргнав
кон трговскиот центар за да си купам милк шејк и да симнам некој подкаст на
брзиот интернет. Пред да си одам накај бродот дојде Су, офицерот за јавно
здравје на бродот па продолжив да седам и да се муабетам со неа. Кога сме на
брод правиме муабет за работа, ама сега правевме муабет пак за бродската
индустрија, ама за убавите аспекти. Местата што сме ги виделе, искуствата што
сме ги доживеале, интересните луѓе со кои сме шетале по убавите места каде што
бродовите застануваат.
Наредниот ден бев
ИПМ па не можев да си купам црвена маичка за семафор забавата. Семафор забава е
забава на која дрес кодот е бои како на семафор со следното значење: црвена –
зафатен/а сум, зелена – слободен/на сум и жолта – неодлучен/на сум, можеби
сакам да запознавам нови лица, можеби не...
Стигнав околу 11
часот и го носев својот фото апарат со себе, ама уште немаше атмосфера.
Танцуваа само луѓето од театарот. Од канцелариските глуфци само Френки беше
таму и после една лименка спрајт тргнав назад кон кабина. За среќа попат ги
видов Наталија и ЏинЏин. Наталија ме фати за гуша па се качив нагоре каде што
кратко потоа веќе почна веселото. Тројца од готвачите на кои им се допаднаа
моите фотки од Халоуин ме замолија да ги фотографирам, и тргна и моето
фотографирање :) На крај испадна одлична журка и накај 2 си тргнав назад кон
кабината.
Во Коста Рика ме фати стр’в за пита со јаболка од МекДоналдс. Ми се спиеше бидејќи касно легнав ноќта, ама желбата за пита со јаболка беше посилна. Во МекДоналдс овој пат покрај пита со јаболка имаа и пита со чизкејк која што ја пробав од љубопитност. Сепак питата со јаболка останува моја омилена, и тука беше вистинска, не како онаа во Канада каде што тестото ми беше некако сомнително. Од МекДоналдс на одење назад во една слаткарница ги видов Лив, Софи и Шеј. Девојките јадеа палачинки и кажаа дека се навистина вкусни. Беа при крај па не порачав за мене. Тие продолжија да шетаат а јас се вратив назад на брод. Пред терминалот ме виде газдарицата на кафетеријата каде што обично пијам кафе и мафташе по мене. Мафнав назад и си реков дека следниот пат не смеам да ја прескокнам.
Наредниот ден
беше ден на море, и поминувајќи покрај спа рецепцијата ги видов Ен и Џејсон и
тие ме поканија да одам со нив наредниот ден во Роатан. Ми кажаа дека имаат
планирано некоја активност, дека ќе чини 75 долари од човек... Јас мислев дека
ќе биде плажирање па го земав мојот голем апарат. После кратко возење со комбе
стигнавме до еден ресорт каде што се качивме на катамаран. Еден од момците што работеше на катамаранот
кажа дека за некои 40-50 минути ќе стигнеме на местото каде што ќе нуркаме, во
меѓувреме слободно да се послужиме со пиво од фрижидерот или да порачаме
коктели кај неговиот колега кој ни е целосно на располагање.
Покрај мене, Ен и Џејсон, со нас дојодоа и целата екипа од театарот, Лив, Софи, Шеј и Алекс, Емилија од спа центарот, ќерката на чиф инжињерот Питер и нејзината најдобра другарка. Оригинално не сакав да нуркам, ама видов дека е плитко нуркање и дека има и елеци за спасување па решив да пробам и јас. Дечкото што ни даваше опрема за нуркање ми кажа дека е подобро да го врзам елекот околу мојата половина дека полесно ќе ми биде да гледам во морето. А во морето имаше некои навистина прекрасни риби. Најубави ми беа неколку црни риби со флуоресцентно сини точки и линии. Му реков на Џејсон што не кажа да земам ГоПро...
На враќање назад
застанавме на уште едно место каде што другите нуркаа а јас седев на бродот
бидејќи се изморив од претходното нуркање. На крај седнавме во барот во
ресортот да каснеме нешто набрзинка и се вративме назад на брод, пет минути
пред да се затвори и отплови.
Во Белизе
традиционално не излегов надвор, плус забележав дека имам две изгореници од
сонцето каде што случајно не сум нанел крем за сончање...
Последен порт беше
Козумел каде што пак бев ИПМ и ме мрзеше да барам луѓе кои би прифатиле да се
сменат, макар на пола ден... Интересното е што тој ден во Козумел имаше Ајрон
Мен натпревар (пливање, возење велосипед и трчање). На пристаништето имаше бенд
што свиреше батукада во живо. Музиката беше доволно гласна и се слушаше и на
бродот па на пауза за кафе останавме малку подолго со Стефан да слушаме. Тој и
пушти видео на жена му, јас пуштив видео на Клаудија и таа ми кажа дека таа
музика се вика батукада. Жена му на Стефан искоментира дека мексиканците се
крадат од бразилците. Википедија вика дека батукадата е под-жанр од самбата.
Од останати
активности на бродот, имаше прогласување на победник на фото натпреварот, и тоа
беше Џон Мартин со обична фотка од зајдисонце. Второ место беше Татјана со
фотографија од верверичка. Кога видов со каква фотографија победил на
натпреварот го прашав како го наместил натпреварот а тој навреден ми кажа дека
не е убаво така да зборам и дека ќе ме пријави кај ејџ-ар. Наредниот ден ејџ-ар
ме викна кај нејзе во канцеларија да ме праша зошто така сум му зборел, дека
ако не сум бил задоволен од резултатите требало да зборам со нејзе, дека имало
жири од голем број луѓе и тие гласале за неговата фотографија, дека не сум
требало така да му зборам, сум му го уништил моментот, не можел да ужива во
победата, јади-јади-јаа... Стефан само кажа, снегулки, снегулки и плачковци
насекаде во корпоративната средина. На крај јас донесов одлука за следните фото
натпревари свесно да ги прекршувам правилата и да праќам фотографии кои не се
на темата и тоа да бидат фотографии кои Викинг маркетинг тимот нема да може да
ги користи за свои потреби во иднина.
Од весели работи,
почнавме со припремите за сикрет Санта.
Од работа,
завршивме со надградбата на Виндоус 11 и на ем-екс-пи, па последните неколку
денови можевме на раат и кафе паузи да правиме без луѓе упорно да ѕвонат и кај
мене и кај Стефан за разни работи.
Следните две
недели имаме исто крстарење како и ова, 14 дена од Флорида до Панама и назад.





Comments
Post a Comment