Викингшки дневник бр. 26 – Ги сакам источните карипски острови

Само што заврши моето прво крстарење на Викинг Сии од Сан Хуан Порторико до Барбадос и назад попат застанувајќи кај скоро сите карипски светци.

На Сии стигнав на првиот од трите дена на бродот во Сан Хуан ама бидејќи немав I-95 потврда не можев да излезам надвор од бродот. Иста ситуација и во првиот порт, Сент Томас на американските девствени острови.

Првото излегување ми беше на Сент Китс, остров кој што Кристофер Колумбо го крстил по самиот себе си. На гугл мапс видов сладоледџилница и решив да одам да си земам сладолед од таму. Попат поминав покрај парк со стари дрва. Сладоледџилницата за жал беше затворена кога стигнав таму па си земав обичен сладолед од мини маркет и Фанта од зелено јаболко. На враќање од Хард Рок Шоп си земав две плишани мечиња, маичка и чорапи за сувенир.

Следно пристаниште беше во Сент Луција. Тука живеат Џермејн и Франческа кои работеа во продавницата за дијаманти на Викинг Марс. Излегов во договрено време ама тие доцнеа некои 20тина минути. Додека ги чекав се криев во сенка ама и во сенка пак се испеков ко во рерна. Како и да е, дојдоа и отидовме во локален бар кој што е блиску до пристаништето. Си раскажувавме за се она што се случило во меѓувреме. Частеа Питон, локално пиво, мошне добро. Потоа ме вратија назад на брод со нацрт план што ќе правиме следниот пат кога ќе стигнам во Сент Луција.

Во Бриџтаун, Барбадос бев уморен и паузата ја искористив за спиење а во Доминика бевме докирани далеку од градот. Офицерите на бриџ ми рекоа дека за три недели ќе се докираме во центарот на градот па паузата ја искористив за спиење. Следното излегување ми беше на Сент Мартин каде што ѕирнав набрзинка што има во Булшанд, со еден збор, ништо. Ама затоа пак супермаркетот беше на ниво како и секогаш. Потрошив 80 долари на чоколади чипсови и останато, да си имам за до крајот на договорот.

На Антигва мислев да не излегувам воопшто, ама видов дека имаат интересна продавница за патики на пристаништето и излегов. За жал пред 3 години продавницата беше дупло поголема и имаше поинтересни работи. И сега имаше интересни патики ама не ми се трошеа пари. И кога веќе излегов од бродот решив да прошетам до црквата на врвот на ридот. Направив една фотографија, видов дека за влез се плаќа карта па се спуштив назад кон бродот.

На Сент Крои излегов да видам што има. Ништо посебно, горе-доле слично на Антигва. Продавници за сувенири покрај пристанишето, црква на врвот на ридот... На враќање назад видов сладоледџилница кај што правеа вафли па земав вафла со сладолед, и беа мошне вкусни.

Бродот Викинг Сии е втор во океанската флота на Викинг и годинава ќе направи 10 години работа. Во ноември минатата година бил на драј док во Џенова каде што многу работи биле обновени, ама се гледа дека е стар брод. Плус има тук-там недовршени работи останати од драј докот.

Ова крстарење беше последно од договорот за мојот менаџер Давид од Перу. Моментално еден од ај-ти менаџерите што е најдолго во флотата. Изминатите години бил на отворање на нови бродови и на драј докови. Инаку не е воопшто типичен перуанец од надвор, висок е, има јапонска нишка во неговото потекло, личи на Кларк Кент. Добар другар е со рецепционерката Астрид од Пуебла, Мексико. И Астрид не личи на прв поглед на типична мексиканка, бидејќи има бледа кожа, мислев дека е од Јужна Африка.

Е сега од Јужна Африка е Меган, сениор рецепционерка на бродот. Има работено во неколку круз компании и има работено во агенција што регрутирала луѓе од Африка за на МСЦ. Е сега битна разлика меѓу мене и нејзе е што таа има син повисок од нејзе. Нејзина мафија се координаторкта за учење и развој Грејс од Филипини и рецепционерот Алехандро од Филипини.  Грејс исто како и Меган има работено на неколку различни компании. Алехандро во следниот договор ќе биде координатор за учење и развој.

Има уште неколку интересни луѓе на бродов ама за нив можеби во некое следно издание.

За разлика од Марс, тука како што пишав погоре има координаторка за учење и развој. Меѓутоа таа покрај обуки, е одговорна и за забавните активности на бродот. Вечерта после Барбадос има лотарија за сите вработени од бродот. Вкупно 130 награди беа поделени. Некои беа онака безвеза а некои беа баш добри како Дел лаптоп, два ајфони, два ајпади. Јас добив приврзоци за багаж. Прв пат да освојам нешто откако сум на брод. Мафијата и помагавме на Грејс во организирање на лотаријата и видов колку многу работа е, и сфатив зошто на Марс никогаш немавме ваков настан. Вработени од бродот на крај се многу среќни, ама количеството труд кое се вложува е големо.

Вечерта после Сент Мартин во мензата за офицери имаше пиво и крилца. Ја натерав Меган да ми прави друштво и таму ги видовме Грејс и Алехандро. Меган ми кажа дека ова е уствари филипинска ноќ затоа што имаше и караоке. Со Меган ја пеевме Can’t Fight the Moonlight од LeAnn Rimes и добивме 100 поени од караоке машината. Ваљда имавме испиено доволно пиво за да звучиме одлично.

Наредната вечер имаше Спа ноќ за вработените. Со Грејс и Алехандро се договоривме за да се најдеме во 10 часот. Можеби не беше најактивно рекламиран настанот, кога стигнав во сауната имаше само еден кадет од енџин департмент. Во џакузито беше само рецепционерката Нико. После џакузи се префрливме во парната соба и дојдоа овие двајцата. И се возхитувавме на телото на Нико, изгледаше го глумица од Боливуд. На одење накај кабините Алехандро ги коментираше момците во теретаната. Грејс се шегуваше со него дека тој не е нивен тип.

Следното крстарење ќе има голема ротација на вработени и ќе одиме на истите места, ама во обратен редослед.

Comments