Викингшки дневник бр. 27 – Дојде Махараџата

Во врска со второто мое крстарење на Сии битна промена е промена на менаџерот. Давид конечно замина на одмор а на негово место дојде Викаш Махараџ од Јужна Африка. Имаше и една неочекувана средба на драга личност од минатото, па да почнам со ред.

Првиот ден од крстарењето бевме во Сан Хуан и тој ден имаше голема прослава по повод Свети Себастијан. Имаше многу сцени на кои свиреа музичари, многу луѓе доаѓаа во стариот дел од Сан Хуан. Јас направив прошетка во широк круг пред да се вратам назад на бродот.

Следниот ден повторно бевме во Сан Хуан и конечно дојде Викаш Махараџ да го замени Давид. Исто како и Стефан и Викаш имаше проблеми со откажани летови од страна на Туркиш. За него ова е втор договор како системс менаџер. Претходно работел како видео техничар, па бродкаст менаџер, па асистент системс менаџер. Изгледа како кул човек.

Прво пристаниште беше Сент Крои од американските девствени острови. Никогаш претходно не сум бил на ова место и излегов од љубопитност да видам што има. Веднаш до пристаништето има голема убава плажа на левата страна а на десната страна има продавници, барови и ресторани за туристи. Веднаш позади тоа се наоѓа сиромаштија, голема сиромаштија. Видов морска желка како плива во водата, тоа ми предизвика радост.

Уште поголема радост ми предизвика нешто сосема неочекувано. До нас беше докиран бродот Џул оф д Сиис и на враќање назад накај бродот видов црнкиња како оди полека накај бродовите. Кога се приближив видов дека има зелена ИПМ картичке од Ројал Карибиан. Си викам кул, девојкава работи на бродот. Забрзав чекор за да видам како изгледа од напред... И шок... Џубилант од Јужна Африка, мојата омилена Мама Африка. Кога ме виде традиционално ми скокна во прегратка. Ми кажа дека пред 4 дена и направиле трансфер на Џул. Јас и реков дека пред 14 дена и мене ме префрлија на Сии. Одевме полека накај бродовите и си раскажавме набрзинка за се она што се има случено изминатите три години од нашата последна средба на пристаништето во Саутемптон.

Во Сент Мартин излегов до градот за да видам дали ќе најдам нешто интересно во Булшанд бидејќи во продавницата на пристаништето не држат фото опрема. Попат влегов во две други продавници за електронска опрема. Во едната ми кажаа дека за жал немаат ништо за мојот апарат додека во другата еден од момците што работеше таму пробуваше да ми продаде нешто што не ми треба. Му реков, не фала, но тој не престануваше. Му се развикав велејќи дека не ме слуша што му зборувам и си излегов.

Во Булшанд имаше гужва во делот кај фото опремата па прошетав низ цела продавница да видам што имаат и потоа си купив нов објектив, Sigma 30mm F1.4 Art DC HSM. Продавачката ми кажа дека ја затвориле продавницата на Сент Томас и затоа го даваат тој објектив на попуст за само 300 долари. На сите други места е 400+. Среќен со пазарлукот тргнав назад ама овој пат преку предната улица што поминува покрај плажата каде што најдов интересна пекара во која служат и кафе. Најаден и напиен тргнав назад накај брод попат застанувајќи во супермаркетот на пристаништето за да земам електролити и чоколадо.

Во Антигва не излегов бидејќи веќе бев тука минатиот пат ама изглегов следниот ден во Доминика. Оригинално планирав да излезам сам меѓутоа Меган ме замоли да ја изнесам Енџин со мене. Енџин е офицер за јавно здравје на бродот и доаѓа од Јамајка. Дојде на ист ден со Викаш. Утрото дозна дека нејзин пријател имал сообраќајна незгода и беше многу потресена. Излегов со неа за да и се избристрат мислите. Инаку на Доминика нема ништо посебно, само сиромаштија. Единствено шеталиштето од пристаништето каде што бевме докирани до центарот на градот беше убаво уредено.

На Барбадос времето се погоди многу променливо, 10 минути сонце, 10 минути дожд. По сплет на околности дома порано замина Грејс. Излеговме да ја испратиме и луѓето од обезбедувањето на бродот ни кажаа дека никогаш претходно не виделе волку многу луѓе на испраќање на една личност. Грејс е многу светла личност, меѓутоа колку што таа беше светла толку темен беше нејзиниот договор. Ѝ посакувам се најдобро во животот. Можеби ќе ја видам некогаш пак, можеби не, но остануваме во контакт.

На Сент Луција имавме вежба за евакуација и веднаш после вежбата излегов надвор за да се видам со Џермејн и Франческа. Претходно Франческа ми кажа да се спремам за на плажа. Бидејќи немавме многу време се упативме на север кон островот на гулабите. Овој остров бил тврдина за време на војната помеѓу французите и англичаните за тоа кој да го контролира островот. Кога почнале градежните работи во туризмот вишокот земја бил пренесен кон островот и сега тој е полуостров.

Првин сите тројца се качивме на тврдината а потоа јас и Џермејн се качивме и на врвот на ридот додека Франческа не чекаше на пола пат во сенка. Кога се симнавме седнавме во бар на пивце-две пред да ме вратат назад на брод. Ми се извинија што ми ја заборавија капата дома и ветија дека на моето следно доаѓање таму ќе ми ја дадат.

Додека бев со Џермејн и Франческа се допишував со Меки и Аби. Требаше да се видам и со нив, меѓутоа тие беа на црква и одложивме видување за следниот пат. Останува само да немам вежба за евакуација за да имам доволно време да се видам со сите. Што ќе испадне на крај, ќе читате во следниот дневник.

Кога бродот беше на Антигва бев до медицинскиот центар на бродот бидејќи почна многу да ме боли заб. Ми кажаа дека ќе се обидат што можат да направат да ми закажат посета на забар во некој од портовите. Кога стигнавме на Сент Китс во 10:30 ми се јавија да ми кажат итно да дојдам до медицинскиот центар за да ми дадат упат за на забар. Ми дадоа упат и ми рекоа веднаш да одам надвор, во униформа бидејќи успеале во последен момент да договорат термин. Излегов надвор и чекав 15 минути да дојде возач. По 7-8 минути ме остави во стоматолошка мини клиника и замина.

Клиниката беше мошне фина. Сите вработени беа фини. Забниот техничар Лео ми направи рентген и ми кажа дека доктор Ригал ќе дојде наскоро. Го прашав Ригал како Чивас Ригал и тој слатко се изнасмеа. Доктор Ригал ми кажа дека коренот ми е оштетен и бидејќи си одам дома за месец дена препорача на брод да ми дадат антибиотици и во Македонија да го средам забот.

И тогаш почна досадното. Го чекав шоферот да ме врати назад саат и пол. Гугл мапс викаше дека од болницата до пристаништето има 26 минути пеш. Беше сред пладне па тоа ми стоеше како бекап опција. После саат време чекање ја замолив рецепционерката да провери за мојот превоз и ѝ кажав дека немам доверба во таксисти. Еден господин кој го донесе својот син на третман се понуди да ме носи со својата кола до пристаништето, му се заблагодарив и му реков дека мојата компанија плаќа за превоз и не би сакал да го мачам. Му реков дека ако се изнервирам ќе одам пешки. Тој ми кажа дека е опасно надвор. Му ги покажав моите Мартинс чизми и му реков дека ништо не ме плаши. Во меѓувреме на abc news три пати изгледав прилог за некој медицински техничар кого го убиле агенци на ICE бидејќи им се мешал у работата додека тие приведувале некоја жена. Кога стигнав на брод отидов на кафе и трач мантра со Меган.

На Сент Томас изглегов прв пат после три години. Оригинално сакав сам да отидам до Футлокер ама Енџин ме праша дали може да дојде со мене, требало да купи нешто од супермаркет. Забележав доста измени на Сент Томас во последните три години. За почеток имаше книжарница веднаш до пристаништето каде што Енџин си купи две книги. Едната за анксиозност и другата беше биографијата на Мишел Обама.

Потоа влеговме во два супермаркети каде што јас купив електролити и колачиња а таа купи пенкала и моливи и се упативме кон Футлокер. За жал Кеј-Март е затворен и сега тој простор делува мошне празно. Футлокоерот за среќа уште е тука и имаше интересни патики, ама ништо што би ме натерало да извадам картичка од џеб. На враќање назад седнавме на суши во кинескиот ресторан. И нај на крај најдовме супермаркет на пристаништето каде што таа купи некој течен сапун за кој кажа дека е многу добар. Меѓу другата роба имаше и дел со секси играчки ама беа многу поскапи отколку онлајн.

Ова крстарење покрај Викаш и Енџин имаше уште неколку нови лица на менаџерските позиции. Меган доби нова шефица, Џеки од Филипини. Ми се јави еднаш да ме праша нешто банално во девет и пол навечер, ѝ кажав да отвори тикет и да не ме замара после работно време со небитни работи. После тоа воопшто не ми се јави.

Сепак нова ѕвезда на бродот е Никсон од Гоа, шеф на хаускипинг одделот. Уште првата вечер се запознавме со него во кру барот. Бидејќи цела вечер гледаше во мене, Меган мислеше дека тој е хомосексуалец. На крај испадна дека сака девојки.

Има и нов видео техничар на бродот, Стеван од Ниш. За прв пат работи на брод па од време на време кога ќе се видиме се муабетиме.

Од забавни активности, вечерта после Сент Крои Грејс организираше игри на табла. Твистер, скребл... Игравме јас, Грејс и Меган. Панкаџ гледаше од страна едно време па замина некаде. Никсон беше на почетокот и кажа дека ќе се врати, намерно го остави термосот и нормално не се врати па јас му го носев до соба.

Вечерта после Сент Луција имавме вечера во гостинското бифе во чест на вработените. Викаш не се пријави да служи бидејќи настина на бродот а јас не се пријавив бидејќи Грејс веќе не беше на бродот и некако ми немаше смисла да учествувам кога веќе таа не е тука. Меган и Енџин се имаа пријавено за втората смена на шанк па седев со нив и јадев суши и сладолед. После вечерата се качивме до бар, ама музиката беше онака а ние бевме уморни и еден по еден сите си заминавме по дома.

Се чувствувам мошне уморно, ама ќе издржам уште 20 дена.

Comments