Викингшки дневник бр.29 – До гледање Викинг Сии
И ова е последниот дневник од Викинг Сии, четири крстарења, четириесет и некој ден поминат во работа и патување назад кон Македонија.
Првиот ден од ова
крстарење решив да излезам навечер низ Сан Хуан, првин до Волгрин да купам електролити
и останати потребни работи и понатаму низ стариот дел од градот. Навечер
гужвата низ Волгрин е многу помала. Ги видов Богдан и жена му, некои други луѓе
од бродот, неколку локалци, една мала група тинејџери, очигледно туристи и
толку.
Од таму тргнав низ
стариот дел од градот да видам каков ноќен живот имаат. Да знаев дека е толку добар
ќе се вратев назад на брод, ќе се дотерав и ќе излезев пак, а не да шетам по
трењерки и торба за пазарење. Кога се оди од пристаништето на почетокот има
ресторани, тук-там некој бар. Во задниот дел од градот се баровите и клубовите.
Полни со луѓе, локалци, туристи. Од секој бар се слуша различна музика...
преовладуваше регетон, ама тоа им е локалната музика. Наредниот ден правев
муабет со Ана, шоп менаџерката од Романија и таа кажа дека во клубот каде што
била се чувствувала премногу облечена. Луѓето таму биле речиси полу-голи.
Инаку вечерта не беше целосно промашување. Одејќи по улиците слушнав музика од некаде доаѓа. На плоштадот на сред Стар Сан Хуан имаше музички настан, со десетина луѓе на големи тарабуки, вокали позади нив и десетина танчари. Интересното е што овде наместо танчарите да го следат ритамот на музичарите, овде музичарите го следат ритамот на танчарите. Порториканска традиционална форма која се вика Бомба.
Наредниот ден
излегов преку ден за да пробам мофонго, традиционално јадење кое потекнува од
Сан Хуан. Ова ми го препорача Али Ваднер, најдобрата другарка на Клаудија која
е од Сан Хуан. Клаудија ми препорачуваше да пробам пинаколада од ресторанот
каде што пинаколадата била измислена, ама јас не сум фан на тој коктел па решив
да пробам само мофонго.
Кога излегував од
брод времето беше сомнително, облчно и мирисаше дека е можно да заврне па ја
облеков водонепропустливата јакна. Попат застанав во Маршалс за да си купам
ранец, некој обичен ранец средна големина во кој ќе можам да ја ставам јакната
и кој подоцна ќе го користам. Продолжив по улиците и видов влез до еден
ресторан пред кој нема голема редица и застанав во ред. По ходникот низ кој
одев имаше уметнички галерии ама јас немав време да застанам и да гледам што
има во нив, а имаше многу.
На крај седнав во
една соба со неколку маси и порачав пепси и мофонго со ракчиња и ориз и сладок пржен
платан како прилог. Пред да излезам од бродот каснав нешто во мензата и си
зборев на себе, зошто поѓаволите јадев на брод, но и со полн стомак мофонгото
беше вкусно. Кога се вратив назад на брод си реков дека морам да се вратам
назад на Сан Хуан порано или подоцна, со брод или со авион со надеж да имам
повеќе денови за престој за на раат да го доживеам Сан Хуан.
Следни пристаништа беа Сент Томас и Сент Китс. На Сент Томас сакав да се качам на врв на ридов ама ми се спиеше, а на Сент Китс нема што да се прави па повторно спиев. Мое следно излегување беше во Сент Луција каде што Маки и Аби за жал не дојдоа бидејќи треба наскоро да се качат на брод и плус живеат на другата страна на островот а Џермејн и Франческа беа зафатени. Излегов само за да купам чашка за ракија за Николина и прошетав малку бидејќи овој пат се докиравме од другата страна на пристаништето. Кога почнав да шетам наоколу ми текна дека тука бев со Индипенденс оф д Сиис пред ковид.
На Барбадос
излегов за да ја видам улицата крстена по Ријана. Во Барбадос има автобус кој
оди од бродот до терминалот, ама решив дека нема да ми треба такво нешто, ќе
одам пешки. Оригинално мислев дека за саат, саат и нешто ќе се вратам на брод,
ама потрошив скоро саат за да стигнам до плочата на крајот на улицата. Првин
направив отстапување од препорачаната рута за да одам покрај океанот и да
гледам како брановите удираат во камењата.
Остатокот од пешачењето не беше толку убаво. На почеток одев пешки покрај магацини и работилници за поправање на чамци. Кога стигнав на улицата ме најде непријатно изненадување. Прво е мала и релативно тесна, а второ, се чувствував дека сум во гето па се движев со забрзан чекор. Кога ја видов плочата со Ријана направив едно селфи таму и тргнав назад кон бродот по друга улица.
Во Доминика
конечно се докиравме во градот, ама имавме многу работа и не видов дека сме
докирани во градот и на пауза решив да спијам. Подовна кога се качив горе за
мојата кафе пауза видов дека направив грешка, можев барем до црквата да отидам
и да направам традиционална туристичка фотка од црква, ама веќе беше доцна.
На Антигва
излегов за да каснам вафли со сладолед, попат купив и кафе за мајка ми и се
вратив назад на брод. На Сент Мартин излегов за да купам нешто од
супермаркетот, ама бидејќи бевме единствен брод тој ден таму и плус беше недела
скоро се беше затворено. Ме мрзеше да одам до градот па само седев во сенка. На
Сент Крои традиционално не излегов надвор.
Претпоследниот
ден на работа имавме имиграциска контрола и останав без И95 потврдата и не
можев да излезам надвор да шетам, само да работам на терминалот. За време на
мојата пауза Меган работеше на терминалот и останав да и правам друштво. Таа
купи енергетски напиток од продавницата за сувенири, заборавив како се викаше, требаше
да ја сликам лименката бидејќи беше одличен енергетски напиток.
Од останати работи
кои се случија, мојата замена стигна во Барбадос на бродот. Се вика Шон Гомез и
е од Бугарија. Татко му од Никарагва и мајка му од Бугарија се запознале на
брод пред дваесет и кусур години и сега имаат двајца синови. Мајка му е главен
хаускипер на бродот Викинг Сатурн. Многу луѓе беа пријатно изненадени што го
запознаваат синот на Ирина а јас се шегував со некои од нив, им кажував дека се
стари штом работат со децата на своите пријатели.
Кога го прашав
што музика слуша ми кажа челга и јас само реков, зошто...? Во Бугарија има
толку многу музика, зошто ја слуша лошата бугарска музика. Ми кажа дека слуша и
R&B и хип-хоп а јас само
реков дека тоа е океј, само немој чалга :) Еднаш кога одевме на пауза за кафе
извадив од фиока нескафе 3 во 1 и му ја пуштив од телефон песната од Упсурт. Ми
кажа дека неговите пријатели нема да му веруваат ако им каже дека сум му ја
пуштил таа песна. Ми кажа дека уште ја пуштаат по клубовите. Му реков, нормално
дека ќе ја пуштаат, добра песна е.
Сепак
најинтересна работа ова крстарење е што на бродот се качи виолончелистката Наталија, овој пат
со нова партнерка, виолинистката Олга. Кога видов на листа на вработени дека
Наталијиа доаѓа на бродот у глава свртев илјада сценарија како ќе ја поздравам
кога ќе дојде на бродот и нормално ништо од тоа не се случи, се случи нешто
сосема спротивно.
Требаше да одам
до сервер собата и чекав да дојде лифт и кога лифтот полн со луѓе, меѓу кои Наталија
и Олга, само влегов и онака ладно кажав добро утро. После тоа ја видов на ручек
и ја гушнав и таа само ми кажа дека не и се верува, како прво не и се верува
што пак ме гледа, како второ не и се верува што онака ладно со покер фаца и
кажав добро утро. Ѝ кажав дека додека таа
одмарала дома за празниците јас работев напорно на бродот. Ѝ кажав дека ќе ја
испочитувам и дека ќе играм шах со нејзе, нешто што го направив на
претпоследната моја ноќ на бродот. Игравме две партии шах и нормално изгубив во
двете.
Ахх, и да не заборавам, за Св. Валентин имаше голема журка во кру-бар и беше баш добра журка. Останав до еден и нешто после полноќ.
Следен дневник од некој друг Викинг брод.






Comments
Post a Comment