Викингшки дневник бр.30 – Повторни средби на новиот брод - Викинг Сатурн

Се што е убаво кратко трае, така и овој одмор. Иако траеше 50 дена, мислам дека ми требаше уште некој ден, недела.. Премногу динамичен беше одморов, се оженив, прошетав со Клаудија до места каде што не сме биле претходно, бевме и на места каде што често идевме и претходниот пат како Синеплекс на пример :) Како и да е, ја испритив за Мексико, бев да се шишам и се спакував за на пат.

Овој пат имав најкраток лет од сите мои летови до брод досега. Скопје – Атина. Повеќе време поминав дремејќи по аеродроми отколку во авион. Татко ми ме однесе со кола до аеродром во 2 наутро за да се качам на авион во 4 наутро. Малку ми беше чудно што собирно место беше порта 101, ама не е битно. Се качивме во автобус и почна автобусов да вози и да вози и на крај застана во делот за приватни авиони и таму не чекаше авион на Олимпик со само 48 седишта. Авионот се крена во воздух, стјуардесата подели сок/кафе и колачиња и се спуштивме во Атина.

На пасошка контрола полицаецот ми кажа да појдам со него и си викам, оф леле, што па сега...? И го даде мојот пасош на порт агентот. Тој ми  кажа дека ќе ме помине на имиграционо, ама поради Велигден можеби малку ќе задоцнат. Ми покажа каде можам да почекам и да дремнам на столчиња во чекална. По два саати и нешто порт агентот дојде со уште еден човек кој кажа дека оди да се качи на Марс како СПА менаџер. Бидејќи немаше гужва по пат релативно брзо стигнавме до хотелот кој беше блиску до пристаништето.

Бидејќи стигнавме рано на рецепцијата во хотелот ни рекоа дека може да ги оставиме куферите и да седиме во лобито. Таман кога помислив да тргнам да прошетам наоколу ни кажаа дека собите ни се спремни порано од планираното. Одлична прилика за туш и потоа да излезам надвор и да прошетам.

Џеј-Ди Спортс беа веднаш до хотелот и видов убави адидас патики за трчање, ама си викам ај да видам што има во Космос Спорт првин. Во меѓувреме каснав во Гудис клуб сендвич, сркнав едно кафе во Старбакс и тргнав назад кон Џеј-Ди да купам патики бидејќи имаа поголем избор. Е сеа, кога има голем избор тука доаѓа до двоумење, троумење... знаев дека ќе купам adidas EVO, ама која верзија, која боја... на крај решив да купам EVO SL – Silver Metallic и да се вратам назад во хотел.

Наредниот ден за да не носи до нашите бродови беше ангажиран таксист со мерцедес автомобил а сите ние имавме по 2 куфери па не носеше двајца по двајца, среќа јас бев во првото возење до брод. На пристаништето не пречека Серхио кој стигнал на Сатурн пет дена пред мене. Бидејќи имиграционото во пристаништето не беше спремно ни дозволија да се качиме на брод со назнака да се вратиме пак назад на пристаништето во 2 или 3 попладне.

Кога се качив во канцеларијата го видов Давид кој пристигнал месец дена пред мене. За негова жал кога тој се качил на Сатурн претходниот менаџер заминал на одмор веднаш а асистент менаџерот бил префрлен на Веста и сам работел колку што може да стигне. Кога ми го раскажа ова само му реков: Историјата се повторува... На што тој само кажа, за жал да.

Тој ден покрај Сатурн, во Пиреја беа и Веста и Марс и вработените одеа од брод на брод и така видов неколку познати лица, некои кои ги имав и веќе заборавено како на пример шоп менаџерот Едуардо од Мексико кој е повторно на Марс :) Ја видов и Емилија „Стич“ од Аргентина која што е повторно на ист брод со мене, Сатурн. На Сатурн со мене се и Алехандро од Филлипини, Думба од Уганда и Гудвин од Кенија, Аманда од Зимбабве која сега е асистент спа менаџер, Стефан од Маурициус се качи на Сатурн еден ден пред мене, и кралицата Мапулана од Замунда.

Прво пристаниште беше Родос во понеделник после Велигден и нормално се беше затворено освен ресторани, барови и продавници за сувенири во стариот град. Кога излегов од бродот ставив на гугл мапс еден супермаркет што нормално беше затворен и решив да се вратам назад по заобиколен пат кој што водеше низ стариот град. За разлика од улиците во новиот дел од градот кои беа скоро празни, туристичкиот дел од градот беше полн со гости од Сатурн и Аида Стела.

Второ пристаниште беше Хераклион на Крит. Овој пат шатл автобусот застануваше од северната страна на градот. Буквално се е исто како и лани. Овој пат во Космос Спорт немаше луди патики, ама имаше хокејарски дрес од Лејкерс со број 34 О’ Нил. Си викам, да го купам или не... ако го купам ќе имам парче кул облека, ама па кога ќе го носам... На крај си реков ајде Тончи не троши пари и излегов од продавницата. Влегов во супермаркет да купам фанта и лакта чоколадо, сепак се поефтини од хокејарски дрес :) На враќање назад кон автобуската станица купив кафе од Старбакс и се вратив назад на брод.

Во Кушадаси бев ИПМ а во Чанаккале нема ништо интересно околу пристаништето а и бус не ми се чекаше. Затоа мое следно излегување беше во Истанбул. Трета година по ред како одам таму и секој пат се радувам кога одам таму и откривам нови нешта. Мојата пладневна пауза ја искористив за да прошетам околу пристаништето. Видов дека House of SuperStep реновирале и сега за секој бренд на патики има посебна соба. Имаа adidas Crazy8 во темно црвена боја, ама веќе имам во портокалова. Најголемиот шок ми го приреди SneaksUP, продавница која има океј патики, ама овој пат ги имаа џорданките што ги купив во Сан Хуан за 474 долари, овде беа 274. Си викам да прашам дали имаат мој број, ама си викам седи си мирен Тончи, не ставај сол на рана и отидов во Старбакс да се напијам турско кафе. Со секое турско кафе даваа и мало шише вода бесплатно.

На одење назад кон бродот застанав во адидас продавницата. Во продавниците на адидас во Истанбул има маички инспирирани од градот, плус беа на попуст плати 2 земи три маички па земав две маички со Галата кулата и една со сите знаменитости на Истанбул.

Вечерта излегов до Истиклал да видам што има таму и видов дека нема ништо сменето меѓутоа открив дека не е се на приземје, има нешто и во подрум има и нешто на втори, трети кат... Во Декатлон си купив ракавици и тркало за вежбање. Над Декатлон всушност е цел мини трговски центар кој дури има и кино (уште да имав време и енергија за да гледам филм...) . Има и продавница Mr. DIY во која има секакви работи од детски играчки, работи за по дома, алати.. И си купив убава закачалка бидејќи претходната ја заборавив на еден од претходните бродови.

Среќен со шопингот сакав да заблажам душа со чурос и влегов во МекДоналдс и на приземје вработениот со гест со раката ме праша Eat? Бидејќи изгледав ко изгубен турист :) Му кажав дека би сакал да јадам чурос, на што тој ми кажа оди горе. А горе, гужвааа... Си реков не стигам тука на ред, и си излегов. На 50 метри понатаму по улицата видов знак куглана и огромен чуњ а до него мали логоа од скоро сите џанкфуд ресторани. Од влезот се гледаше само продавница за козметика и скали кои водеа надоле, а надоле, сите ресторани еден до друг и никаде гужва, максимум 2-3 луѓе чекаа нарачки па на раат каснав чурос тука.

И по навика одбрав да се враќам по улица по која немам одено порано. Гугл мапс ми покажа дека има секс шоп и си викам да, ова е улицата по која се враќам вечерва. Од улица не се гледаше многу, во излогот беше изложена само долна облека и бидејќи реално не ми треба ништо од таму продолжив по улицата. Подоле по улицата видов кафуле што се вика Art Stage Collective и внатре пуно артои-чоече млади луѓе. Си викам леле ама е прекрасно местово... ама јас бев уморен и продлжив назад кон бродот.

Наредниот ден Давид ми кажуваше за некој интересна продавница за патики до Мериот хотелот па тргнав да ја барам на мојата пладневна пауза за на крај да сфатам дека тоа е СуперСтеп, само што Давид отишол од задна страна. Како и да е, штом сум веќе излезен продожив нагоре по ридот да ја видам Галата кулата и потоа повторно завршив на Истиклал. Овој пат дознав дека има католичка црква, Свети Антонио од Падова. Голема и убава црква и многу луѓе кои врвеа низ неа. Не дека светецот чие име го носи црквата има слично име на моето, ама црквата навистина ми беше пријатно изненадување.

Пред да тргнам накај брод скокнав до адидас на Истиклал и таму ми рекоа дека ако робата чини над 10.000 лири (200 евра) добивам 2.000 лири попуст. На девојката што ми го кажа ова и реков ах да знаев порано, немаше патиките да ги купам во грција туку ќе ги купев од кај нив. Реално пак можев да потрошам над 10.000 лири, ама си викам како ќе ги однесам работите што ќе ги купам... а имаше интересни работи, како на пример три различни верзии од фудбалскиот дрес на Мексико, зелен, бел и верзијата носена на светското првенство 1986 кое се одиграло во Мексико. Имаше и многу интересни adidas basketball дуксеви, маички, шорцеви, тренерки... на крај купив само еден дукс adidas basketball ClimaWarm.

Вечерта не излегов, решив да одморам малку. Наредниот ден бев ИПМ. Денот по тоа во Чанаккале го видовме Викинг Јупитер. Имавме кратко време бидејќи ние бевме на Чанаккале утрото а тие беа попладне ама се поклопивме саат и пол кој што го искористивме со Давид да им отидеме на посета на ИТ одделот таму. Бифето беше полно па се спуштивме во мензата за офицери кафе што ги видов Никсон, моето драго другарче од Сии, Вања од Мексико, Ненад од Јагодина и најпријатното изненадување Кристијана од Романија. На враќање назад на генгвеј ја видов Тарин Ен која што ми честиташе за бракот и за тоа што веѓите ми пораснале :)

Во Кушадаси си реков ајде да одам по улицата на која се продава фалц роба ама овој пат ќе одам до крај, да видам што се има и на крај испаднав пријатно изненаден. Видов знак трговски центар и мал премин, бев скептичен дека има трговски центар, меѓутоа испадна фин мини трговски центар со неколку различни продавници, голема Котон продавница, фуд корнер и кино со неколку сали. Последново пријатно ме изненади. Излегов од задна страна и на таа улица имаше неколку објекти во изградба и Шок супермаркет во кој влегов за да купам кока кола и ако видам нешто интересно, и богами видов интересни работи. На крај си купив и поп-кек колачиња, сапун и пиштол за масажа.

Задоволен со шопингот си реков ајде да видам ако можам да најдам и паметна вага. Влегов во неколку продавници, во некои морав да користам гугл транслејт ама ништо. Пред да се качам на брод влегов во продавницата за кру на пристаништето. Пиштолот за масажа што го купив во Шок за 17 евра тука беше 30. Сапунот што го купив за евро и пол овде беше 4 евра. Ама кога видов дека имаат Шаоми паметна вага и тоа слична на онаа што ја имам дома и плус чини 40 евра што не е многу поскапо од реалната цена реков само shut up and take my money. Само на касиерката и реков да ми наплати на картица во лири бидејќи со картичките од НЛБ има многу помала конверзија ако се плаќа во лири отколку ако плаќам во евра бидејќи во тој случај турската банка преку која им е ПОС терминалот прави конверзија па НЛБ прави конверзија и испаѓа машала провизија додека во лири само НЛБ прави конверзија која не е толку страшна.

Наредниот ден бевме на Родос каде што не ми се излегуваше. На Хераклион бев ИПМ, ама до нас беше докирана Веста па со Давид во униформа излеговме да ги видиме колегите таму и јас да видам која е разликата меѓу старите и новите Викинг бродови. Се запознав во живо со Адилет од кого и на Сии и на Сатурн ги користам хендовер белешките кога нешто не ми е јасно. Младо момче повисоко и покрупно од мене. Ми ја покажа кабината која е сингл ше’р и е на дек А за разлика од мојата на дек 4 па морам да користам скали кога има достава на куфери.

Во кру барот се видов со Костас, и му се жалев како со Дејан не отидовме на бургери додека бевме на одмор на што тој само кажа „малака“ :) Подоцна доле во мензата за офицери го видов Дарко. После толку долго време конечно се видовме на брод. Го видов и Џејсон па му кажував на Давид колку забавно ни беше на Марс заедно.

Назад во Пиреја првиот ден отидов до Гудис да пробам каков чурос служат со нутела, ама овој пат бев во Гудис што беше поблиску до пристаништето и имаа два екрани за порачување што многу ми се допадна. И чуросот беше одличен. Бидејќи имав време решив да скокнам до Џамбо набрзинка. Набрзинка стигнав до џамбото, ама внатре е лавиринт на три ката, се уморив вртејќи наваму натаму. Сепак направив добар пазарлук: пластично шише за вода, јаже за скокање и штипки со магнет севкупно 4,27 евра. Обично по пристаништата само шишето за вода го наплаќаат 5 евра.

Вечерта не излегов, решив да одмарам. Наредниот ден нови гости се качуваа на бродот и додека работев на пристаништето видов дека Хард Рок Кафе продавницата е отворена па си купив маичка бидејќи од задната страна имаше цртеж од Посејдон со две гитари.

Од културно забавни активности вечерта после првиот Хераклион имавме цртање во мензата за вработени. На мое пријатно изненадување имаше мошне фин одзив, доста луѓе дојдоа за да цртаат. Најголем дел од нас цртавме на шаблони кои Џудит ги имаше набавено од Џамбо претходниот пат во Пиреја. Тоа беа цели сетови со мини штафелај, дебел бел картон и четири темпери. Јас си земав од друг комплет темпери бела и црна и на крај бев задоволен од нацртаното покрај фактот дека цела година немав фатено четка в рака.

Вечерта после вториот Родос за прв пат влегов во теретаната на Сатурн. Иста е ко таа на Марс. Последната вечер од ова крстарење го понесов со себе и тркалото. Направив три серии по четири тркалања и бев задоволен како за прв пат. Е сеа бељата со тркалото е што ако немаш силни стомачни мускули, тркалото е направа за мачење. Не веднаш, туку наредните денови... Не знам кога пак ќе влезам во теретана, ќе читате во следниот дневник :)

Имаше две спа ноќи изминативе две недели, отидов и двата пати, нормално :) Имаше и две караоке забави. На првата темата на забавата беше коктели и моктели кои не беа нешто нај-нај дури ни по морнарски стандарди. Втората караоке забава беше насловена early bird и започна во 8 часот па добар дел од тие што бевме беа од дек, енџин и хотел админ одделите додека другите оддели се уште работат со гостите. На листата на песни видов дека ја има I’m Too Sexy од Right Said Fred, песничка која кај сите предизвикува убаво расположение а ретко кој ја пее на караоке па земав јас да ја пеам на општо веселење :)

Во следниот дневник ќе пишувам за одењето од Пиреја до Чиогија (мало градче до Венеција) преку Котор и Хрватска. Неделата по тоа бродот оди од Чиогија кон Чивитавекија. Кога ќе пишам следен дневник, не можам однапред да ветам :)

Comments