Викингшки дневник бр.31 – Јадранско море, пролет 2026та
Во овој дневник ќе пишувам за патувањето од Пиреја до Чивитавекија преку Кјоџиа (мало гратче јужно од Венеција). Главни настани се посетата на местата кои не ги видов лани со Марс поради ИПМ, овој пат имав обратен распоред на ИПМ и максимално го искористив. Па да почнеме со ред.
Прв порт беше
Катаколон, мало селце на Пелопонез со порт и единствена причина поради која
бродовите застануваат тука е бидејќи е блиску до местото каде што се одржувале
античките олимписки игри. Доколку не си пријавен за тур-ескорт нема што да се
прави тука. Додуша има две плажи кои изгледаат ОК, ама јас не сум обожавател на
плажи, па воопшто не излегов од бродот. Потоа следеше Крф ама бев ИПМ. Најинтересно
е што прва реклама што ми излезе на ФБ беше туристички аранжман за 7 дена тука.
Ама затоа пак Котор,
со душа го чекав. Овој пат тргнав кон трговскиот центар Камелија кој е на
помалку од пет минути пеш од бродот, ама прво си земав бурек од пекара. Веднаш
до трговскиот има пекара и внатре имаше маж и жена, туристи од странство, и
бидејќи сите етикети пред јадењата беа само на црногорски девојката им
преведуваше и објаснуваше јадење по јадење. За среќа додека тие се мислеа што
да земат ме послужи со бурек и јогурт. Е сеа, во Црна Гора не иде се како
подмачкано. Ѝ реков на девојката четврт бурек со сирење и јогурт и таа зеде да
пакува четири банички со сирење. Ѝ реков зошто пакува четири, и реков четврт,
не четири, кога ќе ги јадам четири буреци.. Енивејз, тргна три на страна и ми
врати кусур.
За машките
читатели да пишам дека девојката беше убава. Додека го јадев бурекот седнат на
клупа пред трговскиот ги набљудував луѓето кои поминуваа пред мене, и туристи и
локалци. Ако во Пиреја беше настан да видиш убава гркиња, овде беше чудо ако
видиш грда црногорка.
Откако го завршив бурекот и ми се наполни и стомакот и душата, влегов во трговскиот центар. Мал на приземје и два ката со вообичаените продавници за балканските трговски центри. На приземје беше супермаркетот и додека пазарував на звучници идеше Каролина Гочева со српската верзија на Ме љубиш ли ти? Јас нормално си ја потпевнував на македонски :) од работите што ги купив би го издвоил Нирвана сладоледот и двете ќесички Стоби Флипс. Сладоледот го изедов седејќи на клупа во паркот до пристаништето а Стоби Флипс ги чувам за да ги сликам додека бродот плови, да соберам лајкови на инстаграм.
Во Дубровник
бевме докирани до Викинг Сии. Со Давид отидовме да го видиме Викаш и доколку
има други луѓе кои ги знаеме од претходниот договор. Се договоривме за паузата
заедно да отидеме до Конзум на шопинг. Одејќи попат ги сретнавме Шон и Ирина.
Мајка и син од Бугарија се сретнаа на порт во Хрватска. Во Конзум Давид купи
една а јас две мали теглички ајвар произведен во Македонија. Викаш купи Смоки
па му раскажав за кога Клаудија доаѓаше оваа година во Македонија и муабетот со
цариниците за Смоки и Стоби Флипс.
Во Сплит додека јадевме појадок со Давид го видов ридот Марјан на кој гордо се вее хрватското знаме. Во Котор овој пат немав време да се качувам до тврдината па си реков овој пат во Сплит ќе се качам. Бертранд седна до нас и му реков дека ќе се качам на врвот на ридот. Тој кажа дека ако не доставам доказ дека сум се качил ќе ми забрани да доаѓам во бифето за гости. Му реков дека предизвикот е прифатен.
Сплит има големо
простаниште за траекти ама забрзано гради и терминал за крузери. Стариот дел од
градот личи на традиционален медитерански град со долга историја и на мое
изненадување тесни улички. Размислував како ли живеат луѓе тука, што ако има
потреба од брза помош или пожарна... Ама бидејќи бев на мисија и пешачев брзо
излегов од градското јадро и потоа пешачев по нормални улици со тротоар. На
влезот на паркот Марјан има рампа и ограничен пристап за возила. Си реков ова
ќе биде ко од Средно Водно до врвот Крстовар само пократко. Пред самиот врв
Марјан се префрлив од пат по скали, 314 на број. На почетокот скокав скали, ама
ме фати замор, на крај полека се влечев од скала на скала.
Погледот од врвот
беше прекрасен. Времето беше сончево и малку ветровито, со еден збор идеално.
Пријатно ме изненади тоа колку туристи видов додека бев на врвот. Направив
неколку фотографии со телефон и си реков дека требаше да го земам големиот
апарат со двата објективи иако се тешки, ама тоа ќе остане за некоја следна
посета на Сплит. На враќање назад го сретнав Бертранд. Ми кажа дека барал
продавница за патики на што ми реков дека трговскиот центар е на 5 километри од
пристаништето, требало во Котор да излезе... Бидејќи правевме муабет утрото му
ги покажав фотографиите кои ги направив од горе и тој се воодушеви. Ме додаде
на Воцап за да му ја пратам фотографијата што највеќе му се допадна.
И пред да се
вратам назад на брод влегов во супермаркет за да купам сок и наполитанки и ако
случајно начекам ајвар произведен во Македонија. Видов вина на Тиквеш, ама вино
престанав да пијам одамна освен ако нема некој навистина значаен повод. Зедов
две пластични шишенца Кокта и наполитанки и тргнав кон каса за да ги платам.
Касиерката беше од некоја од азиските земји, Бангладеш, Индија, Шри Ланка... не
е ни битно. Интересното беше колку пријатно звучеше додека зборуваше хрватски.
По ова следеа три
дена во Кјоџиа, мало гратче јужно од Венеција. Денис ми кажуваше дека ја сака
Кјоџиа повеќе од Венеција бидејќи е исто на канали ама со многу помалку туристи,
што значи дека е идеално. Првиот ден бев ИПМ и не излегов. Давид отиде на пица
и наредниот ден ми покажуваше фотографии што направил со телефонот. Одлични
беа.
Вториот ден имавме смена на гости и момците и девојките што работеа на чекирање зборуваа нешто за филмови и им реков таман ве најдов, кажете ми дали филмовите во киното тука на 15 минути пеш од пристаништето, дали се синхронизирани или титлувани. За жал ми кажаа дека се синхронизирани. Можеби во некој од големите градови има титлувани, ама нивното кино е мало и сите филмови се синхронизирани. Бев разочаран, ама им се заблагодарив за информацијата. Сакав да го гледам Ѓаволот носи Прада 2, ама можеби во некоја следна прилика.
На паузата му
реков на Давид дека ќе одам до супермаркет на другата страна од градот. Тој
само ми рече дека кога гостите се качуваат на брод треба да сме достапни на повик
на што само кратко му одговорив, знам. Реално ако има проблеми уште од рано утро
се гледа дека ќе сме потребни на терминалот, ама процесот одеше мазно. Кога
одам на нови места, интересно ми е да видам како живеат локалците, каде пијат
кафе, кафе купуваат леб и слично. Супермаркетот Фамилија Суперстор беше голем
ко Веро Џамбо и имаше доста интересни работи внатре. Пријатно изненадување беше
Пауерејд за само 95 центи, најефтино што имам видено до сега. Попат си купив и
пенкала во четири бои.
Вечерта и
последниот ден не излегов надвор бидејќи ме фати мрза.
После Кјоџиа следеше Шибеник. Лани голем дел од вработените на Марс го викаа Сибеник бидејќи во ем-екс-пи (системот што го користиме на брод) нема Ш туку С па со Денис се шегувавме дека ќе идеме у Сибеник код Симета и има да пуцемо пуском :) Кога излегов од бродот се погоди да излезам во исто време со пијанистот Ентони и Наталија од продавниците на бродот. Тие беа тргнати кон тврдините, ги има три на западната страна од градот а јас бев тргнат кон статуата на Дражен Петровиќ која е на источната страна на градот. Сепак падна интересен муабет за возови и останати работи додека пешачевме заедно од бродот до првата раскрсница.
Да бидам искрен,
додека Дражен беше жив јас бев голем обожавател на Тони Кукоч. Подоцна
благодарение на интеренетот и документарецот “Once Brothers” дознав каков играч
бил Дражен. Минатата есен додека бев во Њујорк видов дека се уште се продава
неговиот дрес од времето кога играл за Њу Џерси Нетс. Направив селфи со
статуата која го претставува како седи на клупа, потоа отидов до муралот
насликан во негова чест и тргнав назад кон бродот.
Попат влегов во трговскиот
центар што беше подолу по улицата. Малку поголем од Камелија во Котор ама ништо
посебно. Дури и бев непријатно изненаден колку беа скапи работите во
супермаркетот. Си купив керамичка чаша и сок и тргнав кон касите за
самонаплата. Не знам зошто, ама имав чувство како да е се наопаку. За среќа
продавачката што работеше на каса немаше муштерии па стана и ми помогна.
За во Бари си направив план каде ќе одам што ќе правам, ама бев ИПМ па си се вратив во соба за попладневната пауза. Во Кротоне бев лани, видов дека нема ништо посебно и воопшто не излегов овој пат. Во Месина излегов заедно со Давид. Го начекавме Футлокерот пред да затвори за сиеста, ама Давид повторно не купи нови патики. Потоа тргнавме кон Геокс, малку се изгубив по пат бидејќи не следев внимателно гугл мапс ама сепак ја најдовме продавницата. Имаше два интересни пара чевли и си купив едни. Е сега работата со Геокс е што броевите им е чудни и јас заборавив дека носам 39. Побарав од продавачката број 40 и на пробување ми се видоа сосема ОК и ги купив. Подоцна кога ги намачкав со крема и почнав да ги носам на брод видов дека сум утнал, ама си викам ајде ќе му ги дадам на тате, да има убави чевли за кога ќе иде на свечени места и пригоди.
На одење назад
кон брод влеговме во продавницата за електроника и компјутери веднаш до Мекдоналдс.
Видовме интересни работи ама на крај на купивме ништо бидејќи скоро се што ни
треба веќе имаме.
Бидејќи наредниот
ден папата Лео доаѓа во Наполи и целиот град ќе биде блокиран капетанот реши да
оди директно за Чивитавекија каде што стигнавме околу пладне. Од порано знаев
дека докот во Чивитавекија е голем, ама сега видов дека дополнително со гради и
проширува. Кога излегов надвор видов дека новиот мал терминал е комплетиран и
дека шаторот кој се користеше порано е затворен. Со шест различни бродови имам
поминато низ тој шатор и цело време се чудев зошто се уште се користи.
За низ Чивитавекија овој пат имав краток план. Зелена желка, аптека и Мекдоналдс. Зелена желка е филипинска продавница примарно наменета за луѓето кои работат на брод, посебно филипинци. Таму ги видов докторот и еден од медицинските техничари на бродот. Беа пријатно изненадени што ме гледаат таму. Им реков дека за жал нема ништо да купам.
Во единствената
аптека што не оди на сиеста влегов за да купам магнезиум. Бидејќи се е на италијански прашав еден од
фармацефтите таму да ми помогне. Ме однесе до полица покрај која поминав и на
која имаше десет различни пакувања Магнезиум. На крај се решив за едно пакување
од 24 ќесички кое беше на попуст - 9,90 евра.
И за крај, во
Мекдоналдс имаше гужва ама начекав еден екран за да порачам Мекфлари со
сникерс. Видов дека мојата нарачка веднаш исчезна од големиот екран ама си
викам океј, ќе биде готово наскоро. И чекав, и чекав, и почнав да размислувам
да ја прашам шефицата на смена што е со мојот мекфлари... и на крај една од
вработените стави чашка мекфлари на шалтерот за подигање нарачки. Прво нешто
што приметив е дека овој флари е орео, ама чекајќи заборавив што порачав. Ја
извадив сметката од џеб и видов дека сум порачал сникерс. Друга работа е што
мекфлари по правило се меша 20-30 секунди, овој флари не беше воопшто мешан.
Како и да е, веќе бев тргнат кон брод.
Претходниот ден
правев планови низ брод со луѓе за да излеземе во Чивитавекија навечер, да не
биде да седам на брод како во Кјоџиа, ама локалните власти доставија
информација дека само луѓе од земји членки на европската унија или на шенген
зоната можат да излезат од бродот после 19 часот. Се извадив од памет кога
видов дека Македонија и Црна Гора се на листата на забранети земји, ама си
викам, Италијанци... земјата им е полна со илегални имигранти од цела африка и
азија ама тие ќе забранат на морнари да излезат навечер во град. Плус кога
слетав во Фиумичино последниот пат воопшто не ме прашаа каде одам, што правам,
само ми ставија печат и ме пуштија да влезам, ама тоа е друг муабет.
Ама затоа наредниот
ден до нас дојде Викинг Марс. Со Давид отидовме да ги видиме Вељко и Кристијан.
Очекував да ја видам Аријана Гранде и силно се гушнавме. Пријатно изненадување
беше што нејзиниот сопруг Џозеф беше на бродот. Последен пат го имав видено
пред година и пол. Го видов и Нарси, ми кажа дека тоа му е последен ден на Марс
и дека оди дома на одмор. Му реков дека е сосема заслужено, бидејќи бевме
заедно на брод, јас заминав трансфер на друг брод, па заминав на одмор, и се
оженив и се вратив пак на трет брод а тој се уште е на Марс. Ми кажа да не се
грижам, денес оди дома. Ми кажа дека мојата шапка од Халоуин до пред некој ден
била под телевизорот во канцеларија и дека секој пат кога ќе ја видел го
потсетувала на мене. Ова пак мене ме потсети на двете снежни топки со Пикачу.
Го прашав Вељко каде исчезнале, ми кажа дека поим нема. Од работите кои ги
оставив на Марс само сетот мини штрафцигери останале.
Потоа се качивме
до кру бар и испадна дека од нас четворица само јас не пушам цигари. Потоа
каснавме бургери/туна од скарата до базентот и се вративме назад на Сатурн.
Овие две недели
имаше голем број активности организирани од Џудит и Енди.
Вечерта после Крф имавме вечера за целиот персонал во гостинското бифе. Првиот полловина час служев сладолед додека Бертранд служеше колачиња а потоа фотографирав неоколу. Потоа имаше забава во кру бар ама мене ме фаќаше дремка па отидов да спијам. Наредниот ден кога ги ставив фотографиите на сервер многу луѓе ми кажаа дека сум направил одлични фотографии :)
Вечерта после
Сплит имавме тривиа квиз. Со мене и Давид во тим беа и Мишел и Трој. Првиот дел
беа различни прашања. Вториот дел беше со знамиња од 10 различни земји.
Единствена голема земја беше Албанија, другите беа Маршалски острови, Капе Верде
и слични. Последниот дел беше според емоџи знаци да погодиш за која поговорка
се работи.
На крај испадна
дека ние и медицинскиот тим имаме еднаков број на поени во битка за прво место.
Енди и Џудит кажаа дека воопшто не очекувале ваква разврска и дека воопшто не
спремиле бонус прашања. По пет минути гуглање Енди постави прашање: Која земја
конзумира највеќе ориз на свет? Јас напишав Кина, ама другите од тимот рекоа да
не е ова трик прашање, па ја прецртав Кина и напишав Индија. И двете земји се
со највеќе население, и двете конзумираат многу ориз, ама која конзумира
повеќе?
На крај Енди кажа
дека за жал точниот одговор не е Филипини (интерна шега), туку е Кина. Бидејќи
и за прво и за второ место наградите беа слични (големи кутии со грицки и
колачиња) само кажавме дека најбитно е што се забавувавме, и отидовме на
спиење.
Вечерта после Бари
имаше Бинго во театарот. Јас имав купено само три тикети за лотарија. Давид
купи и бинго и лотарија. Бинго сите три игри за една бројка не зеде награда во
кеш. Му реков дека баш затоа не играм бинго. Лотарија за секоја втора награда
викавме дека сакаме да ја добиеме ама на крај ништо, а имаше интересни работи:
мали и големи слушалки, блутут звучници, таблет, нутри булет, преса за коса (за
среќа девојка ја доби оваа награда) и главната награда Плеј Стејшн 5.
Последна од
забавните активности беше вафли на навигацискиот мост од 12:30 до 13:30.
Последен пат на вакво нешто имав присуствувано на Марс за време на мојот втор
договор и беше одлично, а одлично беше и сега.
Следните седум
дена пловиме кон Барселона по што следат 14 дена кон Берген. Кога ќе пишувам
дневник, не можам да ветам. Зависи колку ќе има работи интересни да бидат
напишани во следното издание на овој дневник.
П.с. почнав да ги
користам Хербалајф производите кои ги донесов со мене на брод. Сега за сега
главна цел ми е да ги намалам висцералните масти од 13 на 9. Ќе известувам за
мојот напредок во следните изданија од дневникот.









Comments
Post a Comment