Викингшки дневник бр.32 – На кино во Барселона
Во овој дневник ќе пишувам за патувањето од Чивитавекија до Барселона. Само седум дена, но исполнети со активности. Плус после ова заминуваме на четиринаесет дена крстарење од Барселона до Берген.
Прво пристаниште
беше Ливорно, едно од моите омилени места. Овој пат излегов заедно со Давид да
видиме ако тој може да најде ретро Њу Баланс патики. Првин влеговме во мини
трговскиот што е блиску до пристаништето во кој има ЏејДи Спортс ама немаше
ништо што би го заинтересирало. Јас видов многу работи што ме заинтересираа ама
си реков дека имам доволно на брод, не морам да купувам ништо дополнително.
Од трговскиот
продолживме кон Футлокер ама иста роба во двете продавници. После Футлокер
влеговме во Снајпс каде што на времето купив џорданки за Марко. Видов интересни
работи за мене, ама Давид не виде ништо интересно за него. Продолживме по Виа
Гранде до плоштадот. Му реков дека мора да го види плоштадот и ќе си идеме
назад на брод. На враќање фативме од другата страна на улицата и во Sport&Dance
на излог видовме патики баш какви што бара Давид, ама отвараат дури утре
наутро.
Продолживме по улицата и седнавме во една кафетерија да сркнеме по едно макијато без брзање. Во соседната кафетерија видов дека имаат Киндер Буено сладолед и му реков на Давид дека морам да видам што е и купив за двајцата. Попат ме прашуваше дали знам каде застанува автобусот што иде за пристаниште и му реков дека не сум сигурен и на следната раскрсница го видовме автобусот и ни избега од пред нос. Се вративме пешки назад на брод. Патем и двајцата обожаваме пешачење така да тоа не беше воопшто проблем.
Наредниот ден врнеше
дожд по малку ама ми се јадеше суши па излегов сам на попладневната пауза.
Првин застанав повторно во трговскиот центар и си купив сиви памучни тренерки
адидас долен дел за само 25 евра. Се мислев да земам светло син Ер Џордан дукс
за само 35 евра, ама ми текна дека имам повеќе од доволно дуксеви па продолжив
кон Сушико. Во сушико келнерот ме праша дали ми е прв пат што идам таму и кога
му кажав дека прв пат сум гостин кај нив, ми даде таблет, и набрзинка ми
објасни како да си порачам. Од секоја категорија може да одберам по нешто и тоа
спаѓа во дневно мени. Заедно со кока колата која се допалаќа ми испадна 20
евра. Јадењето беше сосема ок.
Следно
пристаниште беше Монако. Пред да излезам Брент ми збореше дека има Најки
продавница и дека сака да види што има таму. Други луѓе на бродот ми збореа за
Керфур маркетот дека бил голем. На гугл мапс видов дека се на два краја од
градот па си реков ајде првин Керфур па Најки и назад на брод. Монако тие
денови се спремаше за трка во еФормула1, елитното натпреварување со електрични автомобили
па дел од улиците беа делумно или целосно блокирани. Како и да е некако се
снајдов и стигнав до Декатлон. Декатлон е буџет френдли продавница, ама тука
живеат некои од најбогатите луѓе на свет па ме интересираше што има во овој Декатлон.
Нормално, покрај редовните брендови имаше и од скапите брендови. Продавницата е
на два ката и на горниот кат не можев да ги најдам скалите за надоле па морав
да прашувам еден од вработените :)
Откако излегов од Декатлон влегов во Керфур да си купам вода и сок, да не дехидрирам по пат :) Овој Керфур е втор по големина супермаркет во Европа во кој имам влезено, веднаш позади керфурот во Марсеј. Изгубив доста време додека набрзинка да купам кока кола за по пат и четири оранџини за дома. Кога излегов од маркетот си реков ај да видам што има на горниот кат, бидејќи е трговски центар. Кога видов дека има втор кат Керфур, овој пат со електроника и слично си реков бегај Тончи, немаш време за да влезеш тука.
Ама затоа влегов
во спортска продавница која продаваше Ф1 работи. Имаше се, од мали магнети до
спојлер од формула. Спојлерот беше декорација, меѓутоа имаше и некои луди
работи како реплики од кацигите на Сена и други возачи.
Одејќи накај
Најки продавницата пола од патот ми беше по патеката за формула па одев по
тротоар кој беше ограден со висока ограда. Пред самата продавница решив да
скршнам на страна и поминав меѓу згради со толку многу зеленило помеѓу нив,
изгубив чувство дека сум во бетонска џунгла која е воедно и патека за Формула1.
И во Најки се погоди да сум во исто време со Брент. Тука акцентот беше ставен
на трчање и тенис па не купивме ништо ни јас ни тој и тргнавме назад.
Одејќи по пат
Брент забележа една продавница и рече да видиме што има. Испадна цел трговски
центар. Блиску до влезот имаше мотор од Косворт Форд кој бил користен од
Бенетон кога Михаел Шумахер ја освоил својата прва Ф1 титула. На најдолниот кат
имаше фуд корнер, кој што беше всушност на среде и повеќе беше кафетерија. Она
што ме импресионираше беа столчињата. Беа поубави од било кој стол што го имаме
на брод.
На излегување му
реков на Брент дека сакам да видам нешто што од далеку изгледаше како
книжарница. Испадна дека само предниот дел е книжарница, позади е продавница за
електронска опрема. Тука Брент гледаше какви слушалки да купи, а имаше широк
избор и во класата од 50 до 100 долари, но и во погорните класи слушалки од кои
некои чинеа и над 1000 евра. Јас тргнав да видам што се има, и во делот за фото
опрема видов цел ѕид наменет само за Лајка апарати кои чинеа од 5 до 15 илјади
евра. Си викам, само во Монако бејби, само тука ќе ги видиш сите модели на
Лајка на едно место. Имаше и Фуџи медиум формат. Од Канон и Никон имаше само
фул фрејм.
И на крај на
патот поминавме пред трибината на стартно-целната рамнина а во неа продавница
за сувенири. Ми текна дека ѝ ветив на Каши дека ќе ѝ купам магнет па влеговме
со Брент. Имаше интересни маички, почнувајќи од една која беше само 12 евра
(затоа што беа останати само XXL големина) а баш беше убава, па се до маички од
200 евра. Имаше многу убави маички на кои пишуваше Сена. Како дете го гледав
како вози и му бев обожавател ама не ми се даваа 65 евра за маичка во негова
чест. На крај купив една маичка од 20 евра и два магнети.
Во Марсеј бев ИПМ
и ми беше сосема ОК се додека не видов дека се докираме во пристаништето за
драј-докови. Кога видов од кру бар кај сме докирани веднаш ме фати носталгија и
ми се припи да си купам едно пивце од кај арапот и да седнам во паркот од
спроти и да го испијам на раат.
Во Сете имавме
вежба за евакуација при што и излеговме надвор од бродот а на пристаништето
дуваше еден ладен ветар, носев блузон ама пак ми се заледи душата. Нормално
после тоа воопшто немав намера да излегувам надвор.
И последно
пристаниште за овој дневник, Барселона. Тука во принцип доаѓам на секои две
години и секој пат се радувам кога ќе дојдам. Првиот ден на попладневната пауза
фатив шатл бус и продолжив пешки по Ла Рамбла. Сега има големо реновирање на Ла
Рамбла и има делови кои се толку стеснети што е проблем да се разминеш со
другите туристи. Некако стигнав до Футлокерот на Плаца Каталуња. Видов еден пар
Њу Баланс кој можеби би му се допаднале на Давид, ги сликнав и му ги пратив по
воцап.
Мене бидејќи ништо не ми се допадна фатив назад. За да избегнам гужва фатив по една од тесните улички. Плус сакав да видам што има во ЏејДи Спорт. Тука го најдов најпријатното изненадување за тоа попладне, Рок музеј. Сакав да влезам, ама си викам ако влегувам тука, сакам натанане а не како што сум сега на брзање. До рок музејот имаше уште еден футлокер ама бидејќи не е на главна улица воопшто немаше гужва. Се вратив на Ла Рамбла да не губам време по тесните улички. Си купив една крофна од Данкин и се качив во бус за назад на брод.
За вечерта планот
беше да одам со Стефан на кино, ама тој кажа дека касно завршува и дека
наредниот ден ќе дојде со мене. Кога излегов од пристаништето видов едно такси
и шоферот ми кажа дека за до киното ќе ме чини 25 евра. Си викам, тоа е, понуда
и побарувачка, или тоа такси или пешки. Возачот ми личеше ко да е од источна
европа и кога му кажав дека сум од Македонија ме праша дали зборам руски. Се
изненади кога му кажав дека не знам и дека никогаш не сум учел. Му реков дека
луѓето кои се постари од 50 години можеби учеле кога биле во школо, ама мојата
генерација не збориме руски. Го прашав од каде е, ми рече дека е локалец. Го
прашав, навистина? Да, татко му е каталонец а мајка му украинка.
Ме остави на 50
метри од трговскиот бидејќи имаше голема гужва пред него. Киното се наоѓа во
трговски центар кој изгледа на кружна арена и е всушност трговски центар. Во подрумот
е фуд корнерот со џанк фуд а на покривот е фините ресторани. Од покривот има
убав поглед на тој дел од Барселона. Бидејќи се договорив со Стефан за
наредниот ден, решив овој ден да го гледам Mortal Combat 2. За карти има 3
екрани на допир и е брзо и лесно да се купи карта. За пуканки беше малку
побавно иако имаше три штанда. Пуканки има стандардни солени и благи кои се прелиени
во различни бои. Зедов голема кофа со двата вкуса и голема кока кола. Картата
за кино беше 10 евра а пуканките и сокот 13.
Кино салата е во триаголна форма. Платното е големо и заоблено бидејќи е на надворешниот ѕид а столчињата секој ред погоре е потесен за најгорниот ред да има само осум. Столчињата ми изгледаа некако неисчистени ама звукот и платното беа ОК. Мартал Комбат е одличен филм. Flawless Victory како што викаат во играта.
После филмот
излегов надвор и мислев да одам пешки ама си викам ќе се изгубам по темнициве,
да си порачам такси. Такси во Барселона можеш да земеш на лице место и да ти побара
повеќе пари отколку што е тарифата или да си порачаш преку апликација. Кога
внесов од каде ќе се качам до каде ќе одам (пристаништето) првин минута време
никој таксист не прифаќаше... Стоев на такси станица, ама никој не прифаќаше да
вози, прифати само еден таксист на 10 минути од мене.
Додека чекав
гледав што народ поминува пред трговскиот ама почна да ме фаќа нервоза, многу
чекам... И баш во тој момент ми заѕвони телефонот, си викам ако прифатам повик
ќе ме изгори роаминг. Спуштив и во аплиакцијата пишав дека сум пред пекарата. И
на крај дојде шоферот, се качив во таксито и тргнавме кон бродот. Тарифата како
за викенд навечер беше 19 евра. Му дадов 25.
Наредниот ден
Давид ми го покажа неговиот нов звучник JBL Flip 7. Пушташе музика во
канцеларија преку него и ми звучеше мошне фино. Ми кажа дека има опција да се
спари со уште еден таков звучник. Тоа ми даде идеја и јас да купам таков, само
во друга боја, да се разликуваат. Вториот ден Стефан завршуваше со работа пред
мене и само ми пиша дека е веќе излезен, ќе ја гледа проекцијата во 8 и ќе се
најде со некој другар. Си помислив не е другарски ова од негова страна, ама што
е тука е.
Кога излегов од
пристаништето немаше ниту едно такси. Ја пуштив апликацијата и чекав, и чекав,
и чекав и никој не прифаќаше, па си реков ајде ќе го поминам мостот па ќе си ја
пробам пак среќата. Искружив од терминал А до првото место каде што можев да
побарам такси и пак ја пуштив апликацијата и пак никој возач не прифаќаше. Гугл
мапс ми покажа дека имам само 40 минути пеш до трговскиот (откако 20 минути го
поминував мостот) па решив ајде, нозете ми се секогаш сигурни.
Со возење брзо се
стига, меѓутоа со пешачење, посебно кога си сам ќе видиш многу повеќе. Видов
како живеат обичните жители на Барселона, во какви кафичи и ресторани се
собираат. Поминав покрај геј бар и му пишав на Стефан дека сум нашол негово
место. Се трудев да пешачам колку можам побрзо, и стигнав во трговскиот 5
минути пред 9 часот. На влезот на FNAC чуварот не пушташе луѓе да влегуваат
повеќе. Му реков дека знам што сакам да купам и дека ќе бидам брз па ме пушти.
Тргнав да барам виолетов JBL Flip ама на полица имаше само еден па тргнав да
прашам еден од вработените дали имаат повеќе. Ми рече, ете ги пред влез.
Брзајќи да поминам покрај чуварот не ги видов изложените звучници. Зедов еден
набрзинка и извадив картичка за да платам. На апаратчето за плаќање ми пишуваше
133 евра или 163 долари. Кликнав на евра и подоцна видов дека Брајтвел ми
наплатил 159 долари. Си викам кул, добро е да се знае дека Брајтвел има подобра
курсна листа од локалните банки.
На изглегување му се заблагодарив на чуварот што ме пушти да си го купам звучникот и среќен тргнав нагоре кон киното. Видов дека имам доволно време па се качив на најгорниот кат да поуживам уште малку во убавиот поглед од таму. Видов дека паркот Жоан Миро е веднаш до трговскиот, ама тоа ќе почека за некоја следна посета на Барселона. The Devil wears Prada 2 е одличен филм. Ахх, патем, си купив пуканки, помала кутија и помала кока кола и тоа ме чинеше 9 евра.
Кога излегов од
киното видов порака од Стефан, ми вика дека најверојатно збориме за исто место
и тој е веќе таму, дали би дошол на пијачка. Му одговорив дека сум уморен и
дека ќе идам директ кон брод. Попат со Клаудија си пишувавме за филмот. Ми недостасува,
ама среќен сум што го виде филмот пред мене. Одејќи назад кон бродот овој пат
не се брзав и можев повеќе внимание да обрнам на она околу мене. Ла Рамбла е
главната туристичка улица ама Авингуда дел Паралел е улица на која може да се
доживее автентичната Барселона.
Третиот ден бев
ИПМ, ама и онака не планирав да излегувам надвор. Со Давид ги спаривме
звучниците и тој пушти Пинк Флојд во канцеларија. Уживанција.
17 мај е ден на
Норвешка, па во атриумот имаше групна фотографија со голем број од вработените.
Утрото видов и-мејл од Бетранд за тоа дека во 10 часот ќе има групна
фотографија на скалите, меѓутоа никој не ме контактираше. Подоцна го слушнав
круз директорот Роберт како збори на телефон да го организира сето тоа и кога
дојде до делот за камера, јас му го покажав мојот апарат. Ме праша дали би
фоткал, му реков нормално дека да и тој само по телефон кажа дека и делот со
камера е решен.
Кога дојде времето да се направи фотографијата видов дека бродкаст менаџерот и видео техничарот донеле скала што многу ми ја олесни работата кога станува збор да направам сите да бидат видливи на фотографијата. Направив неколку фотографии од кои две ставив на серверот на бродот и подоцна добив комплименти од Бертранд и од капетанот дека сум завршил одлична работа. Една гостина направи фотографија од мене како фотографирам и ми ја прати на мејл. Така за прв пат после долго време ме има и мене на фотографија од официјален настан :)
Овие недела дена
имаше поприлично голема ротација на персонал. На одмор заминаа Џудит, Каши,
Мапулана, Кристал (спа терапевтката), травел консултантката Венди. На нивни
места дојдоа некои нови луѓе, освен Алехандро, него го знам од порано.
Од активности за
кру, вториот ден Ливорно беше планирана екскурзија до Пиза, ама недоволен број
на луѓе се пријавија па беше откажана, а и времето не се погоди. Тоа ме потсети
на мојата екскурзија во Пиза на која прописно накиснав. Спа вечерта после
Монако беше океј. Вечерта после Марсеј имаше начос и пиво (и караоке), Давид ми
кажа дека убаво си поминал.
Следниот дневник
ќе пишам за патот кон Норвешка. Последните три дена од мај ќе бидеме во Берген.
Таму последен пат бев пред 11 години кога бев со Дизни Меџик. Како ќе биде оваа
година ќе читате во следното издание.









Comments
Post a Comment