Викингшки дневник бр.33 – Одиме на север
Ова крстарење беше 14 дена од Барселона до Берген, Норвешка. Имаше од се по нешто. Интересни портови, интересни дуели во баго во деновите поминати на море, но да почнеме со ред.
Прво пристаниште
беше Картагена во Шпанија. Сум доаѓал тука со претходни бродови ама немав
излезено бидејќи бродовите не се задржуваа многу тука. За среќа Сатурн
пристигна околу пладне па на мојата пауза излегов да видам какво место е ова.
Картагена е онака типичен шпански град без многу туристи. Има интересна улица
која е туристичко јадро и уште една потесна улица исполнета со интересни дуќани.
Паралелно со морето има еден парк со големи дрвја. Би сакал да дојдам пак, се
надевам со повеќе време за шетање.
Во Малага решив
да се качам на врвот на ридот и да направам интересни фотографии од замокот но
и од Малага гледана од врвот на ридот. Со себе го носев никон апаратот и
направив неколку интересни фотографии. Во замокот на влегов бидејќи немав време
и не ми се плаќаше карта за малку време. Ја видов арената за корида и се
надевам следен пат кога ќе одам за Малага ќе влезам таму. За време на мојата
пауза беа на сиеста.
Потоа следеше ден
на море, па посета на Порто и рано заминување од таму па уште еден ден на
море... Тука главната забава беше играњето баго со гостите. Првиот ден тие
победија бидејќи госпоѓа Јелинович ја погоди кофата што носи 10.000 поени.
Вториот пат немаа толку среќа гостите па победивме ние.
Во Фолмут бев ИПМ а во Портсмут имавме вежба за евакуација и потоа не ми се излегуваше надвор. Ама затоа во Хонфлур во Франција беше преубаво. Прво времето беше сончево и топло, голема благодарност до глобалното затоплување. Бродот беше на некои 15-20 минути пеш од центарот на градот. Инаку ова е мало градче со средновековна архитектура. Кога ставив на интернет фотографија од камбанаријата во центарот на градот другарка ми Али ме праша дали е ова сцена од играта Silent Hill :)
Инаку тој ден
славеа 165та годишнина од денот на морнарите и имаше обид да се сруши рекорд во
најголем број на маички со морнарски дизајн носени на едно место. Практично 99%
од жителите носеа маички со бели и темно сини или црни линии. Имаше оркестри
кои свиреа на плоштадот. Клубот на фотографи имаше изложба на фотографии од
своите членови. Видов и една комерцијална галерија која имаше голем број на
фигури од Брито, ама не беше дозволено фотографирање. Имаше и дела инспирирани
од Климт, Пикасо. Имаше дела од Анатолиј Метлан. Беше преубаво.
Наредниот ден бродот
беше во Зибруж, Белгија и имаше два автобуси, едниот возеше од брод до
пристанишната зграда бидејќи е индустриски порт а вториот автобус возеше до
Бланкенберж. Е сега интересна работа е што во тој град добар дел од продавниците
не работат во вторник а ние баш во вторник бевме таму. Работеа супермаркети,
продавници за сувенири, ресторани..
Автобусот не остави до железничката станица и од таму фативме пешки низ улиците на овој град. На почетокот сите бевме сам по сам, ама после неколку минути го видов Трој и продолживме заедно да го истражуваме ова место. Центарот на градот ко и секој центар на град, меѓутоа населбите надвор од центарот се преубави. Си викам, што ти значи со векови да ја ограбуваш африка а потоа да имаш политичари кои не крадат без усул ко нашите.
Како и да е, со
Трој стигнавме до плажата, а бидејќи тој ден беше 30 степени си помислив да не
утнавме нешто, вакви плажи и време има на карибите, не во Белгија... Да знаев
ќе понесев алишта да се фрлам во океанот малку во плиткото. Како и да е, со
Трој видовме куќарка покрај плажата и на неа пишуваше вафли и чурос. Му викам
на Трој, кога сме во Белгија, ќе јадеме вафли и земавме по една вафла со
нутела. Беа превкусни.
Во Амстердам бев
ИПМ и мое единствено излегување беше до паркингот на пристаништето. На бродот
дојде техничар од Ксерокс за еден од принтерите и по иницијалната проверка на
принтерот ми кажа дека ќе треба два пати да иде до кола да земе резервни делови.
Му реков не бери гајле, доаѓам со тебе и во едно одење понесовме се што му беше
потребно за да го среди принтерот.
На последниот ден
на море гостите не победија со само 100 поени разлика. Дали Трој лошо броеше
или гостите навистина не победија, не знам, не е ни важно. Важна е забавата.
Во Берген бевме три дена. Првиот ден излегов со Енџиин да шетаме без некоја цел или намера. На пола пат таа ми спомна дека имало некое интересно студио за пирсинг и тетоважи. Да е жив и здрав гугл мапс веднаш го најдовме. Попат одевме по една тесна уличка и таа ми вика не се чувствува безбедно. Ѝ реков дека Норвешка е една од најбезбедните земји во свет. Таа ми кажа дека не е битно, црнкиња е, никаде во светот не е безбедна кога оди низ тесна уличка.
На влезот на
студиото имаше две собички една од лева и една од десна страна, лево за
пирсање, десно за тетовирање. Енџиин ме замоли да излезам од собата додека се
консултура со пирсинг мајстроот. Совршена прилика за тату уметникот да
искоментира дека не ми е вистинска пријателка на што јас целосно се согласив со
него и двајцата мрчевме против неа додека пирсинг мајсторот ја затвораше
вратата од неговото сопче. Додека тој тетовираше една девојка си правеме муабет
за бродот и слични работи. На крај таа не стави нов пирс па тргнавме назад кон
бродот.
Попат влеговме во
7-11 ама се беше скапо и не купивме ништо, ама веднаш до 7-11 имаше Старбакс и
ѝ реков дека морам да влезам, од љубопитност. Сезонски пијалак беше банана лате
кое го порачав додека Енџиин порача некој од чаевите. Вкусот на банана латето
ме потсети на крем бананките. Ни на крај памет не би ми паднало такво нешто, ама
беше навистина вкусно.
Вториот ден имавме
смена на гости и во еден момент ме оставија сам со момците и девојките што ги
чекираа гостите што малку ме измори па паузата ја искористив за дремка. Вечерта
отидов во кино. Енџиин не беше расположена за излегување бидејќи немаше
соодветна јакна, плус тоа таа сакаше да го гледа Мортал Комбат кој јас веќе го
видов така да повторно колеги од брод ме извисија за во кино.
Берген Кино за мене беше пријатно изненадување во секој поглед. За почеток, пуканките се изложени го термо комори, изгледаат како фрижидери само што наместо ладење имаат греење. Кока колата за жал беше во пластични шишиња од пола литар, ама тоа беше единствена моја забелешка. Си земаш се што ти треба, си плаќаш на каса. На каса можеш да си купиш и карти за филм. Е сега работа што не ја знаев е дека Берген Кино има две згради една до друга па откако купив пуканки, сок и карта морав да излезам надвор и да одам пешки до другата зграда.
Тука додека чекав
да почне филмот ме виде круз директорот Роберт кој дојде да го гледа
Мандалоријан. Интересното беше што тој тука купи карта за да оди во зградата во
која јас купив карта за да го гледам Мајкл. Наредниот ден споделувавме
импресии. Испадна дека малите кино сали се во едната зграда а големите се во
другата. Како и да е, салата во која го гледав филмот за Мајкл Џексон беше
предобра. Платно, звук, најнова технологија наместена до перфекција. Седиштата
беа со кожа од врвен квалитет и со голем простор за нозете. Само во едно кино досега
сум имал подброд искуство, ВИП киното во Бока дел Рио каде што покрај ова што
го пишав за Берген Кино, има и копче за да повикаш келнер и тој да ти донесе
пуканки, сок, суши...
Филмот за Мајкл е
одличен. Го опфаќа првиот дел од неговиот живот и завршува пред да почне
контроверзната фаза од неговиот живот. Правен е да можат и деца да го гледаат.
Мене ептен ми се допадна. Се осеќав така малце како потресен :)
На враќање назад
беше сабота околу полноќ и бидејќи не врнеше дожд сите беа излезени по барови,
ресторани и клубови. Следниот пат тука морам да отидам во рок бар или нешто
слично.
Последниот ден
врнеше дожд и не излегов надвор.
Од активности за
вработените, заврши фото конкурсот и победник беше Анастасија, втор пурсер на
бродот која имаше преубава фотографија која што ја направила качувајќи се кон
тврдината во Котор во време кога цветаат дрвата. Кога ја видов нејзината
фотографија си реков дека најверојатно оваа фотографија ќе победи на изборот и
така и испадна. Јас имавме фотографија од Малага од човек кој трча по булеварот
од пристаништето кон градот.
Имавме две спа
ноќи ама јас отидов само на една.
Имавме и вечера во чест на вработените. Овој пат не фотографирав бидејќи не е интересно ако секоја ваква вечера ја фотографирам. Бидејќи касно се пријавив да служам испадна да бидам на прасето во вториот дел од вечерата. Иако не планирав да јадам и да пијам на крај испадна да изедам многу тркалца суши и да испијам две пива. Не по моја вина, пивцето лизгаше мх, мх, мх...
Обично не пишувам
за работа во дневников, ама успеав да направам попис на сите шкафчиња и
магацини каде што чуваме опрема. Давид кажа дека планира да ми прави обука за
менаџер што и почна да го прави на почетокот на следното крстарење.
И за крај да
напишам дека ме имаше во ЦрноБело на насловна страна. Објавија статија за мене
и Клаудија со наслов: Љубовната приказна на Тони од Македонија и Клаудија од
Мексико: „Се запознавме на брод, ја обожава градината на мајка ми“








Comments
Post a Comment