Викингшки дневник бр. 34 – Го видов Лондон

Во овој дневник ќе пишувам за пловењето од Берген до Лондон околу Велика Британија. Видов неколку места по три години пауза а потоа конечно го видов Лондон после неколку летања преку Хитроу.

Прво пристаниште беше Лервик на Шетландските острови. За жал бев ИПМ па не можев да излезам, а ни времето не беше нешто посебно. Во Абердин не пречека исто време па си ја земав зимската јакна и се качив во шатл бусот. Таму ги начекав Лили и Енџин па од местото каде што застана шатл бусот заедно тргнавме пешки кон трговскиот центар. И женски ко женски влегоа во продавница за козметика па им реков ајде можеби ќе се видиме на патот назад накај брод. Трговскиот центар е средна големина, со регуларните продавници за Шкотска. Големата спортска продавница беше за кампинг опрема. Главен настан ми беше купувањето коста кафе со некаков крем од лешници нешто а-у... Не беше лошо, ама морав да го пробам од љубопитност.

Во Њу Хејвн на брод дојде техничар за да го поправи големиот ксерокс принтер и во тендер бротчето накај копно падна муабет за Црна Гора и останати фини места околу Македонија. Тука само влегов во Асда да си купам витамини, минерали, протеини... Во тендер бротчето за назад го видов Роберт, ми кажа дека бил во кино да го гледа новиот филм за Хи-Мен и дека му се допаднал. Според мојот распоред јас најверојатно ќе го гледам кога ќе стигнам во Мексико заедно со Клаудија...

Кога стигнавме во Кирквол со Давид се шегувавме со колегите што никогаш не биле тука дека тука нема ништо, дури ни овци :) Како и да е, решив да излезам и ми текна дека тука бев неколку пати со бродот Norwegian Dawn. Направив една фотка од катедралата за на фејсбук и тргнав накај Лидл ама бидејќи еден до друг се Лидл и Теско, решив да влезам во Теско, да видам што има таму. Испадна дека има скоро се, вклучувајќи и Black&Decker алати на попуст. 

Се мислев дали да фаќам шатл бус или пешки да оправам некај брод, ама ме фати мрза и влегов во бусот. Таму разврзав муабет со Чарлс, гостин од Калифорнија кој излегол од брод само со неговиот Nikon апарат, телефонот го оставил на брод. Ме потсети на времето кога јас работев како фотограф на брод, само што јас и телефон и апарат, се оставав на брод, само новчаник носев со себе. Некаде на пола пат почна да врне како од кофа. Видов неколку момци од бродот како одат пешки и си реков дека направив правилна одлука да се качам во бус.

Во Улапул бев ИПМ па мое следно излегување беше во Белфаст. Тука во шатл бусот ја видов Наталија од Перу. Таа ми кажа дека тука имало некој мошне интересен бар и дека мораме да влеземе таму да пиеме Гинис. Барот се вика The Whites Tavern и е речиси 400 години стар. Од надворешна страна единственото ново нешто е нов слој бела боја на фасадата. Внатре е зачувано колку што може постаро. Беше полно со луѓе ама седнавме на шанк па направивме два-три реда муабет со шанкерот. Од тука прошетавме наоколу по продавници без да купиме ништо и тргнавме назад накај шатл бусот, ама се разделивме кај Зара, нормално таа влезе внатре а јас се качив на бус.

Во Ливерпул излегов со Енџин. Прво нешто што забележав е дека некои продавници во трговскиот центар се сменети. Големиот Футлокер каде што купив Air Jordan 13 сега е Сефора. Продавницата за колекционерски патики сега е нешто сосема трето. Одејќи накај Футлокер, Енџин застана во продавница за козметика и ми кажа да ја чекам во Футлокер. А таму го видов Луис па не ми беше досадно додека ја чекав нејзе. Како и да е, Луис потоа не напушти а ние тргнавме да каснеме нешто од Џолиби кое што за жал беше преполно па влеговме во Грегс. Кога бевме во Абердин Лили зборуваше како Грегс и е омилена пекара. Во Ливерпул Грегс не не воодушеви мене и Енџин.

Во Холихед излегов само до фри шопот на терминал бидејќи времето не беше ветувачко и ме мрзеше да излегувам. До фри шопот излегов во униформа само за да и правам друштво на Енџин и на крај исто како и во Сан Хуан, испадна да потрошам повеќе пари од неа. Купив едно виски кое што беше малку поскапо ама изгледа ветувачки. Дечкото (мој врсник отприлика, работел на MSC на времето) ни даде да пробаме малку од вискито што го купив и испадна дека е добро од пластична чаша, можам да претпоставам како ќе биде од стаклена.

Во Дан Лири Давид отиде во Даблин на екскурзија да проба автентичен Гинис а јас останав на брод бидејќи бев ИПМ. Потоа следеше ден на море и бидејќи имаше многу работа посабајлечки успеав да фрлам само еднаш во втората рунда од Баго. Во Довер ме мрзеше да излегувам.

И стигнавме во Гринич, населба во Лондон. Тука бродот застанува на сред Темза и со скипер бротче се пренесуваат луѓето од мини терминалот на сред река до терминалот на брегот. Бидејќи стигнавме околу пладне беше многу гужва за време на мојата пауза па излегов после работа бидејќи и онака касно се стемнува. Во Гринич има неколку паркови, а оној до пристаништето е многу голем, многу е убав и има многу липи. Се потсетив на детството кога мајка ми ми вареше чај од липа. По речиси саат време пешачење стигнав до мало езерце па тргнав назад ама овој пат по друг пат. По пат видов куќа стара 300 години. Видов MG старо повеќе од 50 години. Пред да фатам скипер за накај брод влегов во продавница и да не бидам сомнителен купив чоколадо кедбери и фанта. Фантата испадна 2,20 фунти. Сега ги разбирам англичаните зошто пијат колку што пијат. Па повеќе ти се исплати да пиеш пиво од три фунти отколку да дадеш 2,20 фунти за фанта.

Наредниот ден имавме смена на гости па со Давид, Ребека и Керол тргнавме да спремаме за новите гости на терминалот на копно. Откако спремивме се, Давид кажа дека имаме пола саат слободно време па отидовме на кафе во Коста. Овој пат си земав капучино во голем филџан, моето омилено.

Вечерта после 9 години отприлика повторно го видов другар ми Стефан. За ова може да се пише посебен дневник, па да почнам со ред. Стефан оригинално го запознав преку мајка му Македонка која ми беше колешка во ТендерНИК. Последен пат кога го видов ми кажа дека заминува за Лондон за стално. Од тогаш единствено гледање ни беше стискање лајкови на фејсбук и инстаграм.

Излегов малку порано од работа, ама прво чекав скипер 15 минути. Потоа чекав Убер уште 10тина минути. Кога конечно влегов во кола се возев уште саат време до барот каде што Стефан кажа да се најдеме. Возачот на убер беше роден во Бангладеш ама веќе долги години живее во Лондон. Си направивме пријатен муабет за многу работи, крстарења, одмори, семејство. Ми даде препорака следен пат да земам Убер од пристаниште до Тауер Бриџ и потоа да се вратам пешки назад ако сакам да го видам вистинскиот Лондон. Пред да стигнам до барот поминавме низ Сохо каде што се изненадив од тоа колку многу Астон Мартин автомобили има паркирано наоколу.

Кога стигнав Стефан ми пиша дека не е таму, туку е во друг бар 5 минути пешки од таму. Местото се вика The Hart и е на два ката. Долниот кат е бар а горниот е ресторан. Седнал тука да јаде вечера додека ме чека. На масата со него седнале неколку луѓе што ги знае и не ги знае па испадна да седиме со купче жени од Ливерпул кои се преселиле во Лондон.

На горниот кат имало некои глумци од Холивуд, една од девојките кажа дека еден од нив и е омилен глумец. Јас поим немам кој е човекот, ама Стефан кажа дека ќе проба да ја прошверцува горе. По 15 минути се вратија и Стефан кажа дека обезбедувањето од барот го погледанало попреку иако е редовен муштерија а обезбедувањето на глумците било уште пострашно па се вратија двајцата доле. Во 10 келнерите кажаа дека ги затвараат надворешните маси, ама една од девојките успеа да влезе во сепаре па сите се префрливме таму.

Стефан сепак сакаше да ми го покаже оригиналното место па станавме, дрмнавме по едно пиво на нога и тргнавме кон The Marylebone. И тука дрмнавме по пиво или две, си напраивме раат муабет и тргнавме накај дома. Тој кажа дека ќе ме почека додека да дојде Убер а потоа ќе земе електричен точак накај дома бидејќи му е најисплатлива опција. Јас бев премногу уморен за да се враќам со јавен превоз назад па ја отворив апликацијата и видов само еден достапен возач. Стефан кажа дека презимето му звучи познато, на времето играл баскет со дечко со исто презиме па кога стигна шоферот го праша од каде е и кога тој кажа Бугарија, само се поздравивме и јас влегов во кола.

Човекот е веќе долги години во Англија и обично вози резервации со тур оператори ама понекогаш вози и убер, е сега бидејќи вози Мерцедес ЕС класа возењето со него е дупло поскапо, ама тоа е... ГПС-от од апликацијата го однесе до Коста кафичот, ама му реков дека е ОК, ќе се снајдам од тука и фатив со трчање назад накај терминал и за среќа го стигнав скиперот во 1 наутро накај брод.

Уберот го поврзав со НЛБ картичката а во баровите плаќав со Брајтвел и наредниот ден отворив да видам колку пари сум потрошил. Испадна дека сум потрошил рамно 100 евра на Убер (со се бакшиш) и нешто над 40 долари на пиво (а не ме ни фати). Да го видам Стефан после миљон години, бесценето. Следниот пат бродот ќе биде во Лондон во септември и ќе го терам да идеме на поефтини места :)

Овие две недели имаше и многу активности на бродот. Најбитните Светското првенство во фудбал и денот на независноста на Филипини.

Вечерта после посетата на Кирквол имавме дегустација на вино за вработените. На Алехандро му кажав дека не се запишувам на листата ама ќе дојдам бидејќи сум сигурен дека од 30 пријавени барем 10 нема да дојдат. За разлика од Марс каде што имавме само три вина и еден вински стјуард кој ја водеше дегустацијата, овде имавме 4 вина, мешано сирење и овошје и 4 вински стјуарди кои презентираа по едно вино. До мене седеа Давид од една страна и Даниел од друга па паднаа интересни муабети за време на дегустацијата. Заклучок на крај на настанот, винскиот стјуард од Марс, еден мошне интересен аргентинец од ништо направи нешто, додека момците на Сатурн имаат уште да вежбаат. Се останато на Сатурн беше многу подобро. Голема благодарност до Алехандро и мојот цимер, Сомелие Гарт кои го организираа настанот.

Вечерта после посетата на Ливерпул имавме СПА вечер и добар дел од времето поминав во џакузито со Алехандро, Мишел и Ојвинд (кадет од Норвешка). Мишел е ѕверка, наскоро заминува на одмор, ќе фали на бродот.

Вечерта после Довер имаше прослава на 128 години независност на Филипини. Почна со вечера во мензата и потоа со забава во магацинскиот простор бидеќи во кру бар беше премногу ладно за забава. Ралф и Кристал ја пееја химната. Еден од момците што работи во центарот за рециклажа на брод рецитираше некаква молитва. Мишел држеше говор а по нејзе и Бертран одржа краток но инспиративен говор. На крај Томас го исече првото парче од тортата со знамето и имавме вечера.

Дора ме праша дали може да го користи мојот апарат на што јас само и кажав, нормално да, само треба да знае дека има едно копче за фокусирање а друго за фотографирање и ја пуштив да се забавува. Наредниот ден бев пријатно изненаден од фотографиите што ги направи таа.

Потоа се префрливме на забавата каде што првин настапуваше бенд составен од момци и девојка од различни оддели кои беа океј по што дојде бендот кој ги забавува гостите и журката живна, ама јас бев веќе уморен и тргнав назад во кабина.

На оваа забава јас носев дрес од Мексико а истата вечер Мексико играше против Јужна Африка. Бијдеќи Мексико победи 2-0 сите јужноафриканци ми беа лути зашто носев дрес од Мексико ама им викав дека не е мој избор, жена ми е од таму :)

Две вечери подоцна изгледав и фудбалски натпревар, Холандија против Јапонија 2-2. Во кру барот, ресторан менаџерот Каталин го поврзува својот лаптоп на телевизорот таму и пушти стрим. Со Давид испивме по неколку пивца и си реков дека после ова се ставам на детокс во следниот период.

Следното крстарење е со обратен распоред од ова што значи две недели од Лондон кон Берген.

Comments