Викингшки дневник бр. 37 – Повторни средби со драги луѓе

Овие две недели патувавме од Стокхолм назад за Берген и овие две недели видов дури три стари другарчиња, па да почнеме со ред.

Прво пристаниште беше Талин. Овој пат само излегов да побарам трговски центар да купам витамини, минерали... Времето беше тмурно, облачно, но не врнеше, ама беше како во цртаниот филм „По патот со облаците“. Центарот на Талин е многу убав и луѓето се убави. За жал продавниците се копи/пејст од останатите портови. Интересно ми беше тоа што кога се враќав назад кон бродот во исто време тргаше нова група на екскурзијата „Советски флешбек“ само што овој пат беа со сино-бел автобус кој нормално, 100 метри по поаѓањето „се расипа“ па водичот извади неколку гости да го поттурнат да запали :)

Следеше ден на море кој за разлика од претходниот пат, овој пат морето беше мошне мирно. Во Гдањск бев ИПМ.  Во Роне видов дека има Лидл и си реков ајде да видам што може да се најде таму. Маркетот е на 2 километри од пристаништето и нема ништо туристичко попат. За среќа овој пат времето беше убаво. Сите локалци беа по кратки ракави излезени. Во Лидл видов и купив Бананко, крем бананите од Краш и купив Домаќица колачиња. На враќање назад видов мало езерце па застанав малку на видиковецот на работ на езерцето. Мир и хармонија за неколку минути пред да продолжам назад кон бродот.

И во Варнемунде првата од средбите во насловот. Бевме докирани заедно со Oceania Sirena. Направив интересна фотографија од бродот со телефон и си реков ајде на следната пауза ќе направам фотографија со апарат, да не трчам низ брод цело време. И после тоа времето се расипа... Како и да е, бев договорен да се видам со Кристин од Тенеси со која заедно работев на Norwegian Dawn додека и двајцата работевме за Парк Вест.

Се најдовме позади железничката станица и оправивме накај плажата. Бидејќи е петок и лето имаа некакви игри и спортски натпревари. Ние двајцата по долги ракави :) На враќање влеговме во Captain’s Schnitzel бидејќи јас бев гладен. Во Македонија, а и на брод шницлите се со горе доле слична големина. Овде шницлите се гоооолеми, колку цела чинија, плус сосови и додатоци, плус помфрит...  Морам да напишам дека беа шницлите беа вкусни, не дека бев гладен, туку навистина беа одлични.

Со Кристин си направивме муабет за тоа како ни е на сегашните компании на кои што работиме. Предноси, маани... Портови кои ги посетуваме... Општо за животот...

Во Копенхаген се случи втората од средбите. Кога работев на Independence of the Seas имавме шест музички чартер крузеви. Еден од нив беше мојот омилен 70.000 тони метал. И како на секој метал фестивал имаше многу работи на продажба од бендовите и од фестивалот. Лидер на тој тим беше Робин од Тампа, Флорида. Ова лето е на европска турнеја со Биохазард. Не ја прашав, ама изгледа овој пат имаше многу побитна организациска улога.

Како и да е, кога излегов од бродот фатив пешки и прво поминав покрај статуата на Малата Сирена. По сплет на околности досега ја немав видено, а Сатурн беше докиран многу блиску до неа. Кога стигнав до местото каде што Биохазард требаше да настапуваат истата вечер успеав да ја украдам Робин на пет минути од нејзиниот тим. И кажав дека сум на нов брод и со нова улога и дека би сакал да присуствувам на концертот, ама за жал бродот заминува кон Осло. Направивме селфи и ја оставив да работи а јас тргнав назад кон бродот по заобиколен пат.

На тој заобиколен пат видов интересни продавници. Продавници во кои пазарат артои чоече луѓе, геј продавница и продавница за колекционерски патики. Имаше некои мошне интересни парчиња ама она што навистина ми се допадна и подоцна го купив беше приврзок за клучеви Air Jordan IV BRed. Кога се вратив назад на брод земав кутија многу поголема од приврзокот и го ставив во неа и ја оставив кутијата пред компјутерот на Брент. Во Осло тој заминува на заслужен одмор и мислам дека најдов одличен подарок за него. Подоцна кога се видовме ми кажа дека ептен сум го погодил во срце бидејќи тие се неговите омилени џорданки.

Наредниот ден бевме во Алборг и се докиравме ама бев ИПМ. Ама затоа во Осло излегов два пати. На попладневната пауза излегов со Енџин да и помогнам во барањето некои работи. Ја оставив во продавница за козметика во трговскиот до железничката и отидов во продавница за спортска опрема и се вратив назад а таа уште не беше завршена со шопингот. Подоцна на работа имаше драма со генералниот менаџер Роналд па после работа излегов да прошетам да си ја избистрам главата. Се качив на операта па фатив заобиколно назад на брод.

Во Ставангер времето не беше убаво па не излегов. Во Еидфјорд  ем времето беше променливо ем бев ИПМ. Првиот ден во Берген на попладневната пауза излегов со Енџин да и помогнам у навигација у време и простор. Бевме до трговскиот центар Галерија каде што овој пат таа не купи ништо а јас купив електролити од супермаркетот. Потоа јас оставив пред една голема продавница за алишта со изговор дека морам назад на брод и дека таа нема да се изгуби попат. Вечерта не излегов до кино бидејќи опциите ми беа Одисеја, Супергрл или филмови што веќе ги имав видено и хорор филмови, а јас не сум по хорор.

Вториот ден се случи третата средба од овој дневник. Столе го знам скоро десет години, ама нашата вистинска дружба почна на почетокот на 2022 кога заедно летавме кон Марсеј за еден драј док. Три дена патувавме од Скопје до Марсеј и после бевме и цимери три недели. Тој е моментално на бродот Aida Prima кој исто така беше во Берген, ама докиран од другата страна на центарот на градот. Бидејќи не му работи телефонот во Норвешка предложи еден ресторан блиску до неговиот брод. Е сега бељата беше што времето навистина се расипа, врнеше дожд, дуваше ветер... А јас само со водонепропустлива јакна и до некаде океј чизми Док Мартинс. Уште по пет минути пеш веќе ми се намокрија фармерките, ама и да врне и да вее и бура да коси, јас бев договорен со Столе.

После 40 минути пеш се најдовме пред затворен ресторан. Местото отвора во 3 попладне. Бидејќи беше сабота скоро сите интересни места отвараа подоцна. За среќа ирскиот паб до театарот беше отворен па седнавме таму на по едно пивце. Се измуабетивме за тоа што ни се случувало изминатите две години. Ми кажуваше колку му е погоден бродот на кој што е моментално. Направивме нацрт договор за следната наша средба и тргнавме назад кон своите бродови. Колегите од Сатурн кога ме прашуваа што сум правел им кажував дека имав автентично Берген искуство додека се видов со другар ми од Аида :)

Последниот ден излегов за да го пробам славниот хот дог со месо од елен. Има една сендвичара која што ја има на сите травел сајтови и блогови. Кога стигнав таму редицата беше 30тина метри па се свртев накај рибниот пазар. Помеѓу тезгите со свежа и преработена морска храна има две места што служат хот дог со месо од елен. Дечкото што работеше таму ме праша дали сакам пипер и кромид и јас му реков само кромид. Колбасот беше вкусен, пријатно изненадување. Кромидот беше без вкус.. Потоа ми текна дека во Норвешка од зеленчук само јагодите им се океј, ама веќе беше касно.

На враќање накај брод земав едно лате од кафеав шеќер од Старбакс. Имаат нова крема што ја ставаат на кафињата. Кафето беше онака... океј. Кремата е одлична.

Од активности на брод имавме тим активност во мензата после работа. Менаџерката на рецепцијата имаше организирано некакви игри. Се поделивме во два тима по случаен избор и беше мошне забавно. Поводот беше тоа што ова беше последно крстарење од договорот за Енди, Дора, Брент и Карен.

Имавме и дегустација на вино. Повторно четири винца, две бели и две црвени. Овој пат презентер беше бар менаџерот Сер Едгар од Ланселот или меѓу вработените познат како Папи. Не сум бил на многу дегустации ама мислам дека оваа беше најдобра до сега. Папи е вистински познавач на виното и одличен презентер. На масата на која седевме јас и Давид имаше три сета па на крај третиот сет го поделивме, бели за мене, црвени за него :)

Мајк, пејачот од театарот ме замоли ако може да го фоткам него и неговиот тим додека настапуваат на сцена. Роберт ми кажа дека може ама ако се скријам кај техничарите. За да нема никакви забелешки го ставив апаратот во торба за алат. Фоткав со објективот 150-600 кој што ми беше сосема океј за неколку настани на Марс, ама за овде ќе беше многу подобро ако го носев 70-200 кој ми седи дома. Не го земав со мене на брод бидејќи и онака ранецот ми е претежок. Како и да е, јас сум задоволен со фотките, кога ќе му ги ископирам на Мајки ќе чујам мислење од него и неговиот тим.

Следното крстарење е 12 дена до Рејкјавик. Малку Норвешка, малку Фарски Острови и малку Исланд со по некој ден на море измеѓу. Како ќе биде ќе пишам во следниот дневник.

Comments