Викингшки дневник бр.38 – Ги видов Фарските Острови

Изминативе 12 дена патувавме од Берген кон Рејкјавик и патем застанавме на Фарските острови. Во меѓувреме се прашував дали сум на иста планета со остатокот од Европа бидејќи имаше денови кога температурата беше под 10 степени додека на интернет ми излегуваа статии за високи температури и пожари.

Прв порт беше Флам каде што бев ИПМ па мое прво излегување надвор беше во Олесунд. Прво влегов во азиски супермаркет каде што меѓу другото видов и ајвар, ама на крај купив само Јакобс кафе 3 во 1. Потоа ја видов Ана од шорекс па со неа баравме по продавници ракавици и капи за нејзиниот тим. Во една продавница ни рекоа дека сега летната роба им е изложена на што јас и Ана се погледнавме меѓу себе и си помисливме дека нивното лето е поладно од нашата зима.

Во Гејрангер времето беше многу врнежливо и користевме тендер бротчиња па ме мрзеше да излегувам надвор. Единствено што направив беа фотографии од водопадите кои ги направив од кру-барот.

И за прв пат во мојот живот отидов во Торсхавн, главниот град на Фарските острови. Бидејќи терминалот за крузери им е во изградба со автобус не префрлија до терминалот за траекти од каде што тргнав нагоре по еден од ридовите. Она што ме изненади бев покривите на куќите со трева. На враќање назад кон брод го сретнав Дарко и тој ми кажа дека на времето имало и во Македонија куќи со трева на покривите. Јас знаејќи ја климата во Македонија го прашав каде имало такви куќи? На Шар Планина? И тој кажа да, на планините...

Инаку пред да одиме кон Фарските острови YouTube каналот Geography Now имаше објавено видео снимено на Фарските острови кое по сплет на околности го изгледав дури откако стигнаве во Исланд, ама сепак ми даде неколку идеи што да барам следниот пат кога ќе бидеме таму. Единствена беља е тоа што имам малку време па нема да можам да видам се.

Пред и после Фарските острови имавме ден на море.

Прво пристаниште на Исланд беше Сејдисфјордур. Јас бев ИПМ. Оригиналната сестра Бактерија замина на обука во Осло по што заминува на заслужен одмор. Остатокот од семејството Бактерија се фоткаа покрај водопадот што е блиску до пристаништето.

Во Акурејри ме мрзеше да излегувам надвор. Измрзнав додека имавме вежба за евакуација па мојата желба за излегување надвор исчезна. Излегов во Исафјордур. Бев до супермаркетот и назад. Во Супермаркетот имаа 50% попуст на Powerade па купив неколку шишиња и се вратив назад на брод. Попат повторно го сретнав Дарко па си направивме фин муабет за S.U.N. Project на чиј концерт бев на саем пред 17 години.

Првиот ден во Рејкјавик не послужи убаво време. Излегов малку порано од работа за да го фатам шатл бусот во еден кој за жал не дојде па на крај се качив во тој во еден и пол. Барав да купам УСБ стикче за Каши, ама не можев да најдам каде се продавниците за електроника. Поминувајќи покрај еден хотел фатив бесплатно ви-фи и гугл мапс почна да работи на телефонот. Во меѓувреме и пишав на Еванџелин со која работев на Norwegian Dawn да ја прашам на кој National Geographic брод работи бидејќи видов еден докиран во центарот на Рејкјавик. Нејзиниот одговор го видов дури кога се вратив назад на Сатурн и за жал не се видовме.

Одејќи накај продавницата за електронска опрема поминав покрај најмалата црква која ја имам видено досега. Интересно е дека е руска православна црква и е посветена на Свети Никола.

Во продавницата УСБ стикчињата беа или со мал капацитет или многу скапи. Надворешните хард дискови беа изгор скапи па на крај купив едно стикче од 64 гигабајти. Ваљда ќе ѝ биде доволно. На враќање назад се мислев дали да чекам шатл бус или да одам пеш, и бидејќи времето изгледаше океј фатив пеш назад до брод. Наредниот ден ќе ме боли левиот глужд, ама тоа го дознав наредниот ден.

Вечерта се договорив со Роберт да одиме до кино и да го гледаме новиот Spiderman филм. Давид ми препорача да си купам карта онлајн, ама со Роберт не ми беше 100% сигурно па решив да купам карта во киното. Во меѓувреме тој ја најави и потоа ја одјави Грета Саломе. Јас го гледав нејзиното шоу од мојата соба. Исто е ко лани. Единствена измена е што сега е бремена со нејзиното трето дете. Остатокот од шоуто беше целосно идентичен со шоуто лани.

Конечно излеговме од брод и тргнавме кон киното. Вечерта веќе почна да роси, ама не беше страшно. Пола саат пеш поминаа мошне брзо бидејќи Роберт е пријатен човек за разговор. Кога стигнавме во киното направивме селфи пред големиот постер додека чекавме ред за карта. Кога стигнавме на ред ни кажаа дека апаратчето за кредитни картички не им работи и дека можеме да купиме карта или со исландски круни кеш или со директен трансфер на сметка.

Роберт отвори гугл мапс и виде дека најблискиот банкомат е на еден километар од киното по што решивме да се вратиме назад на брод. За него ова беше последен ден на работа, наредното утро замина на заслужен одмор. Цел договор одевме на кино ама во различно време или на различни филмови и кога конечно решивме заедно да одиме на кино не не послужи среќата, така да повеќе среќа некој друг пат.

Од активности за вработените имавме Crew Appreciation Dinner на која служев сладолед во првата смена заедно со Ејми од шорекс. Потоа фоткав со мојот никон апарат. Овој пат ја носев мојата Huntrix маичка и добив многу комплименти. Очигледно филмот K-Pop Demon Hunters има многу фанови на Сатурн.

Следното крстарење е во обратна насока, од Рејкјавик кон Берген и ќе биде последно за Давид и многу други луѓе во овој договор по што заминуваат на заслужен одмор.

Comments