Викингшки дневник бр.43 – Одам на југ
И во последниот дневник од овој договор патувавме од Лондон до Тарагона (мало гратче јужно од Барселона). Попат ја видов Синтија, мојата другарка од првиот договор на брод воопшто. Ја запознав и Џој, ќерката на Џермејн и Ширлин. Па да почнам со ред.
Прво пристаниште беше Л Хавр, на северот од Франција. На гугл мапс видов дека има трговски центар на пола саат пеш од пристаништето и му кажав на Нурило дека морам да излезам за да купам патики за внуците. Времето беше пријатно, сончево. Си викам, аххх... ќе имам убаво време пред да си одам дома. Во трговскиот центар имаше четири продавнци што продаваат патики и имав чувство дека од ист магацин набавуваат роба. Видов патики какви што сака Јована, ама немаше број и на крај купив патики кои беа многу слични со првите. Си купив кафе и тргнав назад кон брод.
Во Бордо стигнавме околу 2 часот попладне. Мошне убаво пристигање во порт имавме. На реката низ која пловевме има голем мост на кој средниот елемент целосно се крева нагоре. Нешто што немав видено досега во животот. Првата вечер Нурило излезе да шета додека јас излегов следниот ден. Тргнав пак да барам патики, ми остана уште Марко да го опремам.
Центарот на Бордо
е прекрасен. Мислам дека е најубавиот француски град што досега го имам видено,
и се сомневам дека ќе видам поубав. И луѓето се убави. И имаат лозници низ сред
град. Не за џабе се вински центар на Франција и можеби на светот. На одење
назад накај бродот од мала улична пекара земав пита со јаболка. Бидејќи не
зборам француски а и продавачката не збореше баш англиски завршив со огромна
пита спакувана во картонска кутија.
Во Билбао се
задржавме многу кратко. Во 1 попладне требаше да сме веќе на брод а мојата
пауза започнува во 12:30 така што мое следно излегување беше во А Коруња. Тука
излегов со Каши и првин бевме на плоштадот каде што направив неколку фотографии
за да има нови фотки за објавување на интернет. Потоа тргнавме да бараме
супермаркет што има алкохол и што е отворен. Бидејќи беше празник тој ден во А
Коруња многу работи беа затворени. После повеќе од пола саат пешачење влеговме
во Шпар и Каши купи скоро се што и требаше. Јас не купив ништо бидејќи наскоро
си одам дома.
На враќање назад земавме убер. Е сега, на убер ја имам оставено мојата НЛБ картичка која е блокирана од УЈП, ама за среќа имаше опција и со кеш да платам. Кога стигнавме назад девојката што не возеше во својата Тесла 3 бараше да и платиме во евра, а ни јас ни Каши немавме евра во нас. Јас сакав да ѝ дадам 10 долари, ама таа инсистираше на евра. Јас и покажав денари и таа кажа, океј, не мора да платиме. Јас сепак и оставив 20 долари. Пред да се вратиме на брод земавме по еден сендвич во Мекдоналдс каде што видовме неколку вработени од бродот :)
Во Порто не ми се
излегуваше надвор бидејќи интересните работи беа далеку од пристаништето, ама
по ова следеа два и пол дена во Лисабон. Првиот ден на брод дојде мојата другарка
Синтија со која заедно работев на мојот прв брод. Од сите мои другарчиња од
бродови, испаѓа дека со нејзе најчесто се гледам (од оние што не се во
Македонија).
Таа стигна на
бродот на пладне. Бидејќи не бевме докирани на главниот терминал и беше малку
тешко да дојде до бродот, ама стигна најпосле. Ѝ направив тура низ бродот од
кру мес до кру бар. Највеќе ѝ се допаднаа chocolate chip cookies и ми побара
рецепт.
Вечерта после работа излегов и се договоривме да се најдеме во FNAC од каде што ќе продолжиме понатаму. Првин отидовме на паштел де ната во Тајмаут. Потоа отидовме во еден бар ресторан каде што имаше само 3-4 туристи, другото беа се локалци. На телевизор имаше фудбал и таа ми кажуваше дека директорот на една од фирмите каде што работела бил во управата на Спортинг. Исто така ми кажа дека тоа е тимот на богаташите, обичните луѓе навиваат за Бенфика :)
Наредниот ден
имавме смена на гости и плус бидејќи бев уморен од претходниот ден не излегов
надвор а третиот ден во Лисабон заминавме порано од планираното. Доброто тука
беше што го видов делот од Лисабон каде што сега живее Синтија па ако доаѓам и
имам повеќе време да знам каде да одам :)
Во Кадиз повторно
излегов со Каши надвор. Овој пат таа излезе пред мене надвор па се баравме по
плоштадот блиску до пристаништето. Ѝ кажав дека морам да одам до музејот каде
што бев со Клаудија пред 4 години за да видам една слика. Додека таа пушеше
цигари надвор јас набрзинка се качив до вториот кат од музејот за да видам дека
ја смениле графиката од Жоан Миро.
Пред 4 години имаше друга графика и Клаудија се обидуваше да ја протолкува и да види што се има на сликата. Јас и реков Андре Бретон кажал за Миро дека е најнадреален од сите и дека нема ни да се обидам да ја толкувам. Графиката што тој ден ја видов таму беше од лице свртено наопаку, една од поедноставните негови графики. Добра работа е што ја видов најинтересната слика од Исус Христос што ја имам видено до сега. Насликана некаде околу 1600 година од Оразио Борџијани.
На враќање назад
фативме заобиколно при што направив уште неколку фотки од Каши и седнавме да
јадеме во еден од рестораните на плоштадот каде што првично се најдовме.
Порачав стек и добив машала стек ама беше превкусен и убаво ми дојде. Стекот
беше само малку подзапечен (Raw) па Каши кажуваше шеги на моја сметка.
За во Танџиер,
Мароко беа најавени Џој и нејзината другарка Макида. Додека бев на Викинг Сии, на
Света Луција се дружев со Џермејн и Ширлин и тие ме замолија ако сум во
можност, кога мојот брод ќе биде во Мароко да ѝ го покажам бродот на нивната ќерка
која што студира медицина таму.
На нив малку им
доцнеше возот па стигнаа на пристаништето околу пладне. Е сега бељата во Танџир
е што има три контролни точки на пристаништето наместо една ко на европските
портови, и нив не ги пуштаа на првата точка. По 10 минути пеш стигнав и ги
видов како чекаа и чуварот кој не ги пушташе да поминат. Се обидував да му
кажам на англиските дека тие се мои посетители ама тој разбираше само арапски.
По неколку минути само мавна со рака и тргнавме.
Првин ги однесов
во World Café на ручек па им го покажав бродот од кру бар до кру мес. Во мензата
за офицери Аманда завршуваше со својот ручек. Ме праша каде шетам со толку
убави девојки а јас ја прашав дали се сеќава на Ширлин и Џермејн бидејќи една
од девојките им е ќерка. Таа воскликна од радост и ѝ кажа на Џој дека со мајка ѝ
го делеле татко ѝ. Вероника која што седеше со Аманда не погледна целата во
прашалници па таа и кажа дека на Марс беа најдобри другарки со мајка ѝ на Џој.
Веднаш ја побара на видео повик да ѝ покаже колку е среќна што ја запозна ќерка
и.
Во Малага излегов
со Џајнагул на која ѝ должев кафе за услуга која што ми ја направи претходно.
Со шатл бус го поминавме делот околу пристаништето и наместо десно ко што одат
повеќето луѓе бидејќи натаму е туристичкиот дел од Малага, ние тргнавме на лево
бидејќи имаше трговски центар а јас уште барав патики за Марко. Попат видовме
цвеќарници и Џајнагул беше многу среќна што ги гледа бидјеќи имаа преубави
цвеќиња.
Кога и кажав зошто одиме каде што одиме малку се налути, ама и реков кога ќе го види овој дел од Малага? Во трговскиот центар изборот на патики не беше добар па седнавме во Данкин Донат на крофни и кафе. Во Данкин го рекламираа новиот Street Fighter филм па ѝ кажував за играта и претходниот филм, за тоа како Џејсон Момоа добил улога во новиот филм...
Последно
пристаниште за овој договор беше Барселона. Во шатл бусот го видов Амила па
тргнавме заедно од автобуската станица кон Ла Рамбла. Некаде на пола пат тој
остана да јаде во еден турски ресторан а јас продолжив по патот. На враќање во size?
најдов неколку пара интересни патики, Џорданки 12, adidas zx flux…. Претходниот
ден со Брент правев муабет и му кажував дека ако видам ZX Flux некаде веднаш ќе
ги купам, ама цената од 135 евра малку ме одврати од мојата намера, плус
куферите ми се веќе преполни. На крај во Footlocker најдов патики за Марко кои
мислев дека ги нема во Македонија бидејќи не ги видов на сајтот на SportVision.
Овие две крстарења
не учествував премногу во активностите за кру. Единствено што бев во кру бар
ноќта пред Танџир бидејќи саатот го поместивме два саати наназад и кру барот
беше полн цела ноќ.
Ноќта пред тоа во
кабината на Каши со Кејтлин и ги растуравме плетенките не Каши, а друштво ни правеше и кралицата Маргарет.
Наредниот ден главниот електричар Ибрахим од Црна Гора се шегуваше со мене, ми
викаше дека сум голем фраер, сам со три жени во кабина. Му реков дека ако си со
само една женска во кабина е интересно, со три ништо не правиш на крај,
средуваш коса и си идеш у своја кабина да спиеш :)
На патот накај
аеродром, излегов прв од бродот бидејќи имав лет на пладне, сите останати беа
од 3 попладне и понатаму.
После 190 денови
на брод, можам да кажам дека сепак беше интересен договор. Запознав интересни нови
луѓе, се видов со интересни луѓе што ги знам од порано. Ги видов Фарските
Острови. Стапнав и во Мароко, ама нема да го бројам бидејќи само трчав по
пристаништето, не излегов надвор од тоа. Бев менаџер еден месец.
Кога ќе го читате
ова јас ќе летам накај Мексико да се видам со сопругата. Едвај чекам да ја
видам.








Comments
Post a Comment